МАКЕДОНИЈА ГО ЧЕСТВУВА ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ Зошто ги славиме светите браќа Кирил и Методиј?

Иако Светите Кирил и Методиј имаат свои посебни денови на чествување според датумите на нивната смрт – Св. Кирил на 14 февруари, а Св. Методиј на 6 април – Црквата подоцна востановила и заеднички празник во нивна чест, кој се слави на 24 мај (11 мај според стариот календар). Првично се одбележувале одделно, но со текот на времето се појавила потреба да се оддаде заедничка почит на нивната мисија и дело.

262

Со повеќе настани денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството, Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Државно-црковната делегација, предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, престојува во Рим и во Ватикан на поклонение на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“.






Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид ќе присуствува на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители. Мицкоски ќе се обрати на свечената академија „Светилник низ векови и за иднината“ што ќе се одржи во црквата Св. Софија.

Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, во Охрид се празнува и со низа други манифестации и настани. Чествувањата започнаа вчера со научна трибина, продолжуваат денеска со Меѓународен хорски фестивал на сцената на Античкиот театар, положување цвеќе пред монументалниот споменик во Градскиот парк и со детски поетски фестивал, а ќе бидат заокружени вечер во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“.

Во храмовите на МПЦ-ОА, пак, се одржуваат празнични богослужби во чест на светите браќа.

Светите Кирил и Методиј, иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24/11 мај. На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување – Св. Кирил на 27/14 февруари и на Св. Методиј на 19/6 април, но подоцна се увидела потреба за нивен заеднички празник. Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.

Зошто се важни светите браќа Кирил и Методиј?

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светета црква ги прогласила за рамни на апостолите.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој, за да ја стабилизира својата држава на политички план, преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои ќе го проповедаат божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес, па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и од околината. Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.

По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани на југ. Светите Климент и Наум делото на своите учители го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.

Именден празнуваат: Кирил, Киро, Методиј, Мето…

Поврзани содржини