„АРСОВСКА ЦЕЛОСНО ПОТФРЛИ“ ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди квалитетен кандидат на претстојните избори
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека има голем број општини каде градоначалниците покажаа одлични перформанси кои заслужуваат втор мандат.
Во втората половина од летото ќе се искристализира кандидатот за Град Скопје, а согласно најавите од премиерот и претседателот на партијата, до крајот на овој и почетокот на следниот месец ќе бидат утврдени и кандидатите за другите општини, изјави вицепремиерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Според него, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, целосно потфрлила.
– Тоа е факт и скоро и да нема задоволни луѓе од нејзината работа. Луѓето прават јасна дистинкција и се виде и по минатогодишните изводи дека не ги поврзуваат градоначалничката на Скопје и ВМРО-ДПМНЕ. Сега имаме еден сериозен пул на кандидати во рамки на политичката партија, дел од нив јавно прокламираат дека се заинтересирани и очекувам втората половина на летото да искристализираме кандидати за градот Скопје. Претходно кажа и премиерот кој што е и претседател на партијата, крај на мај и почеток на јуни очекуваме да кристализираме кандидати за другите општини – рече Николоски во изјава за ТВ Сител.
Тој рече и дека има голем број општини каде градоначалниците покажаа одлични перформанси.
– Одлуки партијата сѐ уште нема донесено, но можам да кажам дека е јасно дека ќе им дадеме шанса да трчаат за втор мандат. Затоа што има сериозен развој во тие општини и многу голема разлика се гледа од претходно до сега – рече Николоски.