БИДЕТЕ ВНИМАТЕЛНИ, ЗГОЛЕМЕН Е РИЗИКОТ ОД ПОЖАРИ! Апел до сите граѓани да се однесуваат одговорно кога се надвор
Клучен елемент за спречувањето пожари од пошироки размер е брзо откривање – јавноста да алармира на телефонскиот број 112.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги повикува граѓаните на посебна претпазливост со цел спречување на појава на пожари на отворен простор.
Министерството ја потсетува пошироката јавност во периодот кој следи да биде особено внимателна бидејќи поради високите температури ќе се зголеми ризикот од појава на пожари на отворен простор и од суштинско значење е јавноста да ја разберe опасноста, како и последиците од појавата на пожари на отворен простор и со своето однесување да придонесe кон заштита и сочувување на шумите, односно животна средина, имотите и заедниците во целина.
„Лица кои вршат активности на земјоделски површини, како и сточарите да бидат особено внимателни при извршување на активностите и да не дојде до неконтролирано палење на земјоделско земјиште и пасишта што е строго забрането со закон и претставува казниво дело“, се наведува во соопштението од МЗШВ.
Оттаму посочуваат дека пожарите на ниво на предел директно ги загрозуваат човечките животи, имот и животната средина.
Предизвикувањето пожар на отворен простор, како што велат од Министерството, е казниво дело.
Клучен елемент за спречувањето пожари од пошироки размер е брзо откривање – јавноста да алармира на телефонскиот број 112.
Од Министерството советуваат да се избегнува палење на било каков оган за време на периоди на силен ветер или суво време, како и да се најдат побезбедни методи за расчистување на земјиштето и отстранување на горливиот материјал.
Се охрабруваат сите граѓани да останат информирани и да преземат превентивни мерки за да се избегне појава на пожари на отворен простор.
Надлежните потсетуваат дека од 01.07.2025 година до 31.08. 2025 година ќе биде на снага целосна забрана за движење во шумите.
„За таа цел се повикува јавноста да ја следи и да се приклучи на Програмата за управување со пожарите на ниво на предел (lfmwb.net) во која Министерството е партнер институција и активно работи на имплементација на активности и мерки дефинирани во програмата со фокус на превенција и подготвеност во управувањето со пожарите на ниво на предел. Работејќи заедно, можеме да го намалиме ризикот и да ја обезбедиме безбедноста на нашите домови, имоти, шумите и животната средина“, се наведува во соопштението од МЗШВ.