Маршираме против топовите на европското лицемерие, сењор Кошта!

Предлагам на првата следна формална или неформална средба со Португалецот Антонио Кошта, да се интонира или да се испее неговата национална химна. Нема подобар начин да му се објасни зошто Македонија верува во европските вредности и зошто не може и не сака да ги прифати уцените на Софија поткрепени од Брисел.

1,567

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Скопје потврди дека Европската унија засега цврсто стои во одбрана на позициите на својата членка Бугарија во спорот со Македонија. Португалецот својот став го соопшти грубо, со зборовите; „Она што е договорено е договорено и нема повеќе што да се договара. Сега треба да се исполни тоа што е договорено и нема повеќе простор да се прашува што уште треба да се договара“.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски возврати смирено, на одлучно: „Јас сум на истиот став дека евроинтегративниот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерални прашања. За жал, претходната влада прифати такво билатерално прашање да биде дел од нашата европска иднина. Јас тоа не можам да го прифатам и нема никогаш да го прифатам“.






Тоа беа клучните политички пораки од оваа средба. Ништо ново, ништо неочекувано. Можеби новост е само тоа што Португалецот изгледа се амбицирал да ја скрши „тврдата позиција“ на владата во Скопје и да ја натера да го прифати она што го прифатија сервилните влади на СДСМ на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски. Тоа значи дека нашите дипломати ќе имаат уште сеанси на „виткање рака“ со Антонио Кошта.

Во врска со тоа, имам предлог како на Португалецот да му објасниме што значат атрибутите на нашиот национален идентитет и нашата национална гордост, за нас, Македонците. И зошто не можеме и не сакаме да ги прифатиме бугарските негирања, кои претседателот на Европскиот совет ги смета за „договорена“ работа. Имено, предлагам на првата наредна средба со него, да се интонира, или барем неформално да се испее, португалската химна „A Portuguesa“.

Приказната и „контроверзите“ за португалската химна

Оваа песна е создадена во 1890 година, во време кога под силен притисок и ултиматум на Велика Британија, Португалија мора да се откаже од своите територии и претензии во Африка, во Ангола и во Мозамбик. Во 1911 година, по укинувањето на монархијата во Португалија, „A Portuguesa“ станува официјална химна на републиката.

Во Португалија, посебно во некои елитистички кругови, химната постојано е изложена на критики, бидејќи таа повикува на оружје („às armas, às armas!“) и на борба против „непријателот“. Еврофанатиците сметаат дека химната не е доволно „европска“ и дека го буди духот на национализмот и на империјализмот, а наводно ја шири и идејата за „зајакнување на нацијата“ преку „отпор кон странски влијанија“.

Ова се стиховите на португалската химна:

Херои на морето, благородни луѓе,
Храбра и бесмртна нацијо,
Крени се повторно
О раскошу на Португалија!

Во маглата на спомените,
О Татковино, почувствувај го гласот
На твоите истакнати предци
кои ќе те доведат до победа!“

И „контроверзниот“ рефрен што најмногу ги нервира елитистите, поради кој тие својата химна ја сметаа за „анахрона“:

На оружје, на оружје,
преку земја, преку море,
на оружје, на оружје,
за Татковината да се бориме!
Против топовите маршираме, маршираме!

Одвреме навреме, во Португалија се појавуваат идеи за промена на текстот или за компонирање нова химна, но тие не добиваат широка поддршка. За нормалните луѓе во Португалија, „А Portuguesa“ не е химна на освојување, туку реакција на понижување. Повикот „на оружје“ е симбол на мобилизација на народната волја за одбрана на достоинството на нацијата, а не конкретен повик на агресија или на војна. Химната за Португалците е и симбол на слободата по падот на монархијата, а подоцна и на борбата против диктатурата на Салазар.

Со еден збор, „A Portuguesa“ е дел од традицијата и од идентитетот на Португалците. Огромен дел од португалскиот народ ја сака и ја пее химната со гордост, особено на спортски настани и национални празници. Критиките доаѓаат од политички или од интелектуални групи, а не од широката јавност, што го прави нивното барање елитистичко, а не народно.

Португалците и Французите маршираат, Македонците се борат за своите правдини

Јас навистина не знам во која група спаѓа политичарот Антонио Кошта и дали ќе му се допадне да ја слушне својата химна уште еднаш, како што веројатно ја слушал и ја пеел многу пати во животот. Но, сигурен сум дека едно такво внимание од наша страна ќе му помогне да сфати дека борбата за слобода и отфрлањето на уцените и на ултиматумите од силниците е дел и од традицијата на македонскиот народ.

Нашата химна можеби нема толку „милитантни“ метафори како „А Portguesa“ или како „Марсејезата“, на пример (во која, пак, се спомнуваат оружје, баталјони, марширање, леење нечиста крв итн), но и „Македонците се борат за своите правдини“ во својата химна (по стихови на Владо Малески).

Соочени со топовите на силеџиското вето, како и храбрите Португалци некогаш со топовите на моќната Британска империја, Македонците денес ја избираат единствената достоинствена опција – верба во слободарскиот дух на европските нации и во идејата за обединување на Европа, но и отпор и истрајност во борбата против неправдата.

Што има тука неевропско?

Против топовите маршираме, маршираме!

Маршираме против топовите на европското лицемерие, сењор Кошта!

Оваа власт така е договорена со народот. Заев, Ковачевски и Ахмети се договориле со Софијанците, ама не со својот народ.

А тогаш кога ќе се договориш со својот народ, е дури тогаш – она што е договорено, договорено е!

Еста кларо, сењор президенте?

Поврзани содржини