Кога ги загубивме правната држава и владеењето на правото?
Изворот на кризата на правниот систем кај нас е во политичките партии кои ја практикуваат законодавната и извршната власт.
Судската власт, како трет столб на остварувањето на уставното начело за владеење на правото во Република Макдонија, е ставена на столбот на срамот. Политиката и јавните гласила неосновано ги вперија своите напади исклучиво кон органите и носителите на судската власт како главни виновници за кризата на правниот систем и воопшто во правораздавањето. Немам цел да ја оправдувам таа власт за нејзината одговорност во поглед на спомнатата криза, бидејќи и кај неа има очебијни слабости и криминогени појави, туку заложбата е од основа да се согледаат вистинските проблеми и генератори на кризата во правниот систем и правото воопшто.
Во потрага во вистинските корени, пред сѐ, треба да се тргне од дефинирањето на поимите „правна држава“ и „владеење на правото“. Поимот „правна држава“ најпрво се јавил во германската политичко-правна теорија кон крајот на 19 век, како резултат на процесот на ограничувањето и запирањето на апсолутистичката власт на монархот, носител на целокупната власт во државата. Во Англија била конципирана и оформена доктрината „владеење на правото“, т.н. Дасова теорија, според која „владеењето на правото“ му се спротивставува на секој систем на власт. Во француската политичко-правна теорија се сретнува изразот „уставна држава“, а за теоретичарот Келзен – секоја држава е правна, бидејќи таа создава право, но и самата е творба на правото.
Во нашиот устав англиската теорија е втемелена како основно уставно начело, без нејзина соодветна нормативна разработеност во Уставот, бидејќи било проценето дека таа сама по себе ќе се претвори во животна стварност, што излезе дека е илузија. Отсуството на таа разработка во Уставот создаде состојби, особено во однесувањето на политичките партии и во парламентот во целина, во кои по правило одлучуваат партиите што имаат мнозинство во него и ја практикуваат законодавната и извршната власт четири години. И, не само тоа, тие битно одлучуваат за организирањето на судската власт, нејзината материјална положба и, на крај, пресудно влијаат и врз персоналниот состав на таа власт, игнорирајќи ја утврдената постапка за начинот на изборот на вршителите на таа власт. Тоа е погубно за свеста и совеста кај судиите за нивната положба во општеството.
Се поставува вистинското прашање: кои својства треба да ги има една државна творба, за нејзините членови да се однесуваат според правилата што одговараат на нивната заедничка волја и тоа на начин тие правила да се применуваат еднакво на еднакви случаи, без разлика дали се работи за политички партии, државни органи или поединци?
Органите на државата не се над луѓето, туку тие мора своите атрибути на власт да ги вршат врз основа и во рамките на своите законски овластувања, како што и секој граѓанин на државата мора да ги почитува законите. Тоа е суштината на Дантоновиот принцип: секое сфаќање и однесување на кој и да е носител на власта дека е над народот (скриено или јавно) води кон политичка и бирократска тиранија. Исто така, секое однесување на било кој носител на власта за незаконско посегнување по општествен или приватен (туѓ) имот води кон криминализирана држава.
Затоа, треба да се нагласи дека првиот извор на кризата на правниот систем кај нас се наоѓа кај политичките партии што се на чело на тие власти, бидејќи во одделни случаи таа се јавува како одговорен коректор на другите две власти (уставен суд и управен суд) и нејзиното енергично и робустно извршување на нејзините задачи може да придонесува кон реализирање на уставното начело владеење на правото, доследно извршувајќи ја својата контролна функција во практичната примена на Уставот и на законите во државата.
Овој прегнантен увид во суштината на судската власт ја изнесува на виделина мошне благородната и мошне сложена задача на носителите на таа власт. Од нив се бара не само солиден фонд на познавање на правото и на правната наука, туку и многу повеќе, првенствено темелно да ги знааат трите златни завети кои секој носител на судска функција мора да ги почитува. Тие се втемелени во римското право: „Чесно да се живее“, „Никого да не навредуваш“ и „Секому да му се даде она што му припаѓа“. Кон овие принципи особено треба да се придржуваат законодавната и извршната власт.
Кога станува збор за Уставниот суд, практиката покажа дека повеќето судии, од судскиот состав, персонално тешко можат да се вклопат во синтагмата „истакнат правник“. Ова е последица и резултат на мошне површното и волунтаристичко однесување на субјектите овластени за избор на судиите. Како аргумент за ова тврдење е неодамнешното однесување на двајца уставни судии, кои – надгласани од мнозинството колеги – си зедоа слобода да ја напуштат работата на Судот, како протест дека со тоа биле нарушени националните интереси на народноста на која ѝ припаѓаат тие. Забораваат дека судиите на Уставниот суд одлучуваат за примена на Уставот, а не оценуваат дали одлуката ќе им се допадне ним или на некоја политичка партија или на друга интересна асоцијација. Гротескно е што едниот од тие судии е доктор на правни науки и професор на Правен факултет.
