АЛБАНИЈА МОЖЕ ДА ГО ИЗОДИ ЕВРОПСКИОТ ПАТ ДО 2027 ГОДИНА Рама го поздрави отворањето ново поглавје во преговорите
Тирана започна суштински преговори со ЕУ во октомври минатата година. Денеска е предвидено да започнат преговорите во областа на внатрешниот пазар. Албанскиот премиер му заблагодари на претседателот на Европскиот совет кој во мај треба да го посети Западен Балкан.
Решени сме да ги исполниме сите обврски и да ги завршиме преговорите за влез во ЕУ во 2027 година, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама по средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Брисел.
– Денеска е добар ден, отвораме нови преговарачки поглавја, истакна тој. Ова е исклучително важно во моментов, охрабрен сум од овие случувања – додаде Рама.
Тој му се заблагодари на Кошта за мудроста со која се однесува кон својата земја и регионот.
– Проширувањето со земјите од Западен Балкан е јасна задача за ЕУ, тоа е најважната геополитичка инвестиција во мирот, напредокот и стабилноста на континентот, рече Кошта. Тој додаде дека се чувствува охрабрен од напредокот што Албанија го постигна на овој пат. Нашата цел е да отвориме повеќе преговарачки поглавја со Тирана оваа година, имаме јасен распоред и сакаме да напредуваме. Ова е важно за Албанија и е знак за целиот регион – посочи претседателот на Европскиот совет.
Тој најави дека кон средината на мај ќе ги посети сите шест земји од Западен Балкан. Според него, на денешните разговори со Рама ќе се разговара за подготовките за претстојниот состанок на Европската политичка заедница на 16 мај во Тирана.
– Европа е повеќе од ЕУ, важно е да бидеме обединети, така сме посилни. На светот му треба посилна Европа – резимира Кошта.
Подоцна денеска во Луксембург, каде се состануваат министрите за надворешни работи на ЕУ, е закажана четвртата меѓувладина конференција со Албанија. Тирана започна суштински преговори со ЕУ во октомври минатата година.
Денеска е предвидено да започнат преговорите во областа на внатрешниот пазар, која ги опфаќа слободното движење на стоки, работници и капитал, правото на основање и слободата на давање услуги, правото на трговски друштва и правото на интелектуална сопственост, политиката за конкуренција, финансиските услуги и заштитата на потрошувачите.