МИЦКОСКИ НА САМИТОТ НА ЕВРОПСКАТА ПОЛИТИЧКА ЗАЕДНИЦА ВО ТИРАНА Безбедноста во фокусот на разговорите
На Самитот на ЕПЦ во Тирана е најавено присуство на 47 шефови на држави или влади од Европа. Така, покрај премиерите Мицкоски и Рама, на собирот ќе учествуваат и претставници на сите 27 членки на ЕУ, на земјите од ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), како и на Азербејџан, Андора, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Ерменија, Косово, Молдавија, Монако, Сан Марино, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.
Во Тирана денеска ќе се одржи шестиот Самит на Европската политичка заедница на тема „Нова Европа во новиот свет: единство – соработка – заедничко дејствување“, на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски.
Главна тема на Самитот, чии кодомаќини се претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и албанскиот премиер Еди Рама, ќе биде безбедноста и заедничката визија за иднината на Европа.
Во тие рамки се очекува лидерите да разговараат за безбедноста на Европа, вклучително и поддршката за Украина, европската одбрана, заштитата на демократијата, како и подготвеноста и способноста за одговор на разни закани.
Покрај ова, на собирот ќе се одржат и три тркалезни маси на високо ниво со осврт на безбедноста и демократската отпорност на Европа, вклучително и на руската агресија на Украина, потоа на зголемување на европската конкурентност и безбедност преку иновации и отпорност, како и на предизвиците во мобилноста и јакнење на младите.
Во поканата до европските лидери за учество на Самитот, Кошта и Рама посочуваат дека Европа се соочува со историски момент, обележан со повеќеслојни и сложени предизвици.
„Додека продолжува агресивната војна на Русија против Украина, нејзините последици се чувствуваат далеку надвор од границите на Украина, оптоварувајќи ја нашата безбедност и тестирајќи ја нашата колективна отпорност“, се наведува во поканата.
Во неа се посочува и дека во исто време европските економии се соочуваат со обновени ризици од фрагментација, кои ги поткопуваат воспоставените економски модели и ја тестираат способност на државите во Европа за одржување на растот, отпорноста и конкурентноста.
„Важен предизвик остануваат и нерегуларната миграција и нејзината инструментализација, кои ги усложнуваат напорите за овозможување безбедна и регулирана мобилност и справување со недостигот на работна сила“, се додава во поканата.
Кошта и Рама натаму посочуваат дека надоградувајќи се на напредокот од претходните самити, Самитот во Тирана ќе обезбеди клучна платформа за подобрување на дијалогот и продлабочување на соработката, со цел претворање на заедничките предизвици во можности за унапредување на заедничките цели.
На Самитот на ЕПЦ во Тирана е најавено присуство на 47 шефови на држави или влади од Европа. Така, покрај премиерите Мицкоски и Рама, на собирот ќе учествуваат и претставници на сите 27 членки на ЕУ, на земјите од ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), како и на Азербејџан, Андора, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Ерменија, Косово, Молдавија, Монако, Сан Марино, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.
На Самитот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, како и генералните секретари на НАТО, Марк Руте, на Советот на Европа, Ален Барсе и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Феридун Синирлиоглу.
Во пресрет на денешниот Самит, Кошта синоќа во Тирана организираше вечера за лидерите на шесте земји од Западниот Балкан, на која присуствуваа и Фон дер Лајен и Калас.
Идејата на Европската политичка заедница е да го олесни дијалогот и соработката меѓу лидерите на континентот за решавање на прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа. Таа не е наменета да замени која било постоечка структура, организација или процес, туку е форум на кој европските земји можат да најдат дополнителен простор за соработка по најважните прашања на континентот.
До сега се одржаа пет самити на Европската политичка заедница. На првиот Самит во Чешка во дискусијата доминираа прашања поврзани со мирот, безбедноста и енергијата како резултат на војната во Украина, на вториот во Молдавија лидерите се фокусираа на напорите за мир и безбедност, како и на енергетската отпорност, поврзаност и мобилност во Европа, на третиот состанок во Шпанија фокусот беше на обезбедување на поотпорна, просперитетна и геостратешка на Европа, на четвртиот во Велка Британија дијалогот се водеше за одбраната, заштитата на демократијата, за миграцијата, енергијата и за поврзаноста, додека на петтиот Самит во Унгарија лидерите разговараа за безбедносните предизвици на Европа, илегалната миграција, економската безбедност, поврзаноста и односите меѓу ЕУ и САД.
Следниот Самит на Европската политичка заедница ќе се одржи во Данска во текот на претстојната есен.