Синтагмата „истакнат правник“ претпоставува кандидатите за уставни судии да имаат претходно стекнат респектибилен фонд на мултиплицирани правни познавања, потоа компаративни стручни и научни знаења и искуства. На крајот, тие треба да имаат и солидни знаења од другите области на оштественото живеење во државата. Тоа значи, да бидат солидно општообразовани, едуцирани и, пред сѐ, високо морални и личности со дигнитет.
Редовното судство и јавното обвинителство е исто така битен столб за заштита на уставниот принцип „владеење на правото“. Правсудството е длабоко демократски механизам на правдата во обезбедувањето на законита хармонија во општествената заедница и во вршењето на својата функција на правораздавање не смеат да имаат врска со индивидуалистичкото толкување на законите, а уште помалку да носат одлуки под било какво влијание однадвор или одвнатре. Влијанието одвнатре може да се остварува исклучиво пред Врховниот суд, кој на општа седница донесува начелни ставови за примена на конкретни законски одредби, со што во основа се создаваат услови за единствена примена на законите. Тоа ќе рече дека начелните ставови на Врховниот суд треба да бидат правно и теориски аргументирани (издржани) за да можат да ја обезбедат хармонијата во примена на законите, со што, меѓу другото, се создаваат и условите за стабилност на правниот систем.
Кај нас состојбата на парламентарниот систем, и покрај неговото функционирање повеќе од триесет години, како да е на самиот почеток. Таквата состојба во најголема мера е последица од односот на политичките партии кои го сфаќаат парламентот како свое политичко орудие за исклучива реализација на своите замисли и желби, а не како орган на граѓаните кои го избрале тој парламент. Како да сме уште во времето на Аристотел кој укажувал дека „страста и ненаситноста ги изопачува и најдобрите магистрати (се мисли на собранието, владата, судовите и другите државни органи) и најдобрите луѓе, а законите и нивната примена се интелигенција без страст“. Тоа е „црвот“ во човековата психа кој ги руинира принципите легалитет и легитимитет.
Во трагањето по соодветен модалитет, попирајќи се на искуствата на европските советници како ментори за унапредување на правосудниот систем во Република Македонија се конституираа Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Идејата за нивното организирање и решенијата за нивниот состав во основа се добри, бидејќи со нив е овозможено мнозинскиот состав да го избираат самите носители на судската, односно јавнообвинителската функција. Другиот дел од составот, и покрај критериумите, ќе го трпи политичкиот притисок од другите две власти, а преку нив и од политичките партии. Претседателот на државата, како еден од предлагачите на членови во тој состав, требаше да биде објективен носител на тој изборен состав. Но, во реалноста се увиде дека и во делот на составите на двата совета избрани од редот на самите судии, односно обвинители, видливо е влијанието на политичките носители на власта и покрај тоа што тие „де јуре“ го немаат тоа право. Како инаку да се протолкува практиката во Судскиот совет да биде избран и да претседава судија на основен суд; или, што е фрапантно, со Судскиот совет да претседава негов член кој не е ни судија, туку е стручен судски соработник.
Нужна и ургентна е реформа, но ако се одржи девијантната практика, не може да се очекува напредок. Неодложно е пратениците во Собранието, претседателот на државата и самите судии и обвинители кои учествуваат во персоналниот состав на двата совета, кога избираат членови, да прифатат најстрог рационален и морален императивен налог дека ќе ги почитуваат правилата и за тие функции ќе избираат личности со неспорно судиско-стручно реноме, кои се почитувани во своите средини и имаат вистински јавен и општествен углед и морален и личен дигнитет.
Во врска со Академијата за судии, јавни обвинители, досегашните искуства покажуваат дека покрај зајакнувањето на наставата за начинот на водењето на судските постапки и обликувањето и аргументирањето на судските и јавнообвинителските одлуки, многу повеќе треба да се работи врз едуцирањето за свеста и совеста на судиите и јавнообвинителите со цел да се изгради нивниот дигнитет и моралност, толку битни за чесното вршење на таа света должност. Ним треба да им се повторува секојдневно дека „честа е како шеќерче и може да се употреби само еднаш“. Потоа стануваш обесчестен.