СО ГЛАГОЛИЦАТА, СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ ГО ОТВОРИЈА ПАТОТ КОН ПИСМЕНОСТА НА МАЈЧИН ЈАЗИК Претседателката Давкова го честиташе денот на сесловенските просветители
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека вредностите што ги претставуваат Кирил и Методиј - како што се мудроста, вербата, знаењето и единството - треба да бидат водилка во создавањето на општество кое се темели на образование, меѓусебна почит и достоинство.
Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, упати честитка до граѓаните, истакнувајќи ја трајната вредност на делото на Светите Кирил и Методиј како темел на културниот и духовниот идентитет на македонскиот народ.
„Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност“, наведува претседателката во пораката, нагласувајќи дека мисијата на солунските браќа била далеку повеќе од создавање писмо – таа претставува цивилизациска траекторија што и денес нè насочува.
Таа истакна дека преку глаголицата, Светите Кирил и Методиј го отвориле патот кон писменоста и кон образованието на мајчин јазик – нешто што овозможило многу генерации да го задржат својот културен и јазичен идентитет.
„Дар што омоќи многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите“, напиша Сиљановска-Давкова.
Во честитката, таа повика на негување на вредностите што ги отелотворуваат Кирил и Методиј – мудрост, вера, образование и обединетост – како темел за изградба на општество засновано врз знаење, почитување и достоинство.
„Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив!“, порача претседателката.