ВЕЛАТ ДЕКА НЕМААТ НИШТО, НО ЦАРИНИЦИТЕ ГИ ФАЌААТ Откриени неверојатни работи скриени во куфери и автомобили

Парфеми од Дубаи, фалсификувана облека и маџун запленети на границите.

551

Во серија успешни акции, Царинската управа на Република Македонија открила и спречила неколку обиди за криумчарење различни видови на стока преку аеродроми и гранични премини во земјата.

На Меѓународниот аеродром Скопје, државјанин на Обединетите Арапски Емирати, родум од Индија, се обидел да внесе 76 непријавени парфеми со потекло од Дубаи. Патникот се определил за т.н. „зелен канал“, наменет за оние кои немаат ништо да пријават, но бил селектиран за дополнителна царинска контрола. При преглед на неговите два куфера, царинските службеници ја откриле недозволената стока.






Во друг случај, патник кој требало да патува за Лондон бил фатен со 260 пакувања тутун, секое од по 50 грама. Тутунот бил откриен при редовна контрола на аеродромот.

Царинската служба спречила и шверц на соларен инвертер на граничниот премин Табановце, кога при скенирање на камион биле забележани неправилности во кабината на возилото. При дополнителен физички преглед, скриениот инвертер бил пронајден.

На истиот премин, кај патник во автобус кој сообраќал на релација Скопје – Белград, биле откриени 129 парчиња суплементи „Zeo Medic“, додатоци во исхраната, скриени во куфери. Царинската служба ја заплени стоката, а против патникот ќе се поведат соодветни постапки.

Покрај ова, спречен е и обид за криумчарење 3.150 ќесички маџун со додатоци, откриени во три куфери во автомобил на патник кој патувал преку преминот Богородица. Лицето тврдеше дека нема ништо за пријавување, но деталниот преглед го откри спротивното.

Во уште една акција, мобилен тим на Царинската испостава Табановце заплени 463 парчиња облека со потпис на познати модни брендови како Ралф Лаурен, Диор и Бос, поради основано сомневање за фалсификати и повреда на права од интелектуална сопственост.

Дополнително, на граничниот премин Ново Село, цариниците откриле обид за шверц на разна стока: ножеви, рибарски прибор, слушалки, клучеви и електрични уреди, сокриени меѓу седиштата и во багажникот на возило управувано од патник кој не ја пријавил стоката.

Поврзани содржини