Добри соседи, намќор комшии

Македонците и Бугарите се два соседни народа – блиски по географија, поврзани со доза на историска испреплетеност, но секој со своја јасна патека. Блискоста е природна, но посебноста е непобитна. И токму во почитувањето на таа посебност лежи можноста за вистинско соседство – без претензии, без наметнување, само со разбирање. Нели идејата на ЕУ беше „обединети во различностите“?

1,120

„Некои луѓе не ги паметиш по имиња, туку по дела. По тоа што некогаш стоеле со тебе на прагот на некое искушение, и ти прозбореле, те поздравиле, ти помогнале. Си видел дека се луѓе, а денес човек е титула, не само збор“ – парафразирано, од автор на кој не можам да се сетам. Но, некако ме потсети на актуелните односи меѓу Македонците и Бугарите.

Народи и нации






Што е народ, а што е нација? Ако се држиме до строгите дефиниции, тогаш, „народ“ е заедница на луѓе поврзани според култура, традиции, јазик и историско искуство – нешто што се гради низ векови, често надвор од политичките рамки. Нацијата, пак, е политички концепт: група луѓе организирани во држава, со свои граници, институции и чувство на припадност кон тој државен идентитет. За Македонците како народ, разликата е јасна – еден народ може да живее во повеќе држави, додека една нација може да опфати повеќе народи под еден државен покрив. За нашите соседи Бугарите, се чини дека не постои јасно разграничување меѓу зборовите „народ“ и „нација“, т.е. во бугарското секојдневие, тие се синоними, или ако не се комплетно исти, барем се екстремно слични. Сметам, и можеби сум пристрасен, дека македонската дефиниција е далеку по прецизна. Во светот постојат народи без држави (на пример Курдите) и држави на мноштво народи (на пример Белгија или Швајцарија). Постојат и тенденции на создавање на народ од нација, на пример, Американски народ. Што е детето родено во Америка од татко Норвежанец, а мајка Индијка? Ќе биде Американец, а неговиот историски тотем од Викинзите кои се поклонувале на Тор, и филозофите на Кришна, ќе се измести во лицата на планината Рашмор, Вашингтон, Џеферсон, Линколн…

Кога еден ентитет, се издвојува според својот историски тотем, има свои традиции, јазик, морални и обичајни норми и правила и конечно поинаква култура, тој ентитет јасно може да се нарече народ. Ние Македонците, како народ, својот идентитет го темелиме на античките херои Филип и Александар Македонски, на Царот Самоил и Кралот Марко, на Карпош, и револуционерите од османлискиот период и секако на партизанските херои – историски тотеми што зборуваат за моќ, единство и длабока посебност. Имаме специфично граден јазик со уникатни зборови, фрази и акцент. Имаме морални и обичајни норми различни од сите. Посебноста на Македонците се забележува јасно и во културата. На пример, карактеристичниот 7/8 такт во музиката, длабоко врежан во македонските народни песни и ора, е чист белег на македонскиот народ.

Од другата страна на источната граница на Македонија, нашите соседи, Бугарите, се темелат на фигури како Кан Аспарух, Тервел или Омуртаг, на Левски, Ботев или Раковски, и веројатно на други кои не можам да ги набројам, како што и тие не можат да ги набројат нашите. Имаат свои уникатни правила на однесување и општествени норми, убав мелодичен јазик и акцент различен од сите соседи. Имаат навистина уникатна култура на однесување, која понекогаш се чини несфатлива за другите, макар и соседни народи.

