СТАРТУВА НОВИОТ МОДЕЛ ЗА ИЗДРЖУВАЊЕ ЗАТВОРСКА КАЗНА ВО МАКЕДОНИЈА Пандов на своја нога ја тестираше електронската алка
Законската рамка дозволува три категории затвореници да бидат префрлени во домашен затвор со електронска алка: стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали деца, како и тешко болни затвореници.
Се намалува бројот на осуденици зад решетки – барем формално. Со денешната промоција на електронските алки кои ќе се поставуваат на нозете на осудените лица коишто казната ќе ја издржуваат во домашен затвор, започнува нова фаза во казнено-поправниот систем на Македонија.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, изјави дека според последната анализа направена во затворите, околу 60 затвореници во моментот ги исполнуваат условите да добијат електронска алка и казната да ја издржуваат во домашни услови, под 24-часовен електронски надзор.
– Имаме вкупно 2.300 затвореници и 400 притвореници. Во дел од затворите исполнетоста на капацитетите е над 100%. Мојата надеж е дека со овие алки ќе се намали таа пренатрупаност. Низ призма на бројки, јас ќе ви кажам дека во моментов 60 лица можат веднаш да добијат електронска алка – изјави Пандов.
Законската рамка дозволува три категории затвореници да бидат префрлени во домашен затвор со електронска алка: стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали деца, како и тешко болни затвореници.
Самиот процес може да биде инициран на два начина – или затвореникот сам поднесува барање до надлежниот суд, или затворот иницира таква постапка за одреден осуденик.
– Во моментов на мојата нога носам алка и ја тестираме дали работи. Ако излезете од периметарот кој ви е одреден, ние веднаш реагираме. Прво го бараме затвореникот телефонски на СИМ картичката којашто е инсталирана во уредот, па бараме некој негов близок, а ако и тоа не вроди плод, тогаш повикуваме полиција – објасни Пандов, уверувајќи ја јавноста дека системот е сигурен и дека не верува оти некој затвореник ќе си дозволи да го злоупотреби.
Тој откри дека еден затвореник дневно ја чини државата над 2.000 денари.
– Ако земеме предвид дека голем дел од затворениците се тешко болни, самото нивно носење во болница нѐ чини пари. Самото чување на тие затвореници во болниците ни троши ресурси. Затоа, тие затвореници отсега ќе можат да ја отслужуваат затворската казна во својот дом со алка на ногата – рече Пандов, додавајќи дека во моментов во земјава има вкупно 60 затвореници кои одлежуваат доживотна казна затвор.
И министерот за правда Игор Филков присуствуваше на промоција на надградениот систем за електронски надзор во тренинг центарот на КПД Идризово.
– Електронските алки не се само технолошки уреди – тие се алатка за реформа. Тие се симбол на една нова, современа пробациска политика. Преку нивното користење, овозможуваме: Алтернатива на затворот, намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи, подобра ресоцијализација и поголема безбедност за граѓаните. Ова не е само техничка надградба – тоа е јасна определба дека правдата може да се спроведува со достоинство и почитување на човековите права – истакна министерот Филков.
Дополнително, посочи тој, со новиот Закон за пробација, чиј предлог е веќе подготвен во Министерството за правда, многу скоро ќе биде објавен на ЕНЕР, воспоставуваме правна рамка која овозможува поширока примена на куќен притвор, условен отпуст и ресторативна правда, сето тоа под буден, но хуман надзор.
– Со тоа ги охрабруваме надлежните да пристапат кон пробацијата многу похрабро за во иднина заеднички да ја отстраниме црната дамка која што беше фрлена досега на изречените мерки- куќен притвор. Довербата и сигурноста во системот мораме да ги вратиме. Ќе продолжиме да работиме на реформи кои носат вистинска промена и ќе изградиме правосудство кое е достапно, правично и во служба на граѓаните – порача министерот за правда.
Овој проект претставува прв обид да се воведе модерна технологија во македонскиот пенитенцијарен систем, со надеж дека ќе придонесе за подобра ресоцијализација на затворениците, намалување на пренатрупаноста и рационализација на трошоците во казнено-поправните установи.
Инаку, алките, кои се поставуваат на ногата, се поврзани со ГПС систем и со централен софтвер за 24-часовен мониторинг. Преку нив се следи движењето на осудениците, со прецизни гео-граници за движење, а секое отстапување автоматски ќе биде евидентирано и сигнализирано.
Иако државата уште во 2015 година набави 400 вакви уреди, поради низа административни, технички и институционални пречки, тие останаа неискористени.
Овој систем е дел од пошироката реформа на казнено-поправниот систем, во рамки на пробациската политика што се развива со поддршка од ЕУ. Покрај куќниот затвор, пробацијата опфаќа и други мерки како условна осуда со надзор, општокорисна работа и задолжително советување.
Но, бројките говорат дека Македонија сѐ уште не ја користи доволно оваа можност. Во текот на 2023 година, само две судски пресуди предвиделе куќен затвор, иако условите и техничките решенија се веќе подготвени. Дел од причините за ваквата состојба се недоволна запознаеност на судиите со можностите што ги нуди пробацијата, како и потребата од подобра институционална координација.
Дополнителен притисок за активирање на системот е и тоа што државата се обврзала пред донаторите да ја започне примената на електронските алки до крајот на 2025 година. Во спротивно, ќе треба да плати пенали во износ од околу половина милион евра за неискористена донација.
Сепак, денешната промоција е сигнал дека Македонија конечно го фаќа чекорот со современите практики во извршување на казните. Иако задоцнето, воведувањето на електронскиот надзор би можело да стане важен дел од напорите за ресоцијализација, хуман третман и намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи.