СО ПОСЛЕДНИОТ ВОЗ ЌЕ СЕ ВНЕСАТ ИЗМЕНИ ВО ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК Потребен е широк политички консензус
Прашан како ќе се регулираат измените, со оглед на препораките дека шест месеци пред избори треба да биде завршена целата постапка, Деребан одговори дека и претходно имало вакви случаи кога биле носени законските измени.
Во моментов работиме на донесување на измените и дополнувањата на Изборниот законик, меѓутоа за тоа е потребен и поширок политички консензус. Се работи на таа тема и очекувам дека во следниот период ќе биде надминат тој проблем, изјави заменик министерот за правда, Ален Деребан, откако неодамна Уставниот суд со мнозинска одлука на судиите ги укина оспорените одредби од измените и дополнувањата на Изборниот законик, со кои беше зголемен прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.
Деребан потврди дека Уставниот суд нема законска надлежност да ја врати претходната состојба во однос на Избориот законик, потенцирајќи дека таква надлежност има исклучиво Собранието.
– Во моментов, како Министерство за правда работиме и на донесување на измени и дополнувања на Изборниот законик, меѓутоа како што знаете, за тоа е потребен и поширок политички консензус. Се работи на таа тема и очекувам дека во следниот период ќе биде надминат тој проблем – изјави заменик министерот за правда по конференцијата поврзана со одговорност за човековите права во Скопје.
Прашан како ќе се регулираат измените, со оглед на препораките дека шест месеци пред избори треба да биде завршена целата постапка, Деребан одговори дека и претходно имало вакви случаи кога биле носени законските измени.
– И претходно сме имале случаи кога биле носени такви законски измени и мислам дека нема да постои грешка. Се надевам и очекувам дека ќе има одговорност од страна на сите политички чинители во Собранието, за да може да се донесат тие законски измени – рече Деребан.
Уставниот суд со мнозинска одлука на судиите на 20 мај ги укина оспорените одредби од измените и дополнувањата на Изборниот законик, оценувајќи дека се направени во скратена постапка, нетранспарентно, без јавна расправа и дискусија на собраниска седница, непосредно пред одржувањето на изборите во 2024 година, што појавува сомнеж дека овие измени во суштина се направени исклучиво во интерес на политичките партии со единствена цел да се намали бројот на независните кандидати на самиот почеток на изборната трка.
На седницата беа укинати членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се зголеми прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.
Законските одредби, за кои на 26 февруари годинава Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, треба да соберат потписи од еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица (ако станува збор за парламентарни избори) или општина (ако станува збор за локални избори).
Оспорен е процентот во членовите 17 и 18 од Изборниот законик. Со тие членови се наметна обврска на група избирачи да соберат најмалку 1 отсто потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието. Со членот 17 е изменет членот 61 став 1 од Изборниот законик, па така ако претходно беа доволни 1.000 потписи за кандидатура, сега со оспорените измени, подносителите на листа за кандидати за пратеници од групата избирачи, добија обврска да соберат најмалку 1 отсто потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица. Со членот 18, пак, изменет е член 62 став 1 од Изборниот законик, со што групата избирачи требаа да соберат најмалку 1 отсто потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината или Градот Скопје.
Подносители на иницијативата беа Лилјана Поповска и други, како група граѓани, преку полномошник, адвокатската канцеларија Петрушева од Скопје.
Ваквите измени беа изгласани на 7 март 2024 година и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.