МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ПРЕД РАСКОЛ? Партениј молчи пред Велигден, Пендаровски потврди дека посредува меѓу МПЦ-ОА и Цариград

Не можам, не сакам и не смеам да откривам детали од разговорот со вселенскиот патријарх Вартоломеј, но ќе кажам само дека во поглед на условите што ни ги поставува Цариград, ништо не е променето уште од времето кога јас бев претседател на државата, изјави Стево Пендаровски за Плусинфо.

9,514

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), по добивањето на долгопосакуваниот Томос за автокефалност од Српската православна црква (СПЦ) во 2022 година, повторно се наоѓа пред потенцијална закана од нов раскол.

Иако во јавноста владее впечаток дека црковното прашање конечно е затворено, последните политичко-црковни игри најавуваат дека опасноста од нова поделба на православните верници во Македонија е реална и непосредна.






Коренот на новата црковна криза е несогласувањето на Вселенската патријаршија и на вселенскиот патријарх Вартоломеј со начинот на кој МПЦ-ОА ја доби својата автокефалност. Според Вартоломеј, единствениот легитимен и канонски прифатлив начин за добивање на Томосот е тој да биде издаден од Цариград, кој традиционално се смета за прв меѓу еднаквите во православниот свет, иако по ова прашање нема консензус помеѓу православните цркви. Ова, пак, не е едноставен технички или административен проблем, туку е сериозна закана за единството на МПЦ-ОА, особено што условите кои ги поставува Цариград се исклучително чувствителни за македонскиот народ и за црковната хиерархија.

Условите од Вселенската патријаршија се јасни и добро познати: МПЦ-ОА да го промени своето име со отстранување на терминот „македонска“ и да се откаже од својата дијаспора. Ваквото барање е целосно неприфатливо за огромното мнозинство верници и владици во земјата, кои сметаат дека ваквиот чекор ќе претставува сериозно нарушување на духовниот и на националниот идентитет на македонскиот народ.

Дополнително, прифаќањето на ваквите услови би значело и откажување од значителен број верници кои живеат и кои дејствуваат надвор од државата.

Пендаровски во мисија

Во целата оваа приказна, случајно или не, се приклучи и поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски, кој очигледно се јавува како медијатор или посредник помеѓу Цариград и врвот на МПЦ-ОА.

Фото: Приватна архива на Фејсбук/Кабинет на г.г. Стефан

Средбата на Пендаровски со вселенскиот патријарх Вартоломеј во февруари во Истанбул, како и последователната средба со архиепископот г.г. Стефан во Скопје, го отвораат прашањето за вистинската улога на поранешниот претседател во оваа потенцијална криза.

Иако овие средби се претставуваат како неформални, сепак, во црковните кругови веќе се зборува дека Пендаровски во Скопје го пренел барањето на Цариград за прифаќање на контроверзните услови.

Од друга страна, пак, Пендаровски тврди дека токму г.г. Стефан го замолил да се сретне со вселенскиот патријарх Вартоломеј, за да се возобноват контактите помеѓу двете цркви.

– Сосема случајно, во приватен разговор со архиепископот г.г. Стефан, паднавме на муабет за преговорите со Цариград, па тогаш дознав дека МПЦ-ОА целосно ги прекинала контактите со Вселенската патријаршија. Додека бев претседател на државата јас одржав неколку средби со патријархот Вартоломеј, па затоа и сега г.г. Стефан ме замоли неформално да се сретнам со патријархот. Разговорот го правевме во јануари, а јас веќе во февруари имав закажано семинар во Истанбул, па истото тоа патување го искористив и за средба со патријархот. Не можам, не сакам и не смеам да откривам детали од разговорот, но ќе кажам само дека во поглед на условите што ни ги поставува Цариград, ништо не е променето уште од времето кога јас бев претседател – ни изјави Пендаровски.

Кој ќе го наследи г. Тимотеј?

Дополнителен елемент кој ја усложнува ситуацијата е испразнетото епископско место на Дебарско-кичевската епархија по смртта на г. Тимотеј.

Во моментов, како негов можен наследник се споменува името на викарниот епископ антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир. Но, токму околу неговото именување се креираат разни сценарија и дилеми кои дополнително го зголемуваат ризикот од потенцијален раскол.

Според извори во црковните кругови, именувањето на г. Партениј може да биде проследено со потези кои се во согласност со барањата на Вселенската патријаршија.

Тие би подразбирале промена на името на МПЦ-ОА, како и признавање на Православната црква на Украина (ПЦУ), која исто така доби Томос од Цариград. Бездруго, признавањето на ПЦУ ќе подразбира стапување во раскол со најголемиот дел од православниот свет: со Руската православна црква (РПЦ), Украинската православна црква (УПЦ), Српската православна црква (СПЦ) и со други православни цркви.

