Природна глупавост наспроти Вештачка интелигенција

Секоја алатка може да биде злоупотребена. Ножот сече леб, но може и да убие човек. Во раце на лудак и сунѓер може да биде оружје. Исто е и со Вештачката интелигенција. Во погрешни раце оваа алатка може да е силно оружје, но мене повеќе ме плаши природната глупавост.

923

Читам мислења, статии, записи по социјални мрежи и не можам да поверувам колку паника се шири за Вештачката интелигенција (ВИ), како таа да е чудовиште што ќе нè проголта. Аман веќе…

Ајде да расчистиме нешто: ВИ е алатка, ни помалку ни повеќе. Како чекан, компјутер или автомобил. Може да направи чуда во вистински раце, и секако дека може да направи хаос, ако ја злоупотребите. Преку глава ми е од оние што шират страв и од измамниците што ја користат за да нè лажат.






Историја на стравови

Човештвото има долгогодишна традиција да се плаши од сè што е ново. Она што „на прва“ ми доаѓа како примери од историјата е стравот на црквата од печатарската машина – дека ќе шири ерес и ќе се наруши општествениот поредок. Следува Лудистичкото движење од 19 век – работници кршеле машини затоа што мислеле дека ќе им ги земат работните места. Звучи познато?

Тука е и стравот од „неприродната брзина на движење на возовите“, каде дури и лекари тврделе дека „преголемата брзина на возовите ќе направи мозочни оштетувања“. Или стравот од електричната енергија, наречена „тивок убиец“, кога луѓето мислеле дека ќе ги спржи во сопствените домови. Страв од автоматизација во фабриките во шеесеттите години на минатиов век, што во основа е слично на лудистичкото движење, само што овојпат наместо кршење на машините имало саботажа на автоматиката. Па стравот дека компјутерите ќе ги заменат сметководителите, новинарите, па дури и уметниците.

И што се случи?

Возовите се исклучително корисни и многу побрзи од „страшните педесет километри на час“, машините донесоа прогрес, сметководителите сè уште постојат и употребуваат компјутери, електричната енергија ни го осветлува животот, а автоматизацијата само ни помогна да работиме поефикасно.

Вештачка интелигенција – алатка

Вештачката интелигенција е само уште еден чекор во таа приказна. Но, наместо да ја прифатиме, ние повторно се тресеме од страв.

Да се разбереме: Секоја алатка може да биде злоупотребена. Ножот сече леб, но може и да убие човек. Во раце на лудак и сунѓер може да биде оружје. Исто е и со Вештачката интелигенција (ВИ). Во погрешни раце, оваа алатка може да е силно оружје, но мене повеќе ме плаши природната глупавост. А кога природната глупавост ќе се сретне со напредна технологија – резултатот е болен, понекогаш и апсурдно трагичен.

Веројатно најодвратен начин на злоупотреба е таканаречената „длабока измама“ или deepfake. Ако не сте се сретнале со терминот, ова значи дека со ВИ се создаваат видеа или аудио снимки што изгледаат и звучат неверојатно реално, а се целосно лажни. За жал, со добар компјутер, со доволно силна процесирачка и графичка моќ, може да се „создаде“ (или преработи) лице на секој човек на планетата, вклучувајќи прецизни визуелни карактеристики, глас, па дури и манири. Сè може да се фалсификува.

Први на удар беа популарните холивудски глумици. Одеднаш, нивни лажни видеа почнаа да кружат по интернет, прикажувајќи ги во порнографски содржини што никогаш не ги снимале. За бога мил, се појавија „порнографски снимки“ на жени од шеесеттите и седумдесеттите – дел од нив починати, дел стари госпоѓи. Колку болен ум треба да имаш за да направиш такво нешто?

И не, не застана тука. Следни на удар беа познати доктори. Одеднаш, „д-р Икс Ипсилон“, уважен и почитуван, се појавува во видео, рекламирајќи некој „чудотворен лек“. Обично е спакувано со драматична приказна: „Докторот се спротивставил на фармацевтската мафија!“. Не дека нема злоупотреба во фармацијата и медицината – има и премногу, но не е така драматично и не се работи за црни ѓаволи. Сепак, да се тврди дека „сите лекови треба да се фрлат и да се земе чудотворниот“ е убиство во обид. Барем јас така гледам, а луѓето, заведени од сензацијата, купуваат безвредни „лекови за сè“.

