📽 КАТАСТРОФАТА ШТО ЈА ИЗМЕНИ ПОМОРСКАТА БЕЗБЕДНОСТ ЗАСЕКОГАШ На денешен ден потона „Титаник“
По трагедијата со „Титаник“, светот усвои нови правила за поморска безбедност: повеќе чамци за спас, постојана радио-долност и регулации за пловидба во ледени води.
На денешен ден, 15 април 1912 година, во раните утрински часови, потона британскиот патнички брод „РМС Титаник“, кој во тоа време беше најголемиот и најмодерниот океански брод во светот. Потонувањето се случило по судир со санта мраз во северниот Атлантски Океан, на првото патување од Саутхемптон, Велика Британија, кон Њујорк во САД.
„Титаник“ бил изграден од компанијата „Харланд енд вуф“ (Harland and Wolff) во Белфаст, Ирска, по нарачка на британската компанија „Вајт стар лајн“ (White Star Line). Изградбата започнала во 1909 година и траела до 1912. Со должина од 269 метри, широчина од 28 метри и тежина од преку 46.000 бруто-регистарски тони, бродот претставувал врв на тогашната инженерска и технолошка мисла.
Бродот бил опремен со 16 водонепропустливи прегради кои требало да спречат потонување при оштетување. Теоретски, тој можел да остане на површината дури и ако 4 од нив се поплавеле – но не и 5, како што се случило во реалноста.
Хронологија на трагедијата
Во продолжение следи хронологија на настаните што довеле до трагедијата која засекогаш го промени патничкиот бродски сообраќај и стана симбол на човечките технолошки амбиции и нивните граници.
- 10 април 1912 година: „Титаник“ отпловува од Саутхемптон, со околу 2.224 патници и членови на екипажот.
- 14 април 1912 година, 23:40 часот: Бродот удира во ледениот брег. Судирот ја оштетува десната страна на трупот и предизвикува поплавување на првите пет прегради.
- 15 април 1912 година, околу 02:20 часот: „Титаник“ се прекршува на два дела и тоне. Температурата на водата е околу -2 степени Целзиусови.
Според официјалните податоци, од 2.224 лица на бродот, загинале околу 1.500 луѓе. Само околу 710 преживеале, главно поради недоволен број на чамци за спасување. Иако имало предвидени чамци за спас на 64 луѓе, на бродот биле поставени само 20, доволни за околу 1.178 луѓе – што било во согласност со тогашните регулативи, но далеку од доволно за реалната бројка на патници.
Патниците од прва гласа имале предност во несреќата
Патниците биле поделени во три класи:
- Прва класа: околу 325 патници;
- Втора класа: околу 285 патници;
- Трета класа: околу 706 патници.
Останатите биле членови на екипажот – околу 885 лица.
Процентот на преживеани бил значително поголем меѓу првата класа (околу 62%) отколку меѓу третата класа (околу 25%), главно поради пристапноста до палубата и до чамците за спасување.
Поморската безбедност се сменила по катастрофата
Катастрофата предизвикала длабоки реформи во поморската безбедност. По катастрофата се создало Основачко собрание на Меѓународната конвенција за заштита на човечки животи на море (SOLAS) во 1914 година. Се вовеле и нови прописи за задолжителен број на чамци за спасување според бројот на лица на брод; се вовеле стандарди за радио-комуникација и за 24-часовно дежурство; а воведена е и строга регулација за пловидба во области со ледени брегови.
Остатоците од „Титаник“ беа пронајдени дури во 1985 година, на длабочина од околу 3.800 метри, од страна на американскиот океанограф Роберт Балард. Оттогаш, бројни експедиции го документираа и го истражуваа местото на потонувањето, а пронајдените артефакти се изложени во неколку музеи низ светот.
Денешниот датум претставува една од најпознатите годишнини во историјата на морепловството. „Титаник“ останува симбол на технолошката амбиција, но и на пропустите во безбедносното размислување од почетокот на 20 век.