ЕБОР СО ОЦЕНКА 5,6 ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ТРАНЗИЦИЈАТА Најдобар ни е ИКТ секторот, а најслаби сме во конкуренцијата

Индексот за дигитализација на ЕБОР покажува дека остварувањето на нашата земја е 59% во делот на дигиталните предуслови и 48% во делот на фактичката употреба на дигиталните технологии, резултати коишто, иако се блиску до регионалниот просек, сè уште се далеку од границата од 100.

187

Квалитетот на транзиција на нашата земја е над просекот на земјите од Западен Балкан со оценка 5,6 од можни 10, покажува Извештајот за транзиција (2024 – 2025) на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на чијашто презентација се обратија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и шефот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу.

-Најновиот Извештај на ЕБОР ни дава јасна слика за тоа каде се наоѓаме на патот кон постигнување одржлива пазарна економија во моментов. Најниските оценки се забележани во делот на конкурентноста, отпорноста и доброто владеење, што  укажува, меѓу другото, на потребата од подлабоки реформи за зајакнување на продуктивноста, унапредување на вештините, зголемување на учеството во глобалните синџири на вредности и подобрување на деловното окружување, особено за малите и средните претпријатија. Од друга страна, нашата земја има прилично висока оценка во делот на интеграцијата, што ја одразува високата отвореност за трговија (130% од БДП) и инвестиции и релативно повисоко ниво на ИКТ-инфраструктурата. Во однос на продуктивноста, како клучен столб на долгорочниот раст, јазот сè уште е голем, при што нашата продуктивност е околу половина од просекот на ЕУ – рече Ангеловска-Бежоска.






Таа додаде дека структурните реформи се континуиран процес. Како пример за структурни промени кај нас таа го посочи влезот на странските компании во слободните економски зони, коишто одиграа позитивна улога во привлекувањето странски компании, создавањето работни места и зголемувањето на продуктивноста во македонската економија. Компаниите во зоните привлекоа над 1 милијарда евра директни странски инвестиции во последната деценија, што претставува околу 50% од вкупниот извоз и се едни од најпродуктивните компании во земјата.

Зголемувањето на продуктивноста бара и поттикнување на дигитализацијата и иновациите. Имено, индексот за дигитализација на ЕБОР покажува дека остварувањето на нашата земја е 59% во делот на дигиталните предуслови и 48% во делот на фактичката употреба на дигиталните технологии, резултати коишто, иако се блиску до регионалниот просек, сè уште се далеку од границата од 100.

– Пристапот до финансирање, исто така, е значаен фактор на поддршка, и во овој контекст важно е да се нагласи солидната кредитна поддршка на компаниите, за што придонес имаат и мерките на нашата политика насочени кон зајакнување на отпорноста и стабилноста на банкарскиот систем – рече Ангеловска-Бежоска.

Шефот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава вели дека земјава направи импресивни чекори во својата зелена транзиција, развојот на инфраструктурата и унапредување на пристапот до финансии за деловните субјекти и поединците.

– Новоусвоената Стратегија на ЕБОР за земјата за 2025 – 2030 година се темели врз овој напредок, со јасни приоритети околу регионалната интеграција, одржливата инфраструктура и поттикнувањето на поконкурентна и инклузивна економија. Како што е наведено во Извештајот  индустриската политика може да одигра клучна улога во обликувањето на долгорочната конкурентност и отпорност на земјата. Нашето инвестирање во СМакедонија е насочено кон создавање значајни можности што ќе ги охрабрат граѓаните да ја градат својата иднина дома – поддржувајќи инклузивен раст и помагајќи во справувањето со демографските предизвици – рече Туркменоглу.

Поврзани содржини