Рецесијата можеби тропа на врата, што да се прави?
Да сме начисто: на глобалниот економски систем му е неопходна реформа. Но ова што сега го прават САД не е реформа. Тоа е отфрлање на самиот систем што тие го креираа.
„Веќе подолго време знаеме дека светот е во турбуленции. Бледнеат познатите обележја. Но сѐ уште не се гледаат контурите на новиот глобален систем.
Така, се наоѓаме во период на транзиција – неизвесна, несредена и растечки нестабилна. Неодамнешната објава за царините на “Денот на ослободувањето’ од страна на САД ја потврдува оваа сурова реалност: ерата на глобализација и слободна трговија заснована врз правила е веќе минато.
Ова означува значителна пресвртна точка. Влегуваме во нова фаза на глобалните прашања – фаза што е повеќе арбитрарна, протекционистичка и опасна.
Близу 80 години по Втората светска војна Америка беше сидрото за пазарните економии во светот. Таа ги величеше слободната трговија и отворените пазари и ги предводеше напорите за воспоставување мултилатерален трговски систем.
Системот на Светската трговска организација (СТО) придонесе за повеќедецениски глобален раст и стабилност. Тој овозможи трговијата да цвета и избави милиони луѓе од сиромаштија. Тој му користеше на светот – но придонесе и за економската моќ на САД.
Но, не сите Американци го делат ова чувство за нивната економија. Постојат пропаднати градови онаму каде што некогаш пулсираше американскиот индустриски појас. Има работници чиишто работни места исчезнаа и чиишто доходи стагнираа. Тие веруваат дека американската економија е во основа пропадната.
Фрустрациите се продлабочија по глобалната финансиска криза од 2008 година и по пандемијата со ковид во поново време.
Да сме начисто: на глобалниот економски систем му е неопходна реформа. Но ова што сега го прават САД не е реформа. Тоа е отфрлање на самиот систем што тие го креираа.
Според администрацијата на САД, енормните царини се неопходни за да се решат трговските дисбаланси. Но нема нешто што е инхрентно погрешно во остварувањето трговски дефицит. Тоа едноставно значи дека американските потрошувачи купуваат повеќе од остатокот од светот, одошто светот купува од Америка.
Уште повеќе што фокусот се става единствено на стоковата размена. Ова е само дел од целосната слика. Всушност, САД бележат суфицит со повеќе свои трговски партнери во областа на услугите – извезувајќи софтверски услуги, образование, забава, финансиски и деловни услуги. Но овој факт целосно се игнорира.
Овие мерки ќе ја забрзаат фрагментацијата на глобалната економија. Наместо да се движат врз основа на економската ефикасност, капиталот и трговијата сѐ повеќе ќе се насочуваат според политичката поврзаност и стратегиските интереси.
Нашата длабока загриженост не е директниот удар со кој се соочуваат некои бизниси. Тоа се пошироките импликации врз глобалниот трговски систем и светската економија.
Прво, „реципрочните царини“ претставуваат фундаментално отфрлање на правилата на СТО. Доколку и други земји го применат истиот пристап како САД, трговскиот систем заснован врз правила ќе пропадне. Ова ќе предизвика проблеми за сите земји. Но помалите земји ќе се соочат со поголеми притисоци. Затоа што малите земји имаат ограничена преговарачка моќ во билатералните преговори еден-на-еден. Големите сили ќе ги диктираат условите, а ние ризикуваме да бидеме маргинализирани и ставени на страна.
Второ, расте веројатноста за целосна глобална трговска војна.
Некои сметаат дека новите царини се преговарачка тактика – преговарачко орудие за САД да извлечат отстапки во други области. Навистина, постои извесен простор за земјите да преговараат и да добијат некои поволности од САД пред ефектуирањето на новите царински стапки.
Но, мора да бидеме реалисти. Штом еднаш се зголемат трговските бариери, тие имаат тенденција да останат на високо ниво. Нивното враќање назад е многу потешко, дури и откако првичните причини за нивно воведување се надминати.
Ова посебно се однесува на универзалната царинска стапка од 10% која изгледа не е предмет на преговори. Таа по сѐ изгледа е минимална фиксна царина, без разлика на трговскиот биланс на земјата или постојните трговски аранжмани.
