Тишината на Коко и гласноста на Тино
Затоа и беше толку значајно, речиси револуционерно, кога актуелниот премиер, момчето кое во моите студентски денови беше само „Тино од Карпош“, изненадувачки ги стаписа присутните и ги вознемири молчеливите со едно обично, но моќно прашање: „Каде исчезнаа 200.000 Македонци од Бугарија меѓу пописите во 1956 и 1965 година?“
Од шеесеттите години на минатиот век, научниците учат мајмуни – горили, шимпанза и бонобоа – да користат знаковен јазик, отворајќи прозорец кон нивните умови. Овие неверојатни суштества научиле стотици знаци, изразувајќи потреби, емоции, па дури и апстрактни концепти како љубов, вина или каење. На пример, горилото Коко научил повеќе од две илјади зборови, можел да зборува за своите чувства и да следи наредби дури и кога добивал сложени инструкции. Но, по децении истражувања, еден детаљ се издвојува: мајмуните никогаш не поставиле ниту едно прашање.
Тие можат да одговорат на „како“, „зошто“ или „каде“ кога луѓето им поставуваат прашања, покажувајќи разбирање и интелигенција. Но, ниту еднаш не прашале „зошто“, „што“ или „колку“. Оваа тишина не е поради недостиг на речник – знаат стотици или илјади зборови – станува збор за нешто подлабоко. Човечките деца, од друга страна, се вистински машини за прашања. До втората година, тие ги бомбардираат возрасните со „зошто е небото сино?“ или „каде оди сонцето навечер?“. Прашањата не се само алатки за учење; тие откриваат немирна љубопитност, желба да се разбере не само светот, туку и умовите и вистинските намери на другите.
Додека со доза на восхит ја следев оваа способност на мајмуните да разберат, и бев изненаден од нивната неможност да прашаат, кај мене се појави прашање: дали оваа безгласна апатија не личи премногу на нешто што секојдневно го гледаме меѓу луѓето на функција? Се чини дека има луѓе кои слично како нивните далечни роднини од светот на приматите – зборуваат, разбираат и извршуваат наредби ако им бидат дадени; и други, кои во текот на своето делување, одвреме-навреме поставуваат логични прашања. За да ги раздвојам, едните нека бидат „Молчеливите“, а другите ќе бидат „Љубопитните“, иако, двата назива не се сосема соодветни за однесувањата.
Молчеливите
Не сакам да сугерирам дека „молчеливите“ – оние кои не поставуваат прашања се помалку еволуирани или поблиски до мајмуните. Ќе оставам на фантазијата на читателот да определи можна причина за ваквото однесување на некои од нашите политичари. Оваа човечка сорта, слично како мајмуните, може да одговори на прашањата што ги поставуваат другите. Покажува одредена форма на интелект, постојат и области во кои се справуваат како вистински експерти – но, ете, не наоѓаат за сходно да прашаат било што. Ако шпекулираме, можеби за себе имаат впечаток дека знаат сè, па затоа не прашуваат, но мене ми се чини дека се поблиски до приматите што знаат знаковен јазик, и се воздржани да копаат подлабоко и да истражат алтернативи. Она што им се сервира е „факт на некој попаметен од нив“. Извршуваат и добиваат сочна банана или друга награда.
Тоа што мене лично ме иритира кај молчеливите е нивното одбивање да постават прашања кои барем јас ги сметам за клучни за денешната реалност на Македонија. Не сакаа во минатото, а сега барем ич, да прашаат: Зошто Грција бараше промена на името? А ако ги прашаш, пак слично како мајмуните имаат некаков одговор – ќе ми простите, но за мене одговорот е горе-долу на исто интелектуално ниво со Коко: „живееме на еден дел од поголема територија со тоа име… бла, бла, бла… “. Американците живеат на континент со Канаѓани, Мексиканци, Бразилци и ред други народи на кој апсолутно никогаш не им текнало да речат „не може Американците да се Американци, бидејќи со тоа тие имаат територијални претензии кон целиот континент“. Еве и денес: не седнуваат да подразмислат, и барем себеси да се прашаат „Зошто Бугарија ја блокира Македонија“, туку пак имаат некаков формален одговор, пак на ниво на Коко, проследен со ненормална желба да постапат по наредба на некој газда или господар.
Љубопитните
„Љубопитните“ се ретка сорта. Тие не се мерат според титулата, функцијата или угледот, туку според прашањата што си ги поставуваат себеси и на глас – пред јавноста, пред народот. Овие луѓе, за разлика од молчеливите, не се задоволуваат со готови фрази и политички шаблони. И кога шаблони и фрази им се сервираат на прашањата, секогаш се подготвени да постават потпрашање, да го сведат шаблонот на апсурд или барем да поттикнат размислување за стандардните фрази. И како што молчеливите не сакав да ги сместам во група на недоволно еволуирани, така и љубопитните нема да ги сместам во група на непораснати и несигурни деца кои постојано прашуваат. Напротив, во моите мисли тие се повисоко на пиедесталот каде се валоризираат успесите во политичкиот свет, но само кога прашањата се релевантни! Значи, оние кои ќе се прашаат: „Што е целта на овој потег на Х дипломат?“. „Чија агенда стои зад оваа блокада?“ – се моите фаворити. Ги почитувам повеќе оние кои ќе се впуштат во анализа на најсилната светска дипломатија – Британската и ќе го постават прашањето: „Зошто е избран кабинетот на Черчил за потпис?“. Има ли врска тоа што Черчил барал Бугарија да се подели на 90:10 проценти на влијание меѓу истокот и западот, што ете така случајно е Пиринска Македонија? Праќа ли Британија порака до Бугарија, на пример? Независно дали ќе добијат одговор или ќе налетаат на молчење од другата страна.
Затоа и беше толку значајно, речиси револуционерно, кога актуелниот премиер, момчето кое во моите студентски денови беше само „Тино од Карпош“, изненадувачки ги стаписа присутните и ги вознемири молчеливите со едно обично, но моќно прашање: „Каде исчезнаа 200.000 Македонци од Бугарија меѓу пописите во 1956 и 1965 година?“. Останаа стаписани затоа што ова прашање, колку што е статистичко, толку е и историско, и морално, и егзистенцијално. Бидејќи прашањето е во сериозна корелација со она: „Зошто Бугарија нè блокира?“.
Во држава како нашата, во која со децении се негува култура на климање со глава, ваквите прашања се чин на непослушност. Затоа и љубопитните се редок вид. Но секогаш кога некој ќе праша нешто вистински важно – нешто што никој друг не се осмелува – се случува мал потрес во системот. И секој таков потрес вреди.
Сакам да верувам дека прашањето секогаш доаѓа пред промена. Зашто таму каде што нема „зошто“ или „каде“ – може да нема ни „утре“.