ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ИМА УШТЕ 16.034 СЛОБОДНИ МЕСТА В понеделник е вториот уписен рок
За второто јунско пријавување има слободни 16.034 места за упис на ученици - 10.758 за настава на македонски јазик, 4.781 на албански наставен јазик, 474 на турски и 21 слободно место за настава на српски јазик. За гимназиско образование има 3.727 слободни места и 12.307 за стручно образование.
Полуматурантите кои на првото пријавување пред десет дена не се запишаа во средно образование за учебната 2025/2026, ќе имаат втора можност за упис на второто електронско пријавување в понеделник, 30 јуни. Потребната документација до училиштата ќе се доставува наредниот ден (1 јули), а ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена на 2 јули до 12 часот.
Според податоците на Министерството за образование и наука собрани од училиштата, за второто јунско пријавување има слободни 16.034 места за упис на ученици – 10.758 за настава на македонски јазик, 4.781 на албански наставен јазик, 474 на турски и 21 слободно место за настава на српски јазик. За гимназиско образование има 3.727 слободни места и 12.307 за стручно образование.
По првото аплицирање, спроведено од 14 до 17 јуни, вкупно се запишале 13.712 ученици од 16.601 пријавени. Од нив, 10.172 ученици се запишани за настава на македонски јазик, 3.248 за албански, 279 за настава на турски и 13 ученици за српски јазик.
Како и во последните неколку години, стручното образование е попривлечно за учениците, така што на првиот јунски уписен рок над двојно повеќе ученици се запишале во стручни училишта (9.469) отколку во гимназиите (4.243).
За гимназиско образование конкурсот за упис на ученици веќе е завршен во гимназиите „Јосип Броз Тито“ во Битола и „Никола Карев“ во Скопје. По првото пријавување, МОН објави информација и за училишта во кои Конкурсот за запишување ученици е завршен во стручно образование за одредени сектори/квалификации.
Согласно критериумите од Конкурсот на МОН, беше спроведено квалификациско тестирање поради поголем број пријавени ученици со исти бодови од предвидени слободни места – во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје за образовните профили медицинска сестра и забен техничар на албански наставен јазик, во СОМУ „Гостивар“ – Гостивар за медицинска сестра на албански наставен јазик и во гимназијата „Георги Димитров“ – Скопје на македонски наставен јазик.
Квалификациско тестирање на второто пријавување во јуни, доколку има потреба, ќе се организира во училиштата на 4 јули и истиот ден ќе бидат објавени конечните ранг-листи со резултатите.
За учениците кои во јунскиот рок нема да се запишат во средно училиште, следна можност е августовскиот рок во училиштата каде што ќе има слободни места. Електронското пријавување ќе биде на 21 август, а истиот ден ќе треба да се достави и потребената документација до училиштата. Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето ќе биде објавена на 22 август.