Ова сценарио е целосно неприфатливо за поголемиот дел од владиците на Синодот, што значи дека назначувањето на г. Партениј би можело да претставува значителен ризик за внатрешното единство.

Се обидовме да исконтактираме со владиката Партениј и во текот на вчерашниот ден испративме конкретни прашања на официјалната адреса на Бигорскиот манастир, но во одговорот што ни пристигна од Свештената бигорска обител беше наведено дека било „очигледно оти интересот ни бил насочен единствено кон неважни црковни политики во пресрет на празникот Велигден“.

„Нашата Свештена Обител, предводена од Епископот Антаниски г. Партениј, отсекогаш ја исполнува својата евангелска и благотворна мисија со највисоко чувство на верност и посветеност кон Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и во послушание кон институционалниот поредок“. Фото: Монтажа/Википедија

 

„Најпрво, станува збор за прашања кои не се во надлежност на нашиот Старец. Дополнително, евентуалните одговори на сите поставени прашања се во надлежност на САС на МПЦ-ОА, па би ве посоветувале да ги побарате од Синодот. Необично е и тоа што одговорите се бараат во исклучително кус временски рок – буквално ден за ден, дури за нецели 24 часа – што дополнително усложнува секакво одговорно и достоинствено постапување. Понатаму, прашањата што ги поставувате, за жал, делуваат тенденциозно, оттаму сомнежот за постоење на некаква позадина, и имаат потенцијал да внесат немир и вознемиреност, особено меѓу верниот народ, и тоа за нешта што се измислица. Односно, во прашањата се чувствува насоченост, која во реалноста е непостоечка. Поставувањето на вакви прашања токму во овие најсвети денови од Светата и Велика Четириесетница, односно во пресрет на Страсната Седмица, кога сиот христијански свет молитвено се подготвува да ја прослави Пасхата Господова – Воскресението Христово – само по себе е деликатно и парадоксално. Нашата Свештена Обител, предводена од Епископот Антаниски г. Партениј, отсекогаш ја исполнува својата евангелска и благотворна мисија со највисоко чувство на верност и посветеност кон Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и во послушание кон институционалниот поредок. Секојдневниот живот, труд и сведоштво на Братството на Манастирот претставуваат жива потврда за таа лојалност, како и за постојаните заложби за единство, помирување и духовен раст на православниот македонски народ и на другите православни во Македонија, под пастирската грижа на МПЦ-ОА, како и за градење мостови и конструктивни односи со сите останати верски и национални ентитети“, наведено е во одговорот.

За некакви тенденции на раскол, посочено е таму, ние навистина немаме никакви сознанија, ниту, пак, би можеле да се поврземе со нешто такво, бидејќи токму спротивното го сведочиме со самото наше постоење.

Паралелна црква?

Во случај да не се исполнат барањата на Цариград, според добро упатени извори, постои можност да се формира паралелна православна црква во Македонија, слично како што веќе беше направено во Украина.

Оваа нова црква би била директно под јурисдикција на Вселенската патријаршија, а нејзин поглавар, според истите извори, би бил токму г. Партениј.

Се зборува дека кон новата црква би можел да премине и мал дел од актуелните владици на МПЦ-ОА, што би довело до длабок и можеби непремостлив внатрешен раскол.

Во однос на идејата за формирање паралелна православна црква во Македонија, воопшто не стана ни збор. На ниту една моја средба не сме паднале на таков муабет, а сигурен сум дека и Зоран Заев и Оливер Спасовски не разговарале за такво нешто.

Стево Пендаровски Поранешен претседател на државата

Формирањето на ваква паралелна православна структура во Македонија би имало катастрофални последици не само за верниците и за црквата туку и за националниот интегритет и за општествената стабилност во земјата.

Сепак, Пендаровски тврди дека на средбата со Вартоломеј воопшто не била отворена темата за формирање паралелна православна црква во Македонија.

– Јас само ги пренесов информациите што ги добив во Истанбул. Ни во минатото не влегував во преговори, ни сега кога веќе не сум претседател. Од тоа што можев да го заклучам, немаше воопшто никаква разлика од тоа што ми го кажа вселенскиот патријарх во 2021 и во 2023 година. Значи, мојата функција беше само да појдам, да прашам и да се обидам да ги возобновам контактите. Навистина не можам да откривам детали од разговорот со Вартоломеј, но мислам дека македонската јавност горе-долу знае за што се работи. Во однос на идејата за формирање паралелна православна црква во Македонија, воопшто не стана ни збор. На ниту една моја средба не сме паднале на таков муабет, а сигурен сум дека и Зоран Заев и Оливер Спасовски не разговарале за такво нешто – ни изјави Пендаровски.

