„МУ ГО УБИЈА ДЕТЕТО, СЕГА САКААТ ДА МУ ГО ОДЗЕМАТ И ДОСТОИНСТВОТО“ Туфегџиќ побара судот да го ослободи таткото на Вања  

Главната теза на обвинението дека таткото наводно дал информации за движењето на Вања, со цел да овозможи грабнување со користољубива цел, според Туфегџиќ, не е само недокажана, туку и логички и правно неприфатлива.

1,753

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, застапник на обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, во завршниот збор пред Кривичниот суд Скопје побара неговиот клиент да биде ослободен од обвинението за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Тој ја оспори во целост основаноста на обвинението против неговиот клиент.

Со силен емотивен и аргументиран пристап, Туфегџиќ го опиша случајот како трагедија за која таткото не смее да биде претворен во жртвено јагне.






– Александар, поради бруталното убиство на неговото дете и тешките последици за него и за неговото семејство, од овој суд не бара милост или одлука поради сожалување и емпатија кон него. Александар бара праведна судска одлука со која ќе бидат казнети сторителите, судска одлука со која ќе ги дознае мотивите и вистинските причини за овој монструозен чин и одговор на прашањето, зошто токму тој и неговото семејство се одбрани да бидат до крајот на животот осудени да живеат со огромна празнина, тага и болка – истакна адвокатот.

Мотивот користољубие не е докажан

Главната теза на обвинението дека таткото наводно дал информации за движењето на Вања, со цел да овозможи грабнување со користољубива цел, според Туфегџиќ, не е само недокажана, туку и логички и правно неприфатлива.

– Обвинителството не успеа да го докаже мотивот. Самото признава дека не знае кој е мотивот, па се обидува да ја покрие таа дупка со конструкции и со претпоставки, што е недозволиво во кривична постапка – рече тој.

Туфегџиќ остро го критикуваше тврдењето на Обвинителството дека, иако нема докази за комуникација меѓу Александар Ѓорчевски и првообвинетиот Љупчо Палевски, таа „сепак постоела“, само што била избришана или скриена.

– Тоа е опасен преседан – обвинителството не докажува вина, туку претпоставува вина. Тоа не е правда, тоа е фикција. Телефоните на Александар се форензички вештачени и нема ни трага, ни запис, ни бришан доказ за контакт со Палевски. Тогаш на што се темели обвинението? – праша Туфегџиќ.

Адвокатот посочи дека во обвинителниот акт дури и не се тврди отворено дека убиството било од користољубие, туку дека се работи за „грабнување и убиство на малолетно лице“, што е во спротивност со самата логика на обвинувањето против Александар.

– Ако не постои објаснет мотив, ако не постои доказ за соработка, ако не постои дејствие, како тогаш Александар е обвинет? Зошто е воопшто на обвинителна клупа? – рече Туфегџиќ.

Си ја барал ќерката, не бил соучесник

Во завршниот збор тој ги потенцираше постапките на Александар по исчезнувањето на Вања, кои, како што истакна, се целосно во склад со однесување на загрижен родител.

– Тој се бореше да ја најде својата ќерка. Соработуваше со полицијата. Однесувањето му беше јавно, очајничко, човечко. Ниту еден чекор не укажува на соучесништво – додаде тој.

Адвокатот повика да се признае вистинската улога на Александар во овој случај – не како сторител, туку како оштетен и како жртва.

– Тој изгуби дете. И сега некој сака да му го одземе и достоинството. Тоа не смее да се дозволи. Овој човек, неговата сопруга Зорица, целото нивно семејство – тие се жртви. Не се соучесници. Немаат никаква корист. Имаат само болка – истакна Туфегџиќ.

Тој побара ослободителна пресуда, како единствена праведна судска одлука во случај каде, според него, не постои ниту мотив, ниту дејствие, ниту доказ за вина. Адвокатот Туфегџиќ апелираше Судот да не го легитимира концептот на „вина по претпоставка“, бидејќи тоа не е право, туку неправда.

