ИМАШ ВЛОШКА? Како образовните установи можат да влијаат за подобрување на менструалната хигиена?
Секоја жена заслужува да се чувствува безбедно, информирано и слободно, без ограничувања, особено во оние денови од месецот кога ѝ е потребна најголема сигурност.
Менструалното здравје и особено менструалната хигиена се теми за кои сè уште ретко се зборува, иако тие се дел од животот на секое девојче или жена во нашата заедница.
Достапноста до хигиенски менструални производи, пристапот до чисти санитарни услови и правилната едукација играат многу важна улога во обезбедување на достоинствено менструално искуство. Но, колку нашите образовни установи ја препознаваат оваа потреба? И колку се тие подготвени да бидат дел од оваа важна, но често потценета едукација?
Менструацијата не треба да биде причина девојките да се чувствуваат непријатно или да пропуштаат часови кога се во процесот на образование.
Учениците поминуваат значителен дел од својот ден во училиште или на факултет и токму таму треба да имаат лесен пристап до основни хигиенски производи како и можност за соодветно информирање за менструалното здравје.
Голем број од училиштата не се доволно опремени со потребните ресурси, а младите девојки честопати се соочуваат со срам и недостиг на информации кога станува збор за темата менструална хигиена – што ни дава впечаток дека има простор да се направи нешто повеќе.
Но, позитивно е што во нашето општество веќе можеме да забележиме иницијативи за информирање, едуцирање и подобрување на состојбата околу менстуралната хигиена во соработка со образовните установи. Таков е примерот со иницијативата „Никогаш повеќе сама“, препознатлива преку заштитното лице Bestie, која ја започна dm дрогерие маркт заедно со државните универзитети и факултети во земјава, преку која беа поставени преку 200 диспензери и досега беа снабдени со речиси 250.000 бесплатни менструални влошки.
„Никогаш повеќе сама“ е повеќе од само иницијатива, туку е еден вид движење, поддршка и глас што зборува за менструалното здравје без срам и табуа. Со својата мисија да ги едуцира, поддржи и охрабри девојките и жените, Bestie нуди повеќе од само хигиенски производи, тука создава заедница каде секоја девојка се чувствува прифатена, разбрана и подготвена да зборува за своето тело.
Преку своите пораки, но и преку своите гласноговорници кои отворено зборуваат на тема менструална правда, Bestie им дава поддршка на девојките и ги охрабрува да се приклучат на ова движење. Бидејќи секоја жена заслужува да се чувствува безбедно, информирано и слободно, без ограничувања, особено во оние денови од месецот кога ѝ е потребна најголема сигурност.
Образовните установи не се само места за стекнување знаење, туку се простори каде што младите треба да се чувствуваат безбедно, поддржано и без страв од осуда. Затоа, време е да се отвори овој разговор и да се стави во лицето на јавноста, со цел како заедница да им помогнеме на сите девојки да имаат соодветни услови за менструална хигиена и да не се грижат за своето менструално здравје, особено кога имаат академски обврски или посетуваат настава.
Да ја охрабриме секоја една девојка и да ѝ покажеме дека нема да е #НикогашПовеќеСама.