Извори блиски до г.г. Стефан тврдат дека ситуацијата е под контрола и дека засега не се очекуваат турбуленции.

– Нема да има радикализација, бидете сигурни во тоа. Многу шпекулации се шират, а всушност се работи само за безопасни алузии. Точно е дека Пендаровски се сретна со вселенскиот патријарх Вартоломеј и дека ги пренесе неговите пораки и услови кои се истите од пред неколку години. Ништо се нема променето, ни на лошо ни на добро – брифираат извори од црковниот врв на МПЦ-ОА.

Единство или раздор?

Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар предупредува дека искуствата од Украина покажуваат дека формирањето паралелни цркви често резултира со долготрајни поделби меѓу верниците и со сериозно нарушување на единството на народот.

Владика Петар: Јас одговорно ви тврдам дека во нашата МПЦ-ОА не се раководиме по ничиј диктат и под ничие влијание. Секој обид за притисок е само доказ дека некои луѓе не работат во корист на единството, туку за разбивање на православието. Фото: Принтскрин

– Секоја црква си ги решава проблемите внатре во својата јурисдикција и никој однадвор нема право да врши притисок или да има некакво влијание. Порано или подоцна, таквото делување кое е спротивно на каноните ќе биде строго оценето, а најстрогата пресуда ќе ја донесе токму Божјиот суд. Јас одговорно ви тврдам дека во нашата МПЦ-ОА не се раководиме по ничиј диктат и под ничие влијание. Секој обид за притисок е само доказ дека некои луѓе не работат во корист на единството, туку за разбивање на православието. Ете, видете што се случи со Православната црква во Украина, која беше формирана токму од Цариград. Не даде никакви позитивни резултати, туку донесе нови поделби и удар врз православното единство. Се сеќавате, секретарот на Цариград еднаш изјави дека ист бил случајот на ПЦУ со Албанската православна црква (АПЦ). Но, тогаш веднаш реагираше АПЦ и рече дека нејзините епископи се канонски за разлика на епископите во ПЦУ. Затоа велам, целта е да се постигне и да се одржи единство, а очигледно целта на ПЦУ и на слични такви паралелни цркви е да се предизвика неединство во православието – објаснува г. Петар.

Во однос на идејата г. Партениј да ја добие функцијата епископ дебарско-кичевски и да стане член на Синодот со право на глас, владиката Петар изјави:

– Партениј е саморасчинет владика и тоа веќе еднаш му го пишав преку СМС порака откако тој инсистираше да се помириме. Јас можам да се помирам со човек поради лични навреди, но не и со човек кој работи на раздор во црквата. Тој изврши упад во мојата епархија, ги прекрши каноните за кои се заколнал дека ќе ги почитува и со тоа си нанесе саморасчинување. Подоцна тој направи уште неколку упади, а последното што го стори е без одобрување на Синодот седна на тронот на упокоениот владика Тимотеј уште пред да биде погребан. Затоа ќе кажам, секој оној владика кој ќе го поддржи Партениј само ќе докаже дека во црквата владее хаос и безредие.

Каков „аманет“ остави г. Тимотеј?

Упокоениот митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј во една прилика изјави дека Православната црква на Украина (УПЦ) е безблагодатна црква, па порача: „сакаме единство со сите православни цркви, а не само со некои“. 

– Ние сме најмлада црква, нека ја признаат другите ПЦУ, па после и ние ќе ја признаеме, не мора ние како последна црква да бидеме први во признавањето – изјави тогаш г. Тимотеј.

Во друга прилика тој исто така рече:

„Православната црква на Украина е неканонска црква. Хиротонисани се без благодатна“, изјави г. Тимотеј.

Одговорноста во моментов лежи на сите засегнати страни, особено на црковниот врв, кој мора мудро да ги разгледа сите опции и последици. Не помалку важна е и улогата на политичките и јавните фигури како Пендаровски, чија позиција и постапки ќе имаат големо влијание врз текот на настаните.

Во наредниот период, јавноста со внимание ќе ги следи официјалните изјави и постапки на сите актери, како и одлуките на Синодот. Без сомнение, оваа потенцијална криза ќе претставува еден од најголемите тестови за зрелоста и за стабилноста на МПЦ-ОА, но и за националниот интегритет на државата. Од способноста на сите вклучени страни да се справат со предизвикот ќе зависи дали ќе се зачува единството на македонските православни верници, или ќе се влезе во нов, можеби уште поболен период на раскол и поделби.

Поврзани содржини