МВР СО ИТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Лажни мејлови од познати компании ве мамат да дадете лични податоци
Фишинг пораки со лажни обвинувања за авторски права напаѓаат фирми и граѓани низ Македонија.
Министерството за внатрешни работи преку Секторот за компјутерски криминал алармира за зачестени обиди за интернет измами кои се шират преку фишинг-пораки испратени по електронска пошта, а во кои се злоупотребуваат имињата на познати македонски компании.
Според полицијата, пораките лажно ве убедуваат дека сте сториле повреда на авторски права, при што содржат опасни фишинг-линкови кои наводно водат до документација или барања за преземање на некаква акција. Сето тоа е замка, целта е едноставна, крадење на лични податоци, податоци од компании или финансиски детали.
„Важно и значајно е граѓаните односно компаниите да знаат дека пораката не е испратена од вистинската компанија, да не кликнуваат на линковите или прилози во пораката, да не одговараат на пораката, да не споделуваат лични информации и веднаш да ја избришат пораката“, предупредуваат од Министерството за внатрешни работи.
Секторот за компјутерски криминал веќе презема активности и води постапки за откривање на сторителите на ваквите измами. Од МВР повикуваат: доколку сте примиле ваква порака или, уште полошо, сте станале жртва на интернет измама, веднаш пријавете го случајот во најблиската полициска станица.
Фишинг измамите најчесто доаѓаат преку електронска пошта, но полицијата предупредува дека измамниците користат и други канали како социјални мрежи, СМС-пораки или дури и телефонски повици.
Министерството апелира до сите граѓани и компании да бидат особено внимателни при добивање сомнителни пораки.
„Да не наседнуваат на измами од ваков тип и нивните лични податоци да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет“, стои во апелот на МВР.
Целта е јасна, велат од МВР, а тоа е спречување на понатамошна злоупотреба на лични податоци и заштита на граѓаните од опасни интернет криминалци.