ИДНИНАТА НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО Е ВО ДИГИТАЛНИ СЕЛА Имаме плодна почва и сонце, ама ни фалат модерни вештини и опрема
Домашното производство на земјоделска механизација и натаму е минимално, а пазарот се потпира на увоз. Обезбедувањето нова опрема за ставање во шишиња, пакување и за рафинирање ќе му додаде вредност на секторот за преработка на храна, но и од еколошки аспект би се постигнала општествена придобивка, со можности за третман и за отстранувањето на отпадот.
Агробизнисот е еден од најперспективните сектори во Македонија, но недостигот од модерна опрема/технологија и од инвестиции во преработувачки капацитети, како и недоволната дигитализација на процесите остануваат клучна слабост на земјоделскиот сектор, вели Васко Ристовски, координатор на здруженијата за земјоделство, прехранбена и тутунска индустрија при Стопанската комора на Македонија во интервју за порталот МКД.мк.
– Македонија е во рана фаза на подготовки за одржливо земјоделство. Владините реформи на системот за директни субвенции од 2023 година го зајакнаа поврзувањето на поддршката со производството. Подготовката на нов закон за земјоделство и рурален развој е одложена. Северна Македонија мора да ја усогласи својата политика за земјоделска поддршка со законодавството на ЕУ, особено употребата на агроеколошки мерки.
Постигнавме напредок во набавката на ортофото (воздушни) снимки за да се олесни ажурирањето на LPIS. Регистарот на земјоделци и LPIS до платежната агенција сè уште треба да се пренесат на платежната агенција. Во однос на развојот на интероперабилност во реално време со системите за идентификација и за регистрација на животни (ИД на животни) поради квалитетот на податоците, не е постигнат никаков напредок.
Во делот на политиката за квалитет се забележува напредок со донесувањето на Законот за вино. Законодавната рамка, вклучувајќи ја и онаа за алкохолните пијалаци, сè уште треба целосно да се усогласи со законодавството на ЕУ. Административниот капацитет и ресурсите остануваат недоволни, и покрај изгледите за раст.
Во однос на органското земјоделство, сè уште се чека носењето нов закон за органско земјоделство, кој дополнително ќе се усогласи со законодавството на ЕУ. Треба да се засилат активностите за подобрување на следењето и контролата на органската сертификација и следливоста на органските производи, но и да се вложат напори за развој на секторот преку натамошно користење на поддршката достапна во рамките на програмата IPARD III – вели Ристовски.
Што се случува во делот на безбедноста на храната, како и на ветеринарната и фитосанитарната политика?
– Подготвен е нов закон за официјални контроли, но сè уште не е усвоен. Агенцијата за храна и ветеринарство изврши редовни ревизии на акредитирани лаборатории во областа на ветеринарството и безбедноста на храната.
Во делот на фитосанитарната политика, сè уште не е донесен нов закон за здравје на растенијата насочен кон усогласување со новото законодавство на ЕУ за здравје на растенијата. Фитосанитарната управа редовно го ажурираше списокот на штетни организми во согласност со acquis на ЕУ и со статусот на штетници во земјата. Сепак, мерките за одржлива употреба на пестициди не се спроведени.
Според Системот за брзо предупредување на ЕУ за храна и добиточна храна (RASFF), земјите членки на ЕУ известија за наоди на неовластени хемикалии во неколку пратки со зеленчук, што укажува на тоа дека контролата на пестицидите што се користат во земјата е несоодветна. Сè уште е неопходна значителна работа за собирање сигурни податоци за националната употреба на пестициди и нивното влијание врз здравјето на луѓето. Законот за генетски модифицирани организми не е целосно усогласен со acquis на ЕУ.
Кои се извозните потенцијали на земјоделско-прехранбениот сектор? Можат ли домашните компании да се натпреваруваат на пазарите на ЕУ и на другите регионални пазари?
– Агробизнисот е еден од најперспективните сектори во Северна Македонија. Агробизнисот (вклучувајќи ги земјоделството, шумарството и рибарството) учествуваше со 7,1 % од БДП (податоци од 2021 година), со 9 % од вкупната трговија (податоци од 2022 година) и со 10 % од вкупниот број вработени лица во земјата (податоци од 2022 година).
Извозот на земјоделски и прехранбени производи во 2022 година сочинуваше 8,6 проценти од вкупниот извоз на Северна Македонија и 9,4 % од вкупниот увоз. Главните пазари за земјоделски и прехранбени производи се ЕУ со 50,5 % од вкупниот извоз и земјите од ЦЕФТА со 32 %. Главни извезени земјоделски производи од Северна Македонија се тутунот, виното, зеленчукот (свеж и конзервиран), овошјето и јагнешкото месо.
