20.000 ФАЛСИФИКАТИ СО ЗНАЦИ НА 57 БРЕНДОВИ Царина алармира за експлозија на фалсификати во Македонија
Меѓу нив има над 6.000 парфеми, 5.000 пара обувки и 5.000 парчиња облека, како и други производи со ознаки на вкупно 57 заштитени трговски марки.
Царинската управа на Македонија оваа година заплени над 49 илјади парчиња фалсификувана стока, од кои за 20.000 производи веќе е утврдено дека се фалсификати. Меѓу нив има над 6.000 парфеми, 5.000 пара обувки и 5.000 парчиња облека, како и други производи со ознаки на вкупно 57 заштитени трговски марки.
Во период од неполни пет месеци, царинските службеници на граничните премини и мобилните тимови откриле 51 случај на повреда на правото од интелектуална сопственост. Од нив, во 19 случаи е потврдено дека се работи за фалсификати што требало да завршат на домашниот пазар.
– Еден од главните приоритети на Царинската управа е унапредување на институционалните капацитети за ефикасна борба против фалсификатите, преку зајакнати мерки на контрола и зголемена соработка со носителите на правата и нивните застапници – изјави директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Според него, статистиката говори за значителен напредок – во 2024 година, досега се евидентирани 75 случаи на заплени, наспроти 29 случаи во 2023. Само до мај годинава, запленети се 49.638 парчиња фалсификувана стока, додека лани во истиот период биле 19.707 парчиња во 14 случаи.
Борбата на македонската Царинска управа против трговијата со фалсификати е препознаена од глобалната организација РЕАКТ Балкан, која додели благодарници на секторите за контрола, истраги и акцизи за исклучителниот придонес.
На средба со Катерина Хаџистојанова, менаџер на РЕАКТ Балкан, директорот Николовски и неговиот тим разговарале и за унапредување и забрзување на процедурите за утврдување на оригиналноста на стоката, како и за потребата од итно уништување на фалсификуваните производи.
Од страна на застапниците на трговските марки било истакнато дека постои видлив напредок на институционално ниво, што го потврдуваат и официјалните бројки.