📽️ СТАВЕН Е ПОТПИС НА ИСТОРИСКИ НАЈГОЛЕМИОТ ЕКОНОМСКИ ДОГОВОР Пет милијарди фунти за железници, болници и модерни училишта
Македонската Влада го усвои договорот пред два дена, откако премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер постигнаа согласност на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас денеска во Лондон го потпишаа историскиот Меѓувладин договор за партнерство за инфраструктура, вреден дури пет милијарди фунти.
Со овој документ, Македонија добива пристап до најголемата економска поддршка во својата историја, насочена кон реализација на капитални проекти во клучни области како што се транспорт, образование, здравство, животна средина и дигитализација.
– Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство го гледаме како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво – изјави Николоски по потпишувањето. – Веќе се подготвени три приоритетни проекти: брзата железничка врска по Коридорот 10, модернизација на болниците и изградба на нов Медицински факултет. Ќе продолжиме со проекти и во енергетиката и заштитата на животната средина – додаде тој.
Според Николоски, соработката ќе значи не само финансиска поддршка, туку и директен трансфер на експертиза од британската јавна администрација и бизнис секторот, што ќе овозможи подигање на капацитетите на македонските институции и компании.
Министерот Томас нагласи дека двете земји се блиски сојузници во рамките на НАТО и ја оцени соработката како значаен чекор напред во економските и билатерални односи.
– Новата железница ќе го намали времето на патување за луѓето и за стоките, а инвестициите ќе го поттикнат економскиот раст и ќе го подобрат животот на граѓаните. Ова партнерство ќе биде темел за понатамошна соработка и заеднички напредок – рече Томас.
Македонската Влада го усвои договорот пред два дена, откако премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер постигнаа согласност на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.
Владината делегација во Лондон ја предводи Николоски, а ја сочинуваат и потпретседателот на Владата и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и директорот на ЈП за Железничка инфраструктура, Синиша Ивановски.