Европската Унија обезбедува околу 46 % од вкупниот земјоделски увоз на Северна Македонија. Главни земјоделски производи што се увезуваат се: сурово месо, млеко и млечни производи, житарки, сончогледово масло, овошје и зеленчук и преработена храна. Трговијата со земјоделски производи меѓу нашата земја и САД се намали од 37,2 милиони долари во 2021 година на 30,5 милиони долари во 2022 година. Во споредба со 2020 година, учеството на САД во земјоделскиот увоз на Северна Македонија се намали за близу 0,5 %, на 1,03 проценти од вкупниот увоз, додека, пак, учеството на земјоделскиот извоз на Северна Македонија во САД се намали од 3,9 % на 3,7 %. Тутунот остана најголемиот извозен производ во САД (11 % од вкупниот извоз на тутун), додека, пак, јаткастите плодови беа најголемиот увозен производ.
Преработката на храна и пијалаци, како и преработката на свежо овошје и зеленчук е значаен сегмент во Северна Македонија. Преработената храна вклучува и полуготови производи (замрзнати, сушени и концентрати) и готови производи (конзервирани). Над 75 % од преработената храна се извезува, главно, во ЕУ и во соседните земји. Повеќето капацитети за преработка на храна се приватни компании.
Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 година има цел да ја зајакне способноста на земјоделскиот сектор во Северна Македонија да се натпреварува на пазарите на ЕУ и на другите регионални пазари, да промовира одржлив и избалансиран рурален развој, а воедно и да ја задржи младата популација преку создавање подобри услови за живот.
Стратегијата се фокусира на технологијата и дигитализацијата, примената на одржливи еколошки практики за ублажување и за приспособување на климатските промени и на привлекување млади земјоделци. Следствено, вкупниот буџет за земјоделство (вклучувајќи ги финансиската поддршка за развој на земјоделството и субвенциите за земјоделците) се зголеми од 49,3 милиони долари во 2007 година на 211 милиони долари во 2022 година, што претставува приближно 3,14 % од националниот буџет. Околу 4,9 % од буџетот за земјоделство (106 милиони долари во 2021 година) се користел за поддршка и за директни плаќања за земјоделско производство и за рурален развој.
Сè уште проблем за нашето земјоделство претставува поделбата на земјиштето на многу мали и фрагментирани парцели, при што над 55 % од парцелите се меѓу 2 и 5 ha, а само 0,14 % од земјоделците располагаат со 50 ha или повеќе.
Кои сектори во земјоделско-преработувачката индустрија во Македонија се сметаат за носители?
– Производството на вино, заедно со лозарството, придонесува со 17-20 % од земјоделскиот бруто-производ во Северна Македонија. Покрај тоа, виното е на прво место според извозот на алкохолни пијалаци, а на второ место, по тутунот, според вкупната извозна вредност на земјоделските производи. Северна Македонија има речиси 30.000 ha под лозја, од кои 85 % се винско грозје, а другите со трпезно грозје. Вкупното производство на вино е помеѓу 1 и 1,1 милион хектолитри (hl) вино годишно за 81 винарија и приближно 1 милион хектолитри пиво, главно, за домашна потрошувачка.
Со повеќе од 85 % продажба на странските пазар, виното е стратешки извоз за земјата. Околу 65 % од извозот на вино е наголемо, а помал дел се пакува. Измените во Законот за вино од 2019 година ги олеснија барањата за регистрација во Регистарот на производители на вино за мали/семејни винарии, со што бројот на вакви винарии рапидно се зголемува. Во 2022 година вкупниот извоз на вино достигна 665.500 хл (приближно 60 % од вкупното производство), со намалување од 3,4 % според обемот и зголемување од 18 % според вредноста во споредба со 2021 година. Главни извозни пазари се земјите од ЕУ и од Западен Балкан, со одреден извоз во Кина, Канада, Јапонија и во САД. Постојат можности за извоз за американските компании за опрема, што ќе ги зголеми обемот на вино во шишиња во Северна Македонија, како и технологијата и материјалите за стимулирање на производството на нови сорти грозје и модернизација на лозјата.
Во септември 2023 година Владата усвои десетгодишна Национална стратегија за развој на винарството и лозарството (2023-2033), во која како клучни приоритети се наведуваат модернизацијата на секторот, зголемувањето на извозот на вино од Северна Македонија, развојот на винскиот туризам и мерките за заштита од климатските промени, со што би се обезбедиле одржливост и зачувување на биолошката разновидност во лозјата.
Тутунот е најважниот земјоделски извозен производ, кој сочинува речиси една третина од вредноста на вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи (28,7 %). Тутунот повторно беше водечка индустриска култура во 2022 година, засадена речиси на 80 % од вкупната површина под индустриски култури. Речиси целото производство на суров тутун е договорено од мултинационални компании преку регистрирани филијали во земјата и се извезува како ферментиран тутун. Најголемиот извозен пазар е ЕУ, по што следуваат САД, Индонезија и Русија.
