ОВА НЕ Е ДОГОВОР ЗА КРЕДИТ, ТУКУ ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА Би граделе и модерен клинички центар во Скопје
Вториот договор кој што е уникатен и кој што ќе е најголем договор што Велика Британија во финансиска смисла го постигнала со која било земја од Европа, е договорот Влада со Влада, помеѓу Велика Британија и Македонија, вели вицепремиерот Александар Николоски.
Велика Британија нема ваков договор нема со никој во цела Југоисточна и Источна Европа, Македонија ќе е прва држава со која што Велика Британија ќе потпише договор за стратешка соработка и мислам дека тоа е една јасна политичка порака, рече вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на Сител.
– Позицијата на Македонија како раскрсница на два паневропски коридори, Коридорот 10 и Коридорот 8, кои што се пресекуваат токму во Македонија е геостратешката положба која што ние треба да сме паметни и да ја искористиме и мислам дека на најдобар начин ја правиме со овој договор – рече Николоски.
Николоски информираше дека со Велика Британија се постигнати два договори – за стратешко партнњрство и договор влада со влада.
– Договорот за стратешко партнерство ги одредува политичките контури на соработката и во него има глобална соработка, соработка во делот на одбраната и безбедноста, соработка во делот на миграциите, во делот на реформите во правосудството, борба со организиран криминал и корупција, економска соработка и развој, млади, култура, образование, добро владеење и правосудство. Тоа е оваа политичка соработка и тоа е едниот договор. Вториот договор кој што е уникатен и кој што ќе е најголем договор што Велика Британија во финансиска смисла го постигнала со која било земја од Европа, е договорот Влада со Влада, помеѓу Велика Британија и Македонија, кој што точно ги утврдува секторите на соработка и јасно вели во членот 1, дека ќе се воспостави партнерство за поддршка, да се испорачаат инфраструктурни проекти, проекти во здравството, проекти во транспортот, технологијата, енергијата и останатите критични сектори. Понатаму во членот 3 од истиот договор се вели дека Владата на Обединетото Кралство, преку својот механизам, кој што се вика надворешно финансирање, става на располагање лимит од 5 милијарди фунти за Македонија, што во превод значи некаде околу 6 милијарди евра – информираше Николоски.
Според Николоски тоа е рамката која што ние можеме да ја користиме со ова партнерство.
– Но, она што е исто така за мене многу значајно, вели дека ќе се разменуваат и знаење и најдобри практики, кои што ќе ги носат кај нас научници од Велика Британија, бизнисмени, луѓе од јавната администрација, луѓе од здравството, од образованието. Значи овие два договори треба целосно Македонија да ја трансформираат и да ја однесат на едно друго ниво. Ова не е договор само како што денес беше прокоментирано за позајмување или за кредит, ова е договор кој што Македонија треба целосно да ја трансформира како општество, треба целосно да ја трансформира како држава, со цел не само да се зголеми животниот стандард, туку и целокупно условите за живот се подобрат. Неслучајно за старт ги одбравме двата најбитни сектори, едниот е транспорт и вториот е здравство, за кој што веќе имаме договори – потенцираше Николоски.
Тој се осврна и на рамката на договорите.
– Тоа е рамка која што е на неограничен временски период. Значи никој не вели дотогаш мора да ги искористите овие средства. И не значи дека сите средства ќе бидат искористени, туку соодветно на потребите што Македонија ги има. Во моментов имаме спремни проекти за некаде околу 2 милијарди фунти, што би било некаде околу 2,3 милијарди евра, и тоа се првите проекти со кои ќе стартуваме во периодот кој што е пред нас – вели вицепремиерот Николоски.
Веќе имаме согласност за изградба на Клиничка болница во Штип, додаде рој.
– Тоа за источниот дел е децениски проблем. Оваа болница после Клиничкиот центар во Скопје треба да е најголема во Македонија. Второ, изградба на медицински факултет комплетно нов, тоа е во делот на образованието и трето студентски дом којшто би бил во поддршка на медицинскиот факултет со најмалку 200 легла. Понатаму, четвртиот проект е целосно реконструкција на Клиничката болница во Тетотово и петто, изградба на нова болница со нов здравствен дом во Кичево – истакна вицепремиерот Николоски.
Тој рече дека е од суштинско значење да се направи голем и модерен Клинички центар во Скопје, кој што би бил од голема помош за граѓаните во Македонија.
– Ова се 5, би рекол пилот-проекти, коишто доколку се реализираат како што би требало, амбицијата е во втора фаза веќе да размислуваме и за други региони, да размислуваме за Охрид, Битола, Прилеп. Исто така, наша амбиција и е модерен клинички центар во Скопје. Во моментов правиме една голема реконструкција на Градската болница „8 Септември“, во соработка помеѓу Министерството за транспорт, Министерството за здравство и ТАВ. Тоа ќе го реши проблемот на еден среден рок, така што амбицијата е да размислуваме за голем Клинички центар во Скопје кој ќе служи за цела држава како терциерно здравство – рече Николоски.
Тој додаде дека ова е само почеток на инвестициите кои ќе се прошират и во други сектори.
– Ова е стартот, секако дека се отворени можности и за други сектори, и како ќе поминува времето ќе излегуваме со информации и за други сектори. Она што сакам да го кажам е дека ова се инвестиции кои се враќаат три до четирикратно – истакна вицепремиерот Николоски.