„АЛКАЛОИД“ ДОБИ ПЛАКЕТА ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ Свечена академија по повод 80-годишниот јубилеј на Црвениот крст

Во знак на благодарност за поддршката на настраданите во трагедијата дадена од „Алкалоид“, како и за придонесот на компанијата при хуманитарните апели на Црвениот крст, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата, Живко Мукаетов, беше одликуван со јубилејна плакета.

40

По повод 80-годишниот јубилеј на Црвениот крст, во Македонскиот народен театар се одржа свечена академија под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Под мотото „Осум децении ние гледаме луѓе“ беше одбележан јубилејот на Црвениот крст, хуманитарна организација која осум децении им дава помош и поддршка на најзагрозените категории граѓани, промовирајќи хуманост и човечка солидарност.

Формиран на 17 март 1945 година, Црвениот крст на Македонија годинава не го одбележа јубилејот на денот на своето основање поради трагедијата во Кочани, која наложи целосна мобилизација на организацијата заради обезбедување помош и поддршка на погоденото население. Токму во знак на благодарност за поддршката на настраданите во трагедијата дадена од „Алкалоид“, како и за придонесот на компанијата при хуманитарните апели на Црвениот крст, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата, Живко Мукаетов, беше одликуван со јубилејна плакета. Признанието на Мукаетов му го врачи д-р Лилјана Ристевска, потпретседателка на организацијата Црвен крст на РСМ.






Изминативе години „Алкалоид“ има спроведено повеќе активности во соработка со Црвениот крст на РСМ и со Црвениот крст на град Скопје, како во делот на социјално-хуманитарната дејност така и на полето на крводарителството. Во рамките на компанијата повеќе од 50 години активно функционира Друштвото на крводарители, кое во 2024 година доби специјално признание за масовен одѕив во рамките на крводарителските акции организирани од Црвениот крст и од Институтот за трансфузиона медицина. Изминативе неколку години „Алкалоид“ континуирано спроведува акции за донирање облека и храна. Компанијата во континуитет ги поддржува апелите на Црвениот крст за поддршка на бездомниците, бегалците и мигрантите како едни од најгорливите категории на полето на хуманитарната помош. Во 2015 година, на организираниот хуманитарен пикник, колективот на „Алкалоид“ собра повеќе од 750.000 денари, донација наменета за Солидарниот фонд на Црвениот крст. Последната донација за истиот фонд, во износ од 15 милиони денари, компанијата ја намени за настраданите од трагедијата во Кочани и за нивните семејства.

На јубилејната свеченост Црвениот крст додели и четири златни медали, а беше официјализирана и донацијата во износ од 20.000 евра за Универзитетската клиника за трауматологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Како што посочија организаторите на настанот, 80-годишниот јубилеј на Црвениот крст претставува момент на благодарност и на сеќавање и признание за сите волонтери, членови, вработени и партнери кои ги оставиле и сè уште ги оставаат своите траги на хуманост

Поврзани содржини