– Александар поради бруталното убиство на неговото дете и тешките последици за него и за неговото семејство, од овој суд не бара милост или одлука поради сожалување и емпатија кон него, Александар бара праведна судска одлука со која ќе бидат казнети сторителите, судска одлука со која ќе ги дознае мотивите и вистинските причини за овој монструозен чин и одговор на прашањето, зошто токму тој и неговото семејство се одбрани да бидат до крајот на животот осудени да живеат со огромна празнина, тага и болка – изјави Туфегчиќ.

Пристапот на Обвинителството е опасен преседан

Пристапот на обвинителството, според Туфегчиќ, е недозволен и опасен преседан кој значи обвинување за претпоставена, а не докажана вина, тврдење кое е потполно неосновано и паушално од причина што телефоните кои ги користел таткото се криминалистички вештачени и нема доказ за комуникација или избришани записи по претходна комуникација со телефонските броеви кои ги користел Палевски, а кои ги посочува застапникот на обвинението.

– Од исказите на сведоците Зорица Ѓорчевска, Иванка Ѓорчевска, Зоран Ѓорчевски, Оли Нешковиќ и Иво Нешковиќ се докажува дека Александар иако разведен бил исклучително поврзан, одговорен и посветен родител со своите деца и имал висок степен на грижа за нив на дневна основа. Овие сведоци дадоа јасен опис на настаните во критичниот период, од 27 ноември 2023 година до денот на пронаоѓањето на починатото дете, во кои настани заедно со таткото Александар и самите учествувале и по ништо нивните искази не се разликуваат од описот на настаните и дејствијата кои ги опиша и самиот татко Александар и сведокот Гоце Трајковски, напротив нивните искази во целост се совпаѓаат со исказот и описот што го даде таткото Александар во делот кои лица и какви дејствија преземале во насока на пронаоѓање на исчезнатото дете Вања, однесувањето на полицијата и причините за недовербата кон полицијата поради начинот на постапување – рече Туфегчиќ.

Дискредитација на личноста поради немање докази

Обвинителството, според него, во текот на постапката се обидело со провокативни и навредливи прашања да ја дискредитира личноста на таткото, за да докаже дека таткото Александар имал мотив да учествува во грабнувањето на сопственото дете, бидејќи според тезата на обвинителството бил неработник, нарко зависник, кој има хронични долгови, накратко една потполно недостојна личност да биде татко, но фактите и аргументите за неговата личност кои беа изнесени во текот на постапката токму од неговата поранешна сопруга Зорица и останатите сведоци го говорат токму спротивното.

– Високиот степен на сомнеж кон таткото како клучен фактор истиот да биде обвинет бил поради тоа што единствено тој тврдел дека детето е киднапирано. Одбраната со материјални докази докажа дека ваквата теза е потполно погрешна и неточна – рече Туфегчиќ.

Исказот на сведокот Зорица Ѓорчевска, дододаде Туфегчиќ, во целост кореспондира со исказот на Александар Ѓорчевски и „од темел ја дискредитира тезата на Обвинителството дека помеѓу нив имало недоразбирања и несогласувања“.

– Застапникот на обвинението во текот на целата постапка и во завршните зборови поради сопствената немоќ и немање докази да го докаже токму она што е опис во обвинителниот акт за Александар, а тоа е дека Александар со умисла им помогнал на обвинетите за да извршат грабнување на детето Вања, се обиде Александар морално да го понижи, а со оглед дека судењето е јавно, и во јавноста и пред неговата ќерка Миња да го претстави како личност недостојна да биде татко и родител, нарко зависник и неработник, чија што единствена цел била да дојде до пари – нагласи Туфегчиќ.

Во врска со тоа дека застапникот на обвинението во текот на постапката се обиде да ја докаже инволвираноста на Александар со тоа што тој сам со возилото тргнал да ја бара Вања на неколку локации, адвокатот рече дека од исказот на Зорица Ѓорчевска се потврди дека Александар ниту нешто сокрил, ниту се обидел нешто да премолчи пред Зорица, напротив самиот ѝ кажал дека бил со возилото да ја бара Вања кон Сарај, Арачиново, дека тргнал кон Блаце…

