ПАЛЧО ПРЕМНОГУ АНАЛИЗИРА КАКО ЗА ЧОВЕК КОЈ ТВРДИ ДЕКА НЕ БИЛ НА МЕСТАТА НА УБИСТВАТА Палевски го злоупотребува името на Александар, реагира Туфегџиќ
Адвокатот Туфегџиќ вели дека реакцијата на Александар е оправдана, бидејќи, како што потенцираше, првообвинетиот Љупчо Палевски изнел премногу тези и анализи, како за човек кој тврди дека не бил на местата на убиствата.
Обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, преку својот адвокат Владимир Туфегџиќ денеска реагираше до Судот поради тоа што смета дека првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо се обидува да го злоупотреби неговото име за да се брани себеси.
Туфегџиќ вели дека реакцијата на Александар е оправдана, бидејќи, како што потенцираше, Палевски изнел премногу тези и анализи, како за човек кој тврди дека не бил на местата на убиствата.
– Александар преку мене како негов бранител денеска реагираше во текот на исказот на обвинетиот Палевски поради тоа што смета дека во неколку наврати, на неколку изминати судења, обвинетиот Палевски се обидува злонамерно да се спомнува неговото име во контекст на наводната одбрана. Александар со право реагира особено по изнесените анализи, наводи и тези од Палевски, зошто би ја убиле Вања кога логично било да ја убијат Зорица. Премногу тези и анализи за човек кој за себе тврди дека во критичното време ниту учествувал ниту ги извршил убиствата. Ова особено што Александар од сето она што досега го видел и слушнал во судница има изградено свој став и мислење како за обвинетиот Палевски така и за другите обвинети по однос на убиството на Вања, во судницата кажа дека ниту еден од обвинетите не изразил ниту жалење ниту каење туку само разочараност од нивниот т.н „цар“ – рече Туфегџиќ.
Факт е, дополни адвокатот, дека ниту еден од обвинетите кои не го негираа своето учество во убиствата, не се исправи пред таткото на Вања во судницата за да изрази каење, туку грчевито се обидува да го оправда своето учество во настаните на начин дека немал избор и бил под закани.