ЕКОНОМИЈАТА ЌЕ ЗАБАВИ, ИНФЛАЦИЈАТА ЌЕ РАСТЕ Што покажа новата анкета за инфлациските очекувања на Народна банка?

Новите трговско-царински тензии меѓу најголемите светски економии веќе се рефлектираат во глобалната економија – застој во инвестиции, затворање на фабрики, намалени нарачки, зголемена невработеност. Економските аналитичари во новата анкета на НБМ нотираат дека сите овие ризици подразбираат неизвесност која пред сè ќе се одрази врз економскиот раст.

168

Додека статистика на месечно ниво, во март, измери инфлација во „негативна зона“, новите експертски процени укажуваат дека годинава сепак ценовниот притисок ќе се зголеми. Новата анкета за инфлациски очекувања што ја направи НБМ покажува дека економистите очекуваат забавување на економскиот раст, а зголемување на инфлацијата, пишува Порталб.мк.

Од друга страна статистика во март измери негативна инфлација на месечно ниво но цените на дел од производите, пред сè земјоделските и натаму е на високо ниво.






Првиот економски квартал заврши под економски ризици поради неизвесноста од веќе отворената „трговска војна“ и рецесијата која тропа на врата кај нашиот најважен трговски партнер Германија. Новите трговско-царински тензии меѓу најголемите светски економии веќе се рефлектираат во глобалната економија – застој во инвестиции, затворање на фабрики, намалени нарачки, зголемена невработеност. Економските аналитичари во новата анкета на НБМ нотираат дека сите овие ризици подразбираат неизвесност која пред сè ќе се одрази врз економскиот раст. Според новите процени на економистите, годинава растот на БДП ќе забави на 3,1% за разлика од претходната анкета, во која навеле повисоки очекувања за раст.

„Испитаниците сега очекуваат економски раст од 3,1% за оваа година (3,3% во претходната анкета) и 3,5% за 2026 година (3,7% во претходната анкета). За 2027 година се очекува дека растот ќе забрза и ќе достигне 3,8%“ – се наведува во новата анкета.

Од друга страна новите прогнози на економските аналитичари упатуваат на зголемена инфлација во споредба со процените дадени во претходната анкета.

„Испитаниците и натаму очекуваат натамошно забавување и постепено стабилизирање на инфлацијата на среден рок. Сепак, патеката на очекуваното забавување според оваа анкета е поумерена. Така, за 2025 година очекуваат просечна стапка на инфлација од 3,7%, (3% во претходната анкета), којашто би се свела на 3,1% во 2026 година (2,5% во претходната анкета). На среден рок, за 2027 година испитаниците очекуваат дека просечната стапка на инфлација ќе се стабилизира и ќе се сведе на 2,7%” – прогнозираат анкетираните економски аналитичари.

Во март годинава во однос на февруари стапката на инфлација била-1,3% додека во првиот квартал од годинава во споредба со истиот период лани трошоците на живот се зголемени за 4,2%. Според новите статистички мерења, на месечно ниво, намалување на трошоците на живот има кај сите групи, лебот, млекото, млечни производи, месо, шеќер, освен кај овошјето, каде трошоците за живот се зголемени за 3,8%.

Во групата на основните прехранбени производи, на месечно ниво поголемо намалување на трошоците има кај месото, млекото па и кај маслата но споредбата на квартално ниво покажува натамошен ценовен раст. На пример само за масла и масти трошоците на живот се зголемиле за над 11% а за млеко, сирење и млечни производи за скоро 6%.

И последните податоци за индексот на цените во земјоделство покажуваат натамошен „ценовен притисок“. Во февруари во споредба со истиот месец лани индексот на излезните (аутпут) цени на растителното производство се зголемиле за 9,7% а посебно кај зеленчукот за 11,9%, кај вината 13,7% а кај овошјето и грозјето за 4,9%.

Од владата оценија дека мартовското намалување на инфлацијата било резултат на мерките за замрзнати маржи и цени.

Поврзани содржини