Што следуваше? Па секако – политичари. И онака се доволно непопуларни – па на некои „им легна муабетот“. Лажни говори што никогаш не ги одржале, зборови што никогаш не ги изустиле. Ова не е само измама, ова е напад врз демократијата и напад врз довербата во реалноста. Ние ја искусивме „Вистината за Македонија“, која по се изгледа беше една голема лага, само се прашувам – ни дојде ли умот?

Ова е само почеток

Новите облици на дигитална манипулација сè почесто се насочени кон обичниот човек. Се појавуваат разговорни роботи (chat-bots), што се користат за создавање лажни профили на социјални мрежи или апликации за запознавање. Тие манипулираат со емоциите на жртвите, создаваат „врски“, па дури и бараат пари или чувствителни информации. Сè изгледа реално: слики, пораки, дури и видео-разговори со лице генерирано со ВИ. „Малку е нејасна камерата“, но сепак се видовме со човекот (жената).

Се надевам – не сте се запознале лично… Уверливоста се засилува ако се работи за познат лик. Тука го имаме феноменот на клонирање гласови. Ви се јави „лично доктор Икс “, погоре спомнат, и ви кажа, нели? Фактите велат дека доволна е само неколкуминутна снимка за некој да го симулира неговиот или вашиот глас и да го „вметне“ во телефонски разговор. Се менува дел од содржината – и одеднаш, „вие“ потврдувате трансакција, давате дозвола или се договарате нешто што никогаш не сте го кажале.

Страшно е колку лесно може да се направи штета. И секако, тука се и лажните инвестициски шеми: убедливи веб-страници што нудат „ексклузивна шанса“ за заработка преку криптовалути. Често се промовирани со deepfake видеа каде што некоја славна личност (која реално нема никаква врска со тоа) зборува како „веќе заработила илјадници долари“. И секако, „десетици луѓе“ оставаат коментари и ликуваат (like). А потоа… Луѓето гледаат, веруваат, инвестираат, купуваат… и остануваат без пари.

И знаете што е најтрагично и воедно и најсмешно? Сега некои ја злоупотребуваат ВИ за да докажат дека ВИ е закана. Го гледате парадоксот? Создаваат сценарија достојни за „Терминатор“ или „Матрикс“, каде ВИ наводно ќе нè пороби. И сето тоа за да нè исплашат уште повеќе. Дали е можно да сме толку наивни?

Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?

Не е ВИ-измама да се искористи позната реченица од еден од најпознатите Македонци, Крсте Мисирков, особено без неговиот лик и глас.

Да сумирам: за среќа, Македонија сè уште заостанува во овој хаос, но не се залажувајте – заостанувањето не значи дека сме заштитени. Полека, но сигурно, ВИ-измамите се пробиваат и кај нас.

Прв чекор: да престанеме да се плашиме од Вештачката интелигенција. Под ризик да се повторам – тоа е алатка! Како и со секоја алатка, само треба да знаеме како и кога да ја користиме. Стравот оставете го за филмовите.

Втор чекор: пред да купите некој „чудотворен лек“ или „евтина алатка“ – проверете од кого купувате. Пред да споделите видео од „сензационален говор“, размислете – дали е реално? Секоја вест, секоја „ексклузива“, проверете ја во кредибилни извори. Има причина зошто не е „страшниот говор“ на сите медиуми. Едноставно, не дозволувајте да ве заведат. ChatGPT, Grok, DeepSeek, Copilot, Gemini… не се непријатели, но оние што ги злоупотребуваат – се. И ако не почнеме да мислиме со своја глава, ќе станеме пиони во нивната игра.

Да не заборавам: Колумната е проверена за грешки, логичност и конзистентност од Вештачка интелигенција.

Поврзани содржини