– Со ова се докажува дека Александар немал никаква намера ништо да сокрие или прикрие, напротив, за сè ја информирал Зорица. Се докажа дека токму состојбата на паника, страв, избезуменост, вознемиреност и на внатрешното растројство поради исчезнувањето на детето кај Александар била злоупотребена на начин што дејствијата кои во таква стресна состојба самиот ги превземал откако одлучил самиот да води истрага во обид по секоја цена да го пронајде сопственото дете, биле потполно погрешно протолкувани и истото довело до потполно погрешен заклучок за неговата евентуална поврзаност или инволвираност во овој кривично-правен настан. Потврда за тоа е исказот на сведокот Музафер Каришиќ, кој изјави дека субјективно чувство било на неговите колеги во тој момент, дека таткото бил конфузен и чуден – изјави Туфегчиќ.

Има докази за тортура, ама ЈО не презеде ништо

Родителите на детето и нивното семејство, според Туфегчичќ, го преземале токму она што би го преземал секој друг родител во ваква ситуација и сосема природно се сомневале дека детето е грабнато, особено што како што и самите родители изјавија, многу добро си ги познавале децата, секогаш биле достапни, секогаш им се јавувале и точно знаеле каде и со кого се движат, никаде не оделе сами без да се јават на едниот или другиот родител, кои, пак,  го следеле нивното движење и преку мобилните телефони.

Одбраната, исто така, посочи дека до јавен обвинител е доставено известување за вршење тортура спрема Александар на ден 18.1.2024 година, со барање за доставување два лекарски извештаи од судија на претходна постапка од 16.2.2025 година за нанесените повреди при вршењето тортура, како и докази од извештајот од Хелсиншкиот комитет за човековите права, кои ја спровеле постапката со дозвола на судија на претходна постапка во фаза на истрага.

Застапникот на обвинението, нагласи Туфегчиќ, постапил спротивно на законот иако бил должен ваквото известување да го препрати до надлежното Јавното обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во оделението за постапување спрема полициските службеници заради понатамошно постапување, но тоа не е направено.

– Вака поднесеното паушално и неосновано обвинение за таткото на детето е резултат пред сè на површно и неправилно водена истражна постапка и повреда на сите принципи на кои почиваат основите на криминалистичката истрага и процесот на криминалистичкото профилирање, чија што основа ја претставуваат исклучиво доказите кои требало да се анализираат со цел точна и неспорна идентификација и утврдување на личноста на извршителот – рече адвокатот.

Во оваа смисла, како што дополни, по однос на обвинетиот Александар се докажа дека ваквото обвинение е резултат на прекршување на основните принципи на кои почива истражната постапка и криминалистичка истрага, во која не е направена прелиминарна анализа на информациите, ниту е направена нивна организација и диференцијација, ниту била формирана основа на структурата за одлучување.

– Токму од доказите на Обвинителството произлегува дека доказите од видео надзорот врз основа на кои се темели обвинението се обезбедени и прибавени токму од обвинетиот Александар и сведокот Гоце и тоа со знаење, согласност и со напатствија од полициските службеници кои учествувале во истражната постапка – рече Туфегчиќ.

Конечно, како што образложи, според динамиката на настаните и доказите, таткото на детето воопшто не им бил потребен на обвинетите за да им даде упатства за времето кога детето ќе излезе само од домот за да оди на училиште, бидејќи според доказите кај обвинетите претходно веќе бил создаден план за грабнување, а подоцна и за егзекуција на личноста. Обвинетите имале сознанија за станарите во зградата, ги преземале сите мерки и активности за реализација на планот, имале јасна поделба на трудот во рамките на заедничко делување заради извршување на криминалниот чин, еден месец пред грабнувањето донеле одлука истото да го извршат, ја следеле и фотографирале жртвата 10-на дена до две недели пред да го извршат грабнувањето, а утврдено е дека имале два неуспешни обиди за грабнување, на 23 ноември утрото и на 24 ноември утрото.

– Врз основа на сето горенаведено му предлагам на судот да го ослободи од обвинение обвинетиот Александар Ѓорчевски бидејќи јавниот обвинител не докажа надвор од разумно сомнение дека обвинетиот го сторил кривичното дело кое му се става на товар – заклучи Туфегџиќ.

Поврзани содржини