КРВНИЧКА ТЕПАЧКА КАЈ КЛУБОТ НА ПРАТЕНИЦИ Со метален капак од шахта го удирал противникот, додека не го совладале полицајци
Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото.
Јавно обвинителство спроведува истрага против 35-годишен турски државјанин за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Убиство во обид.
Обвинетиот ноќеска по полноќ во близина на Клубот на пратеници се обидел да убие друг турски државјанин.
„По претходна вербална расправија, тие почнале физички да се пресметуваат и си разменувале удари од кои оштетениот паднал повреден на земја. Во тој момент осомничениот зел метален капак од шахта со кој повеќе пати го удирал оштетениот во главата. Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото. Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале, со што на оштетениот нанел тешки телесни повреди поради кои во животозагрозувачка состојба тој бил хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија“, соопшти Обвинителството.
Обвинителот бара за него притвор бидејќи смета дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот кој немал пријавено престојувалиште во земјава, можност да влијае на сведоци во постапката или да го повтори кривичното дело.