17 ОПШТИНИ НЕ АПЛИЦИРАЛЕ НА ВТОРИОТ ПОВИК Рокот истекува на 30 април

Перински соопшти дека воопшто не аплицирале општините: Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени.

524

Вкупно 450 апликативни формулари од 63 општини заклучно со вчера се доставени до архивата на Министерството за локална самоуправа за вториот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти.

Како што информира министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата, 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот финансиски средства кои им следуваат согласно формулата по глава на жител, 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума, а 17 општини воопшто немаат поднесено апликативни формулари.






Перински соопшти дека воопшто не аплицирале општините: Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени.

– Апелираме до сите локални самоуправи да ја искористат оваа можност и да го запазат законскиот предвиден рок за пријавување кој истекува на 30 април годинава – рече Перински.

Тој нагласи дека исходот од првиот повик јасно потврдува дека намерите на Владата за помош на општините не се само теорија, туку и практичен механизам за промените кои се случуваат на терен.

– Во вториот јавен повик беа предвидени и ставени на располагање до 15 милијарди денари за капитални и инфраструктурни проекти. Се покажа од првиот повик дека најголем интерес има за подобрување на патната инфраструктура, бидејќи од 288 проекти дури 225 се за подобрување на патната инфраструктура и се реализираат преку Министерството за транспорт. Согласно информациите кои ги имаме и во вториот јавен повик во најголем дел фокусот на локалните самоуправи е во делот на подобрување на патната инфраструктура – рече Перински во одговор на новинарско прашање.

Од досега пристигнатите 450 апликации на вториот јавен повик, повеќе од 330 се за подобрување на патната инфраструктура.

– Има и проекти кои се за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во делот на животната средина, изградба на училишта, градинки спортски сали – рече Перински.

Роковите за изведба на проектите од првиот јавен повик ги одредуваат локалните самоуправи.

– Од првиот јавен повик 251 проект е со склучен договор, 140 се веќе воведени во работа, 30 се целосно завршени, 33 се во постапка на тендерирање и само за четири воопшто не е започната постапка – истакна Перински и појасни дека кај дел од овие четири проекти била почната постапка која се поништила поради одредени фактори и сега повторно треба да се обнови.

Поврзани содржини