Трето, кој е ефектот врз глобалната економија? Довербата кај бизнисот и кај потрошувачите е намалена како резултат на воведените царини. Ќе страдаат меѓународната трговија и инвестициите. Дури и оние бизниси кои не се директно погодени од царините се загрижени поради намалената побарувачка од страна на нивните купувачи. Некои веќе ги замрзнаа новите проекти додека ги проценуваат целосните импликации од царините.
Изминатите денови бевме сведоци на остри негативни реакции на светските берзи. Прерано е да се каже дали сето ова ќе се прелие врз реалната економија. Но ризиците за надолен тренд јасно растат.
Бизнисите не се сигурни што би можеле да очекуваат. Сето ова создава окружување на длабока неизвесност кое би можело да ги втурне САД и глобалната економија во рецесија. Во меѓувреме, глобалните институции стануваат сѐ послаби, а се рушат постојните норми за соработка.
Мора да сме ментално подготвени. Предвидливиот и на правила заснован поредок што го знаевме го снемува. Новата ера ќе биде понестабилна, со почести и понепредвидливи шокови. Мора да сме подготвени да стоиме цврсто и да ги штитиме нашите интереси, без разлика какви надворешни ветришта може да дуваат.
Што значи ова за нашата земја?
На краток рок очекуваме послаб економски раст, што значи дека екстерната побарувачка за нашите услуги ќе опадне. Ќе бидат погодени нашите извозни сектори. На удар, исто така, ќе бидат трговијата на големо и транспортот. Глобалната неизвесност и зголемениот песимизам ќе погодат и некои сервисни сектори.
Оваа година може, но и не мора да влеземе во рецесија. Но не се сомневам дека нашиот раст ќе биде значително погоден. Побавниот раст ќе значи намалени можности за вработување и пониски покачувања на платите за работниците. Не е исклучена и загуба на работни места.
Мерките предвидени во овогодишниот Буџет ќе обезбедат поддршка за краткорочни потешкотии од каков било вид. Постојат таргетирани мерки за поддршка на поранливите групи од населението. Активните мерки на пазарот на труд ќе обезбедат поддршка за лицата кои евентуално би останале без работа за да може повторно да застанат на нозе.
Буџетот предвидува мерки за поддршка на бизнисите – како краткорочни мерки за поддршка преку намален данок на добивка и програми за зголемување на нивната продуктивност и конкурентност, и насочување кон нови пазари. Институциите се ангажирани со претпријатијата засегнати од царините за подобро да го разберат нивниот одговор и да увидат како можат да ги поддржат.
Владата ќе продолжи одблизу да го мониторира развојот на настаните. Подготвени сме да направиме повеќе доколку е потребно. Располагаме со ресурси за ова поради финансиската дисциплина и цврстината што ја практикувавме во текот на изминатите декади.
Ќе негуваме поблиски односи со партнери кои делат исти вредности и нашата посветеност за отворена и слободна трговија.
САД можеби одлучиле да станат протекционисти, но остатокот од светот не мора да ја следи истата патека. Ќе идентификуваме други партнери да ни се придружат во ова, за да обезбедиме отпорност и да ги одржиме критичните делови од мултилатералниот систем, додека ги поставуваме основите за можен нов и различен глобален систем што ќе биде можен подоцна
Влегуваме во променет свет. Единствен начин за Сингапур да ја преброди надоаѓачката бура е да останеме обединети – да ги здружиме нашите ресурси, нашата отпорност и нашата решителност.
Владата ќе стори сѐ Сингапур да плови низ немирните води, при што никој не смее да биде заборавен.
Над сѐ останато ќе ги ставиме интересите на Сингапур и на Сингапурците во центарот на сѐ што правиме. Патот пред нас ќе биде потежок. Опасностите се реални. Но исто таква е и нашата посветеност. На повеќе полиња се наоѓаме во подобра ситуација од пред шеесет години кога станавме независни“.
(Обраќање на премиерот на Сингапур Lawrence Wong пред парламентот на Сингапур за американските царини и импликациите од нив, 8 април 2025 година. Текстот е адаптиран од Трајко Славески).