Тораница, „лажњак екологисти“ и државата

Инцидентот во „Тораница“ е потсетник дека рударството мора да се развива на правилен и одговорен начин. Наместо да се водат ирационални кампањи против рудниците, фокусот треба да биде на зацврстување на мониторингот, модернизација и транспарентност во работата на рударските компании. Само така можеме да ја искористиме вредноста на нашите природни ресурси без да ја загрозиме животната средина.

491

Како човек кој со години посветено се залага за развојот на рударската индустрија и кој верува дека таа е темел на економскиот просперитет на државата и нејзините граѓани, чувствувам одговорност да се осврнам на последниот инцидент во рудникот „Тораница“. Ова се непосакувани настани што не само што ја нарушуваат животната средина, туку фрлаат сенка врз целата индустрија. Сепак, токму затоа е важно да се повикаат на одговорност оние кои не си ги извршиле работните задачи совесно и да се нагласи дека рударството, кога се спроведува на вистински начин, е клучно за развојот на Македонија.

Излевањето на отпадна вода од рудникот „Тораница“ во Крива Река е еколошки инцидент што не смее да се повтори. Несомнено, секој кој не ги почитувал безбедносните протоколи и не ги презел максималните превентивни мерки треба да биде повикан на одговорност и санкциониран согласно законите.






Во разговор со еден од моите професори од Технолошко-металуршки факултет ќе ми ја потврди тезата дека инцидентот со рудникот Тораница ќе заврши во дневно политиканство и дека сите медиумски напади нема да имаат никаква врска со науката.

Впрочем, процесот за кои сите зборуваат не е рударски туку металургиски, но заблудени на европско ниво од „лажњак екологисти“ можам да заклучам дека сите ние како нации нема да пропаднеме од атомски бомби или крстосувачки ракети туку од злобни личности кои заради лични профити сакаат да го уништат целиот научно-наставнички кадар, а со тоа и целосното образование. Како може личности кои се книжевници, доктори по физикална медицина, преведувачи, архитекти, социолози итн., да зборуваат за металургија, во конкретниот случај добивање на оловно цинков концетрат и употреба на цијанид. Инаку науката вели дека за добивање олово и цинк никаде нема да се најде ниту еден збор за употреба цијанид ниту пак хемиска формула со цијанид.

Воедно го поздравувам конечниот усмен договор и надминување на личните нетрпеливости помеѓу Тораница, Општина Крива Паланка и Државниот инспекторат за животна средина да расчистат до крај што се случило и она што е најважно да ја исчистат реката и да ги задоволат основните човекови права на граѓаните.

За разлика од нив некој проба да си ги исчисти сопствените гревови кон нашите граѓани од минатото.

Прво, повикаа како партија на зелените дека веднаш морало да се апси зашто е истечена јаловина од хидројаловиштето. Ама заборавиле дека постои Здружение Македонски комитет за големи брани, претседател е проф. д-р Љупчо Петковски, кое во 2022 година во затворен круг има одржано конференција за хидројаловишта. Во моментов се немаат изјаснето дека хидројаловиштето е пукнато. Значи лажат другаркиве од Зелените.

Второ, истиве Лилјана Поповска и Маја Морачанин со уцена излобираа смена на Законот за минерални суровини каде се одобрува користење цијанид на старите рудници како што е Тораница, а се забранува само за идните рударски капацитети.

Лилјана Поповска ни соопштува преку колумни дека цијанидот бил отров по дефиниција. Јас мислев дека сипаници се лечат со него.

Трето, докторот по физикална медицина Маја Морачанин си напиша закон за животна средина што мора веднаш да се смени. Закон за кој Антони Пешев (му го употребуваат името, инаку како пример за оставки на соодветни функционери) јасно соопшти дека со овој член се укинува 50% од индустријата, фармација, рударство, прехранбена, металургија, итн. и со тоа се доведуваме до економски колапс.

Четврто, Лилјана Поповска јавно на емисија се изјасни дека сите хидројаловишта, инаку се четириактивни и две пасивни, мора да влезат во закон за минерални суровини и да се експлоатираат. Па нели имаат цијанид? Само како на граѓани да Ви напоменам соодветното Здружение Македонски комитет за големи брани ги нарекува градежни објекти со највисок потенцијален хазард за околината, ама наведува дека само стручни лица од хидротехника, рударството, геотехника и животна средина, а тоа значи металургијата можат да се справат со овој посточеки проблем.

Затоа! Државата мора да се сконцентрира и да прифати дека:

Рударството е темел на развојот, но со одговорност и надзор!

Овој случај покажува дека е неопходен засилен надзор врз работата на рудниците за да се избегнат вакви ситуации во иднина.

Но, треба да се внимава оваа ситуација да не се користи како аргумент за целосно отфрлање на рударската индустрија. Наместо тоа, потребно е да се инвестира во модернизација и зголемена транспарентност, за да се осигури дека секој рудник работи според највисоките достапни еколошки и безбедносни стандарди.

И ова го зборувам имајќи го предвид фактот дека Македонија располага со значителни минерални суровини, кои ако се искористат одговорно, можат да бидат мотор на економскиот развој. Бакарот, цинкот, оловото и другите минерали се критични за модерната индустрија и современиот начин на живот, а нивната експлоатација создава работни места и носи значителни приходи во државниот буџет. Светските сили веќе водат геополитички битки за минералните ресурси, додека кај нас, под влијание на некои „еколошки“ кампањи, се создава перцепција дека секој рудник е закана.

Рударството, кога е регулирано и модернизирано, не е закана, туку шанса. Европската унија веќе усвои стратешки планови за зголемување на сопственото производство на критични суровини, а Македонија мора да биде дел од тие процеси. Наместо да ги затвораме вратите за инвестиции, треба да се обезбеди сигурна и одржлива експлоатација на ресурсите.

Сепак, колку што се залагам за развој на рударството исто толку силно говорам дека државата да обезбеди постојан мониторинг од страна на државните институции, но и преку вклучување на научната фела во овој сектор и граѓанските организации во надзорот. Ова значи воведување поефикасни инспекциски механизми, зголемување на казните за прекршителите, но и поттикнување на компаниите да инвестираат во еколошки технологии. Во Европа веќе се користат суви постапки за обработка на рудата, што значително ја намалува еколошката штета. Ваквите технологии мора да станат стандард и во Македонија. Но, иронијата во македонското рударство во моментов е таква што во моментов имаме рудници кои што и сега во овој момент работат со застарени технологии и за обработка на рудата и за заштита на животната средина, додека проектите за рудници кои се изработени согласно највисоките технолошки достигнувања во индустријата се или во застој или веќе во процес на арбитража.

Инцидентот во „Тораница“ е потсетник дека рударството мора да се развива на правилен и одговорен начин. Наместо да се водат ирационални кампањи против рудниците, фокусот треба да биде на зацврстување на мониторингот, модернизација и транспарентност во работата на рударските компании. Само така можеме да ја искористиме вредноста на нашите природни ресурси без да ја загрозиме животната средина.

Рударството не смее да биде жртва на популизам – тоа е темел на нашиот економски напредок и мора да го развиваме со сите потребни мерки за заштита на околината и општото добро.

Поврзани содржини