Нерешлива загатка

Ако прашате Бугарин чиј е овој карактеристичен 7/8 музички ритам, очекувајте да каже дека е „традиционален бугарски“, додавајќи дека припаѓа на „Бугарите во Македонија“. Ако го прашате, во кој дел од Бугарскиот јазик можат да се чујат секојдневни зборови како што се: врне, ќерка, татко, облека, тетка, стрина, соба, ѕид… и илјадници други – такви што се уникатни за македонскиот јазик, ќе добиете одговор дека „тоа се бугарски зборови на Бугарите од Македонија, односно јазична норма“. Оваа реторика често го замаглува фактот: дека станува збор за јасни карактеристики на еден посебен народ, а не за регионална варијација на друг. Истовремено, создава преседан. Секој Хрват може да рече дека „словенечките зборови се јазична норма на Хрвати од Словенија“. Секој Русин, а тоа јасно го демонстрираше Путин, може да рече „тоа се руски зборови на Рускиот народ во Украина“. Всушност, секој поголем сосед, секаде во светот, доколку припаѓаат на иста јазична група, може да го тврди истото. Зошто нашите комшии не можат да бидат „добри комшии“ наместо „заядливи съседи“?
Несреќи кои обединуваат

Кога несреќите ќе нè погодат, таа посебност не нè спречува да бидеме луѓе. Ако сакате, тогаш можеме да покажеме дека сме братски блиски.

На 10 септември 2008 година, кога бродот „Илинден“ потона во Охридското Езеро, загинаа 15 туристи, мислам сите беа Бугари. Македонците, без двоумење, скокаа во водата за да ги спасат давениците – гест на чиста човечност, каде народната посебност беше без значење. Слично, по трагедијата во Кочани на 16 март 2025 година, кога пожар во дискотека однесе десетици животи, Бугарите покажаа огромна солидарност. Граѓаните се собраа пред македонската амбасада во Софија со свеќи и цвеќе, болниците примија повредени, луѓето се организираа за дарување крв и средства за настраданите. Во моменти на болка до коска, почувствувавме толку посакувана поддршка. За жал, само во несреќите гледаме моменти кои докажуваат дека од соседството може да се роди братство, но, дали тоа мора да биде проследено со бришење на посебноста.

Политиката и решението

Дали знаете кој Бугарски политичар го рекол следново: „Многу пати имаме слушнато од Македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци, потомци на древните Македонци, и одамна чекаме да чуеме докази за тоа, а никако да ги дочекаме. Македонистите никогаш не ни покажале на што го засноваат тоа нивно мислење. Тие инсистираат на нивното македонско потекло, а тоа не можат да го докажат на никаков задоволителен начин“?

Рековте Каракачанов, Џамбаски или Борисов можеби? Божо Димитров? Ќе се изненадите, но ова го рекол пред век и половина, Петко Рачов Славејков, на 17 јануари 1871 година, тврдејќи дека Македонците се дел од бугарскиот народ, и поставувајќи ги темелите на идејата за „единство“. Нешто е различно од погоре споменатите? 150 години Бугарските политичари ја пеат истата песна. Бојко Борисов: „Македонија е дел од нашата историја“, Красимир Каракачанов: „Македонците се Бугари со изменета свест“. Џамбаски не го коментирам, не е достоинствено. Од Славејков до денес, реториката е иста. Како овие луѓе не сфаќаат дека не се брише она што самото време го потврдило: македонскиот народ стои цврсто со свои чисти карактеристики, од јазикот, културата и музиката до историјата и современото однесување, додека нивното однесување само прави поголем раздор!

Во сегашниот политички контекст, не постои решение кое би го отстранило бугарското вето за македонскиот пат кон Европската Унија, освен едно: Бугарија да покаже добра волја. Да избере да биде добар сосед – а не намќорест комшија. Европската иднина не се гради со негирање, туку со признавање. Со почитување, не со условување. Само така, двете држави можат да го надминат минатото и да го изградат идното – како соседи, но и како луѓе.

Македонците и Бугарите се два соседни народа – блиски по географија, поврзани со доза на историска испреплетеност, но секој со своја јасна патека. Блискоста е природна, но посебноста е непобитна. И токму во почитувањето на таа посебност лежи можноста за вистинско соседство – без претензии, без наметнување, само со разбирање. Нели идејата на ЕУ беше „обединети во различностите“?

Поврзани содржини