ПОЛИЦАЈЦИ ПАДНАА ВО РАЦЕТЕ НА КОЛЕГИТЕ Од 11 приведени 8 се корумпирани службеници, по две лица се трага

За одредена парична награда, осомничените договарале и овозможувале нелегално добивање на престојна документација, а полициските службеници, иако биле свесни за незаконитоста, ги одобриле документите со цел да стекнат лична корист.

1,873

Во координирана акција спроведена утринава на 12 локации низ Скопје, Штип, граничниот премин Долно Блаце и Регионалниот центар за гранични работи Север, полициски службеници од Одделот за организиран криминал и Одделот за внатрешна контрола привеле 11 лица, од кои осум се полициски службеници. За уште две лица се преземаат мерки за нивно лоцирање.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, акцијата била спроведена под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од полициски службеници и припадници на затворската полиција. Според информациите, предметот се однесува на коруптивни активности поврзани со незаконско регулирање на престој на странски државјани во земјава.






Од МВР појаснуваат дека во периодот од јануари до април годинава, дел од осомничените – цивилни лица – преку лични познанства и пријателски врски со полициски службеници од граничниот премин Блаце и од Секторот за странци во Штип, посредувале за турски државјани кои илегално престојувале во земјава да добијат дозвола за привремен престој. Станува збор за лица чиј престој бил првично одобрен заради студирање, но рокот за легален престој им бил истечен.

„За одредена парична награда, осомничените договарале и овозможувале нелегално добивање на престојна документација, а полициските службеници, иако биле свесни за незаконитоста, ги одобриле документите со цел да стекнат лична корист. На тој начин, наместо да ги санкционираат странците согласно Законот за странци, кој предвидува глоба од 50 до 250 евра, им овозможиле непречен престој“, соопштија од МВР.

Според надлежното обвинителство, дел од полицајците ја злоупотребиле својата службена положба, не постапиле согласно должностите, а во некои случаи користеле и фалсификувани документи или ја прикривале вистинската содржина во службената евиденција.

Јавниот обвинител веќе донел наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица, а до Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување притвор за петмина осомничени. За останатите осум лица ќе бидат предложени мерки на претпазливост.

Од МВР потенцираат дека акциите за откривање и санкционирање на корупција и злоупотреба на службена положба во сопствените редови ќе продолжат без исклучоци, без разлика на функцијата или позицијата на сторителите.

ПАДНА МРЕЖА ОД ПОЛИЦАЈЦИ И ОД ПОСРЕДНИЦИ Од турски студенти барале мито за да им го продолжат престојот

ПОЛИЦИЈАТА ЈА ТРЕСЕ КАНЦЕЛАРИЈАТА ЗА СТРАНЦИ ВО МТВ Разбиена мрежа за нелегален престој на странски државјани

Поврзани содржини