ЈАХОСКИ НУДИ 2 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СЛОБОДА Судот размислува дали да го пушти газдата на Пуцко Петрол од „Шутка“

Во барањето се нудат објекти чија вкупна вредност изнесува 2 милиони евра, со што неговите адвокати се обидуваат да го убедат судот дека Јахоски може да се брани од слобода, иако истрагата се однесува на тендери вредни 167 милиони евра.

1,100

Сопственикот на Пуцко Петрол и син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, Асмир Јахоски, понудил кауција вредна 2 милиони евра за да излезе од притвор, дознава порталот expres.mk од извори во правосудниот систем. Одбраната на Јахоски, кој е еден од 13 осомничени во истрагата за набавка на токсичен мазут за ТЕЦ Неготино, наводно во четвртокот поднела барање за прекин на притворот и замена со гаранција.

Во барањето се нудат објекти чија вкупна вредност изнесува 2 милиони евра, со што неговите адвокати се обидуваат да го убедат судот дека Јахоски може да се брани од слобода, иако истрагата се однесува на тендери вредни 167 милиони евра.






„Барањето е испратено на мислење во надлежното обвинителство, односно во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, по што ќе одлучува Кривичниот совет, за што јавноста ќе биде благовремено известена“, изјавија од Кривичниот суд за медиумите.

Одлуката треба да ја донесе совет од тројца судии, кои ќе направат правна проценка дали, пет недели по одредувањето на притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци, постојат услови Јахоски да продолжи со одбрана од слобода.

Извори од Јавното обвинителство за организиран криминал и скопскиот кривичен суд за expres.mk велат дека, за дел од неговото семејство и кругови во ДУИ, пуштањето на Јахоски веќе се смета за „завршена работа“.

Процесот на барање за замена на притворот започнал на „Велики четврток“, кога до судот било поднесено формално барање од страна на неговите бранители. Изворите тврдат дека откако шефот на Обвинителството за организиран криминал, Ислам Абази, дало мислење дека Јахоски треба да се брани од слобода и ќе биде донесена конечна одлука.

Абази, кој во 2022 година беше избран за прв човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција, често е поврзуван со блискост до функционери на ДУИ. Тоа го засилија и неговите фотографии со лидерот на партијата, Али Ахмети, како и со други членови на ДУИ.

Во случајот со ТЕЦ Неготино, за кој беше отворена истрага за набавка на мазут од 2021 до 2023 година во вкупна вредност од 167 милиони евра, Обвинителството првично побара притвор за петмина. Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, е во бегство, додека во Шутка завршија Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски – сопственици на фирмата РКМ, како и поранешниот секторски директор во ЕСМ, Ардијан Муча.

Асмир Јахоски прво доби домашен, а потоа и затворски притвор. Тој е единствениот осомничен од бизнис-круговите кој се поврзува со директна политичка линија – како син на актуелен пратеник на ДУИ.

Поврзани содржини