УСЛОВНА КАЗНА ОД 2 ГОДИНИ ЗА ВЕЛО МАРКОВСКИ И ЗА ДРУЖИНАТА Судијката е убедена дека се виновни ама не сакала да прати во затвор стари лица
Иста пресуда добија обвинетите Ристе Панов, Александар Босилјанов, Вело Марковски, Имер Дани, Андони Бојаџи и Бобан Досевски.
Шестмината обвинети за трговија со артефакти денеска во судот се прогласени за виновни и осудени се на 2 години затвор условно ако не направат кривично дело во рок од 5 години.
Иста пресуда добија обвинетите Ристе Панов, Александар Босилјанов, Вело Марковски, Имер Дани, Андони Бојаџи и Бобан Досевски.
Судијката Софче Гаврилова Ефремова посочи дека не е ефективна правда ако прати во затвор стари лица, па додаде дека со условната пресуда им олеснила на сите, но смета дека се виновни. Судијката ги поучи дека ако си ја сакаат државата, не треба да ги отуѓуваат добрата.
Случајот за наводна трговија со артефакти почна со спектакуларни апсења во 2017 година и заврши дури 7 години подоцна – со конфузен обвинителен акт, повлечено гонење за „злосторничко здружување“ и низа правни и процедурни недоречености.
Меѓу обвинетите беше и д-р Вело Марковски, универзитетски професор и доктор на науки, кој тврдеше дека процесот бил политички мотивиран, а доказите – фабрикувани.
Обвинителката Маја Коневска, според завршните зборови на одбраната, не приложила ниедно решение од надлежна институција што би потврдило дека запленетите предмети навистина се културно наследство.
Самиот процес се одвиваше во атмосфера која честопати личеше повеќе на апсурден политички театар отколку на јасна кривична постапка – со сведоци што „сонувале цркви“ и сведочеле дека виделе предмети „некогаш, можеби“. Во завршните зборови, адвокатите тврдеа дека „во обвинението нема време, место, дело – нема ни доказ“.
Вистината и правдата потешко ќе се откопаат и од самите „артефакти“
По денешната пресуда, останува клучното прашање – како, врз основа на што, и со кои докази е донесена одлуката? Одбраната тврди дека целото обвинение се темели на конструкција: рециклирање дејствија од одамна застарено дело, фабрикувани докази, правна недореченост и сценарио во кое фактите никогаш не биле централен елемент.
Иако судот формално пресуди, некои прашања сè уште лебдат: Дали судот донесе праведна одлука? Дали ова ќе биде уште еден случај во кој вистината останала закопана подлабоко од самите „артефакти“?