ПО 100.000 ЕВРА ЗА БРАЧЕН ПАР ШТО ЌЕ ЖИВЕЕ ВО СЕЛО Владата најави стимулации за отворање бизниси поврзани со земјоделство или со шумарство
Главен услов да ја добијат оваа поддршка е да не се постари од 40 години, да се занимаваат со земјоделска дејност и да живеат во руралната средина во рамки на семејното земјоделско стопанство во наредните 10 години.
Владата планира да ги задржи младите на село и да ги врати тие што ги напуштија селата. За да го оствари тоа планира низа стимулативни финансиски мерки кои се дел од новиот Закон за земјоделство и рурален развој кој е објавен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) и е даден на увид на јавноста.
Младите брачни двојки кои сакаат да се вратат на село ќе се стимулираат со финансиска поддршка до 100.000 евра која треба да им помогне да инвестираат во изградба или реконструкција на објекти, да купат земјоделска механизација, земјоделско земјиште или добиток.
Главен услов да ја добијат оваа поддршка е да не се постари од 40 години, да се занимаваат со земјоделска дејност и да живеат во руралната средина во рамки на семејното земјоделско стопанство во наредните 10 години.
„Финансиската поддршка изнесува 80% од вредноста на прифатливи и направени трошоци, најмногу до 6.000.000 денари по брачен пар. Периодот на користење на поддршката е проектен циклус во траење од 3 последователни години. Поддршката се реализира преку одобрен деловен план од страна на Агенцијата“, се наведува во челнот 138 од предложениот текст на законот.
Доколку младиот брачен пар не го исполни условот да живее и да работи на село 10 години ќе треба да го врати целиот износ на дадената поддршка.
Исто толку пари (100.000 евра) ќе добијат и младите на возраст до 40 години, кои ќе отворат бизнис поврзан со земјоделството или шумарството, вклучително и основање нови семејни земјоделски стопанства или диверзификација на доходот на земјоделските домаќинства во неземјоделски активности и започнување бизнис за неземјоделски активности во руралните области како дел од стратегиите за локален развој.
Поддршка со 20.000 евра ќе добијат и млади земјоделци кои ќе почнат земјоделска дејност, потоа активни женски членови на земјоделско семејство и за развој на микропретпријатија, воведување иновативни практики и воведување нови економски дејности на село.
Поддршката ќе се исплаќа во периодот на реализација на деловниот план и се исплаќа на годишно ниво во најмногу три рати.
Посебна поддршка е предвидена за жените како носителки на производството. Таа е во висина до 6.000 евра.
Помош од 10.000 евра ќе добиваат и младите кои за прв пат започнуваат да се занимаваат со земјоделска дејност преку наследување или преземање на постоечко земјоделско стопанство или со воспоставување ново земјоделско стопанство. Еден од условите за добивање на овие пари е младиот човек да има минимум средно образование од областа на земјоделството или пак да поминал обука за здобивање квалификации за земјоделска дејност и треба да е носител на земјодeлското стопанство.
Планирана е и поддршката за зачувување и одржување на традиционалните карактеристики на традиционално производство.
Висината на помошта изнесува 100% од прифатливите трошоци направени со инвестицијата или капиталните работи и оперативни трошоци за традиционални обележја за непроизводствени намени, но најмногу до 600.000 денари годишно; 60% од прифатливите трошоци направени со инвестицијата или капиталните работи за традиционални обележја наменети за производство и 75% од прифатливите трошоци направени со инвестицијата или капиталните работи за традиционални обележја наменети за производство во подрачјата со ограничени можности за земјоделско производство.
Исто така ќе се финансира и инвестирањето во наводнувањето и воведувањето повисоки стандарди и квалитет во производството.
Владата, според текстот на новиот Закон за земјоделство и рурален развој планира и да го стимулира земјодeлското осигурување со тоа што го зголемува учeството на државата во овој вид осигурување. Сега се предвидуваа државата да покрие 70% од трошокот за осигурување на земјоделците. Претходно државата покриваше 60% од трошокот. Притоа износот кој ќе го добие еден корисник се ограничува на 3.500 евра.
Останува актуелна и помошта за гориво која ќе изнесува до 100% од трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизацијата, но не повеќе од 1.650 евра по стопанство.
Предвидени се и стимулативни мерки за инвестициите во руралните средини, меѓу кои е и субвенционирана камата на кредити што имаат годишна каматна стапка во висина до 8% на годишно ниво, за период до 10 години, кои не се повисоки од 500.000 евра или во висина од 50% од висината на каматната стапка на годишно ниво.
За полесен пристап до кредити, државата ќе обезбеди и кофинансирање на банкарските гаранции за кредитите наменети за земјоделство и рурален развој како примарно земјоделско производство, преработка на земјоделски производи и трговија на земјоделски производи.
Законот предвидува и помош за заштита на земјоделско земјиште преку анализа на физичките и хемиските својства на почвата. Висината на помошта може да изнесува до 100 отсто од настанатите трошоци за анализа на физичките и хемиските својства на почвата.
И во овој закон останува интервентниот фонд за ублажување на последиците од нарушување на пазарот поради ниски откупни цени на производите или зголемување на трошоците на производство. Овој фонд се однесува на производството на пченица каде што откупните цени често варираат и се движат под производната цена.
Со новиот закон се стимулира и окрупнувањето на земјодeлските површини, здружувањето, но се воведуваат и поголем број регистри со што ќе се олесни увидот во земјодeлските површини. Во делот на пазарните односи во земјоделството и откупот на земјоделските производи во законот се применуваат и одредбите од законот за нефер трговски практики, објавување на откупните цени и нивното формирање.
Јавниот увид на текстот на законот трае до 28 мај, а за 2 јуни е планирана јавна расправа.
Новиот закон треба да обезбеди усогласување со европските директиви во делот на директните плаќања и уредувањето на земјоделските пазари. Главната цел на законот е заживување на руралните средини и стимулирање на земјоделците да се здружуваат за да станат поконкурентни.