Органското земјоделство е област за развој. Во текот на изминатите три години големината на обработливото земјиште сертифицирано за органско производство се зголеми како резултат на зголемувањето на владината поддршка за секторот. Во 2022 година во земјата биле регистрирани 913 субјекти за органско земјоделско производство, кои произведуваат површина од 4.815 ha под органско производство. Органските фарми првенствено произведуваат млечни производи, производи од месо (јагнешко, овчо и козјо месо), мед и други пчелни производи, житарки, маслодајни култури, вино, овошје и зеленчук. Владата ги кофинансираше трошоците за сертификација на органското производство за 50 %.
Околу 46 % од земјоделското производство во земјата претставува производството на свежо овошје и зеленчук, пред сѐ ориентирано кон извоз. Производството е концентрирано во јужните и во источните делови на земјата поради поволната клима. Повеќе од 75 % од производството на зеленчук е на отворено, 20 % во пластични тунели, а остатокот под стакленици. Од градинарските култури најзастепени се компирот, пиперката и доматот, додека, пак, од овоштарските култури јаболкото, сливата, праската и крушата, а во последно време замав зема и производството на орев и на лешник.
Индустријата за преработка на храна во Северна Македонија, која вредносно го надмина и извозот на вино, ја претставуваат 50 компании со капацитет за преработка од околу 180.000 тони овошје и зеленчук годишно. Преработувачите, главно, користат домашна суровина, црвена пиперка, индустриски домат, вишни, јаболка и сливи. Сè уште имаме потреба од интервенции (капацитети и стабилен принос и квалитет на суровината) за да се зголеми нискиот обем на преработка на храна во Северна Македонија, а во последните години видно се истакнуваат и проблемите со квалификувани работници, со тешкотии при пристапот до финансирање, со недостигот од софистицираност на добавувачите, со високите царини за увоз на суровината итн. Потребно е воспоставување стабилни деловни односи со сигурни и ефикасни увозници и дистрибутери, со пристап до соодветни канали за дистрибуција и продажба.
Иако е обезбедена значителна финансиска поддршка за земјоделците во текот на изминатите десет години, недостигот од модерна опрема/технологија и од инвестиции во преработувачки капацитети останува клучна слабост на земјоделскиот сектор.
Што поскоро е неопходно воведување законска регулатива што би ја промовирала консолидацијата на земјоделското земјиште, посоодветна употреба на земјоделска механизација, и нејзино воведување како ефикасна алатка за зголемување на земјоделското производство.
Домашното производство на земјоделска механизација и натаму е минимално, а пазарот се потпира на увоз. Обезбедувањето нова опрема за ставање во шишиња, пакување и за рафинирање ќе му додаде вредност на секторот за преработка на храна, но и од еколошки аспект би се постигнала општествена придобивка, со можности за третман и за отстранувањето на отпадот, хигиена и за исполнување на еколошките стандарди во голем дел од индустриските процеси на доработка.
Во државата сè уште има недоволно производство на месо (освен свинско месо), а бројот на сточен фонд се намалува. Домашната индустрија за свинско месо задоволува речиси 90 % од пазарот за свежо месо, додека, пак, сите индустрии за преработка на месо ги покриваат своите потреби од увоз. Како нето-увозник на месо задоволуваме повеќе од 50 % од својата потрошувачка на месо (месо и преработено месо). Живинарската индустрија е фокусирана на производство на јајца, но производството на месо не е доволно за да го задоволи локалниот пазар на свежо месо. Постои недостиг и од говедско месо бидејќи поголемиот дел од говедата во земјава се млечни крави. Јагнешкото месо е единствениот нето-извозен добиточен производ. Околу 85 % од производството на јагнешко месо во државава се извезува во земјите од ЕУ.
Увезуваме поголем дел од потребите за житни култури. Сопственото производство на пченка не ги задоволува потребите на домашната потрошувачка, увезуваме 1/3 од вкупните потреби од пченица. Потребите од соја се компензираат со увоз на соино брашно од Србија и од Унгарија или од САД (преку Грција и Бугарија).
Во 2013 година Северна Македонија го промени своето законодавство за да спречи употреба на генетски модифицирани производи во храната за животни и за човечка исхрана, но Амбасадата на САД тесно соработуваше со властите за да го промени законодавството и за да го отвори пазарот во 2023 година.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочува секторот и какви се можностите за негов раст?
– И покрај големиот пристап до интернет и широкото поседување дигитални уреди, земјоделците во Северна Македонија често се соочуваат со ниско ниво на дигитални вештини. Иницијативата на ЕУ за дигитални села, која има цел да ги трансформира селата во попаметни, позелени и дигитално и меѓусебно поврзани центри, веќе функционира преку реални примери во неколку земји во регионот, каде што веќе се поставени темелите за нивно воведување, а некои други се во процес на воспоставување на своите први дигитални села (Албанија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Киргистан, Таџикистан, Турција и Узбекистан). И во нашата држава сѐ поизразена е потребата од оспособување на руралните средини и на населението за непречено користење на дигиталните технологии, со што би се овозможила поголема земјоделска продуктивност и поголем пристап до услуги. Индиректно би се намалил бројот на млади луѓе кои ја напуштаат државата и во новонастанатите услови би останале да живеат и да работат во земјава.