НАЈГОЛЕМИТЕ УМОВИ ДОАЃААТ ВО МАКЕДОНИЈА Британија ни ја става елитата на услуга, тврди Николоски
Во интервју за МРТВ, Николоски оценува дека договорот, покрај финансиска, има и политичка тежина бидејќи стратешки ќе и обезбеди на државата силна поддршка во меѓународните процеси.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој во Лондон го потпиша Договорот за стратешко партнерство, очекува за две недели да биде ратификуван во Собранието, а од есен да се почне со градежни работи на терен.
Во интервју за МРТВ, Николоски оценува дека договорот, покрај финансиска, има и политичка тежина бидејќи стратешки ќе и обезбеди на државата силна поддршка во меѓународните процеси.
– Се бориме да биде признат македонскиот јазик, кога се бориме да биде признато македонското национално малцинство во соседните држави, кога се бориме за правата на Македонците, кога се бориме гласно Македонија да ја слушнат, тогаш ни требаат големи партнери кои би ни помагале во овој процес и мислам дека Велика Британија е еден таков партнер – рече Николоски.
Бенефитите од овој договор, според Николоски, граѓаните ќе ги почувствуваат во следните години.
– Треба да имаме превид дека Велика Британија на располагање ги става најголемите умови, своите највредни луѓе да и помагаат да се развива Македонија. Тие на Македонија и ставаат експертска помош во сите области кај што ние имаме потреба. Ставаат на располагање експерти и од јавната администрација но исто така и од бизнис заедницата кои што треба да и помогнат на Македонија да се развива и македонското општество да оди на едно повисоко ниво. Зборуваме за втората најмоќна земја во светот после САД, зборуваме за единствената кралска империја која преживеа во светот, зборуваме за нуклеарна сила, зборуваме за земја членка на Советот за безбедност, земја победник во Втората светска војна и една од топ петте економии во светот така што мислам дека подобар партнер, Македонија не може да добие – рече Николоски.
Договорот беше потпишан во четвртокот во Лондон и тежи шест милијарди евра. Првата транша треба да биде во висина меѓу 2 и 2, 2 милијарди евра.