Нè уби промаја
Излегува дека во време кога човек може да се самоидентификува како мачка, куче или бамбус, и прифаќањето на тоа да се третира како демократска вредност, единственото што изгледа спорно, анахроно, и целосно неприфатливо – е кога некој ќе се самоидентификува како Македонец.
Политика следам дваесеттина години. И во тие дваесеттина години разни луѓе меѓу кои можеби има искрени, но главно ги гледам како шарлатани и дилетанти, ни повторуваат една иста реченица: „Вратата на ЕУ ви е отворена“. Со насмевка. Понекогаш искрена и топла, понекогаш цинична и злонамерна. Но, каква и да е насмевката, секогаш со некоја фраза додадена на крајот стои – „само уште ова, и веќе сте во ЕУ“.
Се отвори „вратата“ уште кога првпат рековме дека нашата иднина е во Европа. Но од тој момент, сè што добивме е ветер во магла со доза на промаја. Следејќи ја парадигмата „само уште ова“, сменивме знаме, прифативме референца, менувавме општински граници по некаков си „европски терк“ кој случајно заличува на македонските граници во време на поделбата на Македонија меѓу окупационите сили на Бугарија и Италија, менувавме табли на споменици, адаптиравме учебници, се откажувавме од своите браќа и од сопствените предци. А ветеното? Тоа остана на истото и веќе дегутантно – „само уште ова“.
Во овие две–три децении, цели генерации израснаа верувајќи дека ќе бидеме дел од ЕУ. Ајде, велевме, уште малку трпение. Ќе нè разберат. Европа има вредности. Гласно повторувавме: „Европа има вредности“. Европа знае што е правда. Европа ќе застане зад тоа што го проповеда. И секогаш, како по команда, доаѓа некој европски претставник со насмевка и ја повторува мантрата: „Вратата ви е отворена“. Ама ете, не влегуваме. Стоиме на промаја. Ни дува од запад, од југ, од исток, и нè отера на север или во северна. И не е веќе студено – туку смрзнувачки и болно. Ја изгубивме логиката, самопочитта, историскиот континуитет – се откажавме од идентитетски столбови за да не бидеме пречка на патот до таа врата.
Излегува дека во време кога човек може да се самоидентификува како мачка, куче или бамбус, и прифаќањето на тоа да се третира како демократска вредност, единственото што изгледа спорно, анахроно, и целосно неприфатливо – е кога некој ќе се самоидентификува како Македонец. Човек кој сака да биде Македонец, без фуснота, без ѕвездичка, без додавки – само Македонец – станува пречка за сите. Им смета со тоа што постои. За жал, баш тука, во таа наизглед едноставна реченица, се крие причината зошто таа врата на ЕУ никогаш не се отвори до крај: за да влезеш, се очекува прво да излезеш од својата кожа.
Се прашувам, дали Европа не ја научи лекцијата од својот однос кон Евреите во минатиот век? Со години молчеше и мижеше пред фактите, кога едно по едно им ги одземаа правата, имотот и достоинството – само затоа што беа тоа што беа – и со тоа создаде услови за најголемото злосторство на векот – физичко истребување на „неподобните“. Во овој 21 век, го имаме истиот однос кон Македонците, завиткан во некаква обланда на современ човек. А што, зарем човекот во тоа време мислел за себе дека е современ?
Како поинаку се толкува „ти не можеш да си Македонец, затоа што можеби пред 25 века имало Македонци кои се восхитувале на хеленската култура“, или пак „се разбудиле едно утро во 1944-та милиони Бугари и м текнало дека се Македонци“. Суштината е подлабока. Она што стои зад сите „услови“, „чекори“ и „кластери“ е добро прикриен обид за геополитичко рекомпонирање – постепена поделба на Македонија и асимилација на македонскиот народ. Некои тоа го прават транспарентно, други со завиткан говор за пријателство, третите со тивки ултиматуми. Целта е иста: Македонците да се само дел од историјата.
Сè е одамна нацртано по некакви кафеански салфетки: од Сан Стефанскиот договор, преку Мегали идејата, до шовинистичките проекции на „Албанија до Вардар“. И, за рамнотежа во иронијата – нека стои и лудоријата на Шешељ за „Србија до Токио“, иако мора да се признае дека последнава деценија, со исклучок на маргинални поединци, Србија изразува високо почитување кон македонскиот народ и држава.
Постои нешто што не може да се поништи со договор, да се избрише со амандман или да се поткупи со фондови. Македонскиот народ не е термин, не е етнографски куриозитет, не е пречка за туѓи амбиции. Тоа е колективна меморија, живо чувство, народ со корен, со болка, со снага. А токму тие народи не исчезнуваат. Не се распаѓаат во ноќта. Не се претопуваат во туѓи идентитети. Да, ќе се најде будала што ќе го стори тоа како индивидуа; знаете како велиме: „Еден човек во шума – ајдук; двајца, војвода и комита; тројца, војвода, комита и кодош“. Но, народот како целина – никогаш!
По сите разочарувања, навреди, уцени и ветувања што се одложуваат, можеби веќе не треба да стоиме пред ничија врата. Особено не пред врата зад која не нè чекаат со добредојде, туку со ножици во рацете – да не прекројат. Стоевме предолго на промаја. И од таа промаја не само што замрзнавме – туку нè стегна во коските, нè разниша внатре. Ни ја одзеде самопочитта. А кога недостига самопочит, нема почит ни кон државата, па сосема нормална појави се корупција и дефетизам иако не било отсекогаш така. Мојот народ не бил, и не е народ без достоинство. Не сме ниту измислица, ниту пречка. Ние сме народ со колективна меморија и со чувство, со култура и традиции. Народ што станува по секое паѓање. И токму затоа не смееме да дозволиме повеќе да нè третираат како да сме минато кое треба да се архивира.
Можеби е време да не чекаме туѓо признание. Можеби е време да ја затвориме вратата – не од инает, не од каприц, туку од самозаштита. Од достоинство. Да се засолниме од промајата. Да си ја затвориме вратата, и да почнеме да си го градиме домот однатре. Зoшто народ што живее на туѓ праг, ризикува да биде избришан. А на нашиот праг ќе ставиме чергиче со натпис: Затвори врата, нè уби промаја!