300 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ ПОТРЕБНИ ЗА ДА СЕ ИСЧИСТАТ ОПАСНИТЕ ИНДУСТРИСКИ ДЕПОНИИ Со британските пари ќе се исчисти линданот во ОХИС, но и арсенот во Лојане
Според вицепремиерот Изет Меџити, потребни се уште 8 милиони евра за да се извезе целосно линданот од малиот базен во кругот на ОХИС, додека опасниот отпад во големиот базен сè уште не е ни чепнат, а го има 10 пати повеќе отколку во малиот базен.
Освен железничкиот сообраќај, здравството и образованието, кои веќе се договорени области за инвестирање со договорот со Обединетото Кралство, излеговме и со нова идеја, конкретно, да го решиме проблемот со опасниот индустриски историски отпад, кој се влече со децении во нашата држава, вели вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити.
– Зборувам за линданот во фабриката ОХИС, за опасниот отпад во Југохром во Јегуновце, кој веќе е штетен по здравјето на луѓето, за Ваксинце, за Лојане – рече Меџити, кој е дел од владината делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Николовски во британската престолнина денеска во име на македонската Влада ќе го потпише договорот со стратешкото парнерство на Обединетото Кралство и Македонија.
Меџити вели дека ќе се интервенира кај некогашните фабрики кои пропаднале, но кои зад себе оставиле сериозен проблем по здравјето на луѓето и по животната средина.
– Досега имало напори ова да се реши, но за илустрација, само две третини од малиот базен со линдан во ОХИС се решени, а тој е во сооднос од 1:10 со големиот базен, кој што воопшто не е почнат да се чисти. Мислам дека ова е добра можност да се отстрани овој проблем кој со децении стои нерешен во нашата држава – рече Меџити, укажувајќи на проблемот со финансирање на ваквите зафати.
Прашан дали има проекции за колкави средства би се работело, со оглед дека решавањето на т.н. жешки екоточки се сметаат за едни од најскапите проекти, Меџити истакна дека најпрво ќе треба да се утврди на кој начин ќе се решаваат овие депонии со опасен отпад, за да се направи груба проценка за тоа колку пари би чинеле таквите зафати.
Според него, потребни се уште 8 милиони евра за да се извезе целосно линданот од малиот базен во кругот на ОХИС. Постојат и други солуции како што е да се стави отпадот во капсула, со покривање, опција која што е многу поевтина, а такви примери има во Холандија.
– Ние побаравме епскертиза, со експерти од Британија заедно да работиме на констатирање на состојбите, да се дефинира целосно проблемот со опасните отпади, а потоа да ги видиме солуциите, но и финансиската рамка. Ова е можност со ваков кредит со многу ниска камата да се отстрани еден догогодишен проблем на ниво на државата – вели Меџити.
Проценката е, нагласува тој, дека ќе бидат потребни околу 300 милиони евра ако станува збор за решавање на депониите со линданот во Охис и останатите опасни депонии како онаа на опасен хром во Југохром, или депонијата со арсен во Лојане и во Ваксинце, односно сите оние за кои што е одговорна Владата, а претставуваат ризик по здравјето на граѓаните и животната средина.
– Мора посериозно да делуваме во оваа насока превентивно, ако не сакаме во иднина да се справуваме со хаварии или штетни последици по здравјето и по животната средина. Првите разговори со британски експерти се очекуваат веќе од понеделник – истакна Меџити.
На македонската владина делегација во чиј состав покрај Николоски и Меџити е и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски, денеска ќе ѝ се приклучи и министерката за образование Весна Јаневска. Според договорот влада со влада со Обединетото Кралство, Македонија ќе добие историски најголем обем на пари за реализација на капитални проекти, од 6 милијарди евра.