Македонски гамбит

Историјата покажува дека притисоците од соседите, поддржани од западни посредници, често резултирале со отстапки од македонска страна. Ексклузивното право за овие отстапки отсекогаш му припаѓало на СДСМ.

1,118

Како гром од ведро небо, во фокусот на македонската политичка сцена повторно се појавија разговори околу уставните измени, овој пат со комично-драматичен ултиматум од страна на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Неговата изјава дека е подготвен да ја заврши својата политичка кариера доколку тоа е цената за промена на Уставот, во време во кое СДСМ нема ни моќ ни политички рејтинг за таква дискусија, отвора низа прашања за мотивите, стратегијата и иднината на опозицијата.






Во исто време, стабилното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски останува непопустливо, сметајќи дека барањата веќе преминуваат во безобразие.

Имам чуден впечаток, дека оваа ситуација не е само внатрешна политичка борба. Сметам дека има подлабоки геополитички игри кои само ја користат Македонија како шаховска фигура на многу поголема табла.

Потегот на СДСМ

Венко Филипче, со својата изјава, се позиционира како лидер кој е подготвен на жртва за, како што вели, повисоки цели – европската иднина на Македонија.

Имајќи го предвид политичкиот момент, простете, но ова личи на жртва на пион, за да се добие на позиција, односно – гамбит.

Се прашувам, дали се работи за искрен чин на самопожртвуваност или очаен обид за нанесување штета на политичкиот противник, надевајќи се на индиректна рехабилитација на партијата? Нешто во стилот: „Знаете, ние сме лоши и добивме изборна казна, но видете, и тие се еднакво лоши како нас“.

Поразот на изборите беше јасна порака од граѓаните: политиките на попуштање под странски притисоци, особено оние поврзани со националниот идентитет, не се прифатливи.

Народот, особено симпатизерите на СДСМ, се понадеваа на измена на изборниот курс кога претходниот лидер Ковачевски јавно призна дека „СДСМ ги научила лекциите“.

Но, за каква промена станува збор кога повторно имаме понуда која изгледа контрадикторно? Зошто би се враќале на истата реторика што ги чинеше губење на довербата на народот? И конечно, има ли поврзаност на изјавата со посетата на Филипче на Брисел?

Ова ме наведува на сомневање дека зад кулисите постои надворешен притисок, кој ја турка опозицијата кон повторување на старата грешка.

Ако некој навистина верува дека оваа партија ќе се саможртвува за европската иднина, тогаш или се работи за наивност, или за играч на туѓа стратегија. Да бидеме јасни – политичарите воопшто, а СДСМ особено, ретко нудат жртви ако некој претходно не им ветил награда.

Потегот на ВМРО-ДПМНЕ

Иако коалициските партнери од Вреди засега остануваат нејасни во своите ставови, одлуката за уставните измени цврсто лежи кај мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ. Цврстиот став на Христијан Мицкоски и неговото мнозинство во парламентот е јасен: уставните измени под бугарски диктат не се опција.

Македонија, во изминатите децении, го менуваше Уставот повеќе од десет пати, често под притисок на странски фактори и во име на напредокот кон ЕУ и НАТО. Ветувањата, секогаш и без исклучок беа „последното барање за да се дојде до ЕУ и/или НАТО“.

Но, ниедно „последно“, не остана навистина последно.

За ВМРО-ДПМНЕ, актуелните барања од Софија – особено оние што допираат до историјата и идентитетот – се чекор предалеку. Бугарија инсистира да го задржи своето вето за секое поглавје на патот кон ЕУ, што кај македонскиот народ, не само кај власта, буди чувство на сомнително пријателство. Ако тоа е „последното барање“, тогаш зошто да не се направи таа промена при самиот влез во ЕУ, а не сега – без гаранции?

Моето гледиште е дека оваа  позиција не е само политички маневар за собирање поени кај домашната јавност.

Таа е одраз на подлабоко чувство на замор кај македонските граѓани од постојаните отстапки. Историјата на компромиси – од референцата за името до ревизијата на учебниците – остави впечаток дека Македонија е во постојана дефанзива. Недозволиво, верувам ќе се согласат повеќето читатели.

Пинг-понг или шах?

Изјавата на Филипче и реакцијата на Мицкоски не можат да се анализираат изолирано од поширокиот контекст.

Македонија долго време е арена на геополитички натпревар, каде што локалните политички одлуки често се диктирани од надворешни сили.

Историјата покажува дека притисоците од соседите, поддржани од западни посредници, често резултирале со отстапки од македонска страна. Ексклузивното право за овие отстапки отсекогаш му припаѓало на СДСМ.

Дали сегашниот притисок за уставни измени е дел од истиот шаблон? На прв поглед, изгледа дека одговорот е „не“, со оглед на тоа дека во светот се игра царинскиот пинг-понг меч меѓу САД и Кина кој ги преобликува економските сојузи.

Но разумен човек кој ја следи политичката сцена во Македонија би требало да се праша: зошто Бугарија инсистира на оваа уставна промена, а притоа да ја задржи моќта за уцена преку вето?

Сакаат ли да играат на карта: „секој кој има бугарски пасош – мора да биде Бугарин?“. Одговорот мора да лежи во тоа дека – царините се актуелни сега, но Македонија е дел од сложена, геополитичка партија шах.

Шах-мат

За жал, еден можен одговор лежи во динамиката на ЕУ. Брисел, формално и јавно ги поддржува бугарските барања, иако е јасно дека тоа е цврста гаранција за вечно вето кон Македонија, освен, како што нагласив во претходната колумна, при исклучително добра волја.

Можеби, имајќи предвид дека се мешаат картите на светската политика и дека можеби следуваат „нови сфери на интерес“, Европа бара да има „карта за поткусурување“.

А од минатото знаеме, за наша жал, идеална карта е Македонија, чиј народ заради таквите настапи низ историјата, е единствен на светот кој има народна песна за старата дама, со невообичаено агресивен тон: „Проклета да си и триклета Европо, блуднице вавилонска.“

Се надевам дека грешам. Се надевам дека на овој континент има некој кој има доволно разум за да сфати дека различните погледи врз историски настани не се добра причина за европското обединување.

Се надевам дека сфаќаат дека Македонскиот народ не може тукутака да исчезне во ноќта. За силна Европа, потребно е тотално обединување.

Инаку Европа ризикува да остане само посматрач на партијата пинг-понг меѓу истокот и западот – додека Македонскиот народ сè уште игра за опстанок.

Поврзани содржини