ЛОБИРАЊЕТО НА МИЦКОСКИ ВРОДИ СО ПЛОД, БЛОКИРАН АМАНДМАН ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Пред македонски јазик нема да стои „модерен“

Европратеникот Галер од ЦДУ/ЦСУ предложи амандман пред одредницата македонски јазик да стои „модерен“ македонски јазик, во корист на Бугарите. Станаа шестмина од групата на патриотите и го блокираа амандманот на Бугарија. МекАлистер повика да се гласа извештајот на Томас Вајц, вели извор за Плусинфо.

1,542

Извештајот за напредокот на Македонија кој помина во Комитетот за надворешни работи на Европарламентот (АФЕТ) беше усвоен по жестока битка со амандмани од страна на бугарски европратеници и европратеници на германската демохристијанска ЦДУ.

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“ го усвои Предлог-извештајот за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц. По гласањето бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложат дополнение со „мислење на малцинството“.






– Европратеникот Михаил Галер од ЦДУ/ЦСУ предложи амандман пред македонски јазик да стои одредницата „модерен“ македонски јазик, во корист на Бугарите. Станаа шестмина од групата на Патриотите и го блокираа амандманот на Бугарија. Претседателот на АФЕТ Дејвид Мекaлистер повика да се гласа извештајот на Томас Вајц. Бугарскиот европратеник Ивајло В’лчев направи скандал и потоа беше дадена пауза – вели извор за Плусинфо.

„Сите страни заслужуваат да бидат сослушани пред да се заземат позиции за било кои прашања“, им упати порака Мекалистер на бугарските пратеници кои приговараа и ги осудија како нешто несвојствено и неприфатливо за Европскиот парламент средбите и разговорите на известувачот со македонски политичари и функционери.

По усвојувањето на документот, Вајц кој воедно е и известувач на ЕП за земјава, порача дека е горд на целата напорна работа што била вложена во изнаоѓањето компромиси со цел „овој добро избалансиран извештај“ да може да биде донесен со широко политичко мнозинство.

– ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување – додаде Вајц во писмената изјава по гласањето.

Сега по усвојувањето од страна на АФЕТ, останува Извештајот да биде одобрен на пленарно заседание на Европскиот парламент. Следното пленарно заседание на ЕП е закажано за од 7 до 10 јули во Стразбур.

Галер од ЦДУ/ЦСУ најави дека истиот амандман пред македонски јазик да стои одредницата „модерен“ ќе биде предложен и на пленарката каде што конечно треба да биде усвоен извештајот.

Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба на почетокот на месецов го обвини Вајц дека имал „ненајавени средби“ со македонските власти во текот на подготовката на Извештајот и дека ги нарушил правилата за транспарентност на Европскиот парламент, со што, според него, предложениот документ е компромитиран и необјективен.

Претседателот на АФЕТ, Мекалистер, ги осуди обвинувањата упатени изминативе недели на сметка на Вајц околу начинот на подготовката на Извештајот, посочувајќи дека практика е известувачот да биде во контакт со претставници на земјата за која се однесува документот што го подготвува.

Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена откри дека добил вознемирувачки информации за координирани обиди во Брисел повторно да се атакува врз македонскиот јазик и идентитет.

– Успеавме да го амортизираме ударот кој што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик – изјави Мицкоски, нагласувајќи дека најголемиот дел од европратениците застануваат зад македонските аргументи.

Премиерот истакна дека веднаш по добиените информации, заедно со министерот за надворешни работи, реагирале координирано за да се спречи ваквата закана.

– Контактирав со сите од Брисел, и мислам дека успеавме некако да го амортизираме ударот – некој се обидуваше да создаде нова нација преку формулации како „модерен“ или „сегашен“ македонски јазик. Тоа не само што би нè поништило нас, туку би го нарушило и кредибилитетот на ЕУ – рече премиерот.

МИЦКОСКИ ОТКРИ УДАР ОД БРИСЕЛ, САКАЛЕ ДА НÈ ИЗБРИШАТ Македонскиот јазик не се допишува, тој се брани, рече премиерот

Поврзани содржини