СЗО И ЕУ СО ПОФАЛБИ ЗА МАКЕДОНСКАТА НАВРЕМЕНА РЕАКЦИЈА Досега немале толку брза и ефикасна мисија за спасување и трансфер на пациенти
Д-р Игор Маџовски детално објаснуваше како течеле подготовките за прием на пациентите во часовите по несреќата во Кочани.
Брзо и ефикасно течеле подготовките на македонскиот медицински персонал за помош и за згрижување на пациентите од пожарот од Кочани, помошта од соседните земји и активирањето на механизмот на ЕУ придонеле за згрижување на посложените случаи, информираше на денешната прес-конференција во Владата, д-р Игор Мерџановски.
И високи претставници од СЗО и од механизмот од цивилна заштита ги поздравиле одлуките за трансфер на критичните пациенти во други земји, првин во соседните, Србија, Бугарија и Грција, а потоа и во останатите земји. Засега повредените и згрижените во македонските болници се во стабилна состојба. Утрово во 04.30 часот авионски биле трансферирани уште двајца критични пациенти. Тимовите од другите земји позитивно ја оцениле одлуката за активирањето на системот на цивилна заштита на ЕУ, како и самиот процес на прием на пациенти и трансфер во македонските, соседните и во земјите коишто примаа македонски пациенти.
За 20 минути биле мобилизирани лекарите, болниците и хеликоптерската единица
Мерџановски детално објаснуваше како течеле подготовките за прием на пациентите од Кочани.
По дојавата од раководителот на Ургентниот центар околу 03:00 часот, веднаш почнала мобилизацијата на терцијарното и на секундарното здравство на трите болници во Скопје, Градската општа болница, „Мајка Тереза“ и ГОБ „8 Септември“, истиот момент била алармирана и Владата и веднаш биле свикани двата кризни штаба.
На прес-конференцијата д-р Мерџановски појасни дека едниот бил во МВР, состанокот бил одржан околу 04.00 часот. За најмногу 20 минути по дојавата од Ургентниот центар, 30-40% од капацитетот на лекарите, сестрите и болничарите биле на работа. Првите пациенти биле носени со приватни возила, почнале да доаѓаат и амбулантните возила. Како што објасни Мерџановски, во кризниот штаб во МВР кој бил во полн состав почнале да ги пренасочуваат повредените во болницата во Кочани, Штип, активирана била итната медицинска помош, била вклучена и хеликоптерска единица во спасувачката мисија.
„Пред месец и пол вежбавме за слична ситуација, не верувавме дека ова навистина ќе се случи“
– Кога заврши пренасочувањето од кризниот штаб, МВР се врати во кризниот штаб во клиничката болница „Мајка Тереза“ каде што околу 15 доктори и медицински сестри го формиравме тој кризен штаб – којшто претходно, се сеќавате, пред месец и пол – со МВР, противпожарната единица, Министерството за здравство направивме една голема вежба со слично сценарио така што не ни беше верно дека истата ситуација ни се случува 1 месец после вежбата – рече Мерџановски.
По приемот на пациентите, по тријажата почнала распределбата по клиники за пластична хирургија, клиниката за интензивно лекување, собата за заздравување…
– Во консултација со Владата на Република Македонија со директен контакт на сите координативни тела, коишто се вклучени за контрола на овие 2 кризни штаба, донесовме заклучок дека толку пациенти терцијарното здравство во Република Македонија нема можност да ги згрижи, ниту, пак, да пружи соодветна медицинска помош. Конзилиумот на кризниот штаб во клиничката болница „Мајка Тереза“ во којшто сите и од другите болници беа присутни одлучивме, дека во истиот момент, поради целата оваа несреќа и поради големиот од наплив на пациенти, коишто доаѓаа во Клиничкиот центар и во другите болници, се решивме во координација со Владата на Република Македонија да одлучиме да го активираме системот за цивилна заштита на ЕУ каде што сме партиципиенти – рече Мерџановски.
Првата помош пристигнала од соседите
Почнале да пристигаат понуди за прим на пациенти, но ниедна земја или болница не можела да прими одеднаш голем број пациенти бидејќи вакви пациенти се лекуваат изолирано од останатите. Првата помош пристигнала од соседите, Србија, каде што со македонски и со нивни возила биле пренесени повредените, од Бугарија, каде што се префрлени во тамошните болници, и од Грција.
– Веќе околу 11 часот почнавме со трансфер на нашите соседи. По вклучувањето на механизмот на ЕУ за цивилна заштита почнаа да стигаат авиони и така ги пренесовме сите тешки пациенти кои бараа сериозни услови за лекување – објасни д-р Мерџановски.
Би сакал да кажам дека „Мајка Тереза“, ГОБ „8 септември“ и Градската општа болница, додаде тој, на првиот наплив, покрај тријажата којашто е направија, задржаа неколку пациенти за лекување коишто беа во подобра здравствена состојба.
– Би сакал да ја информирам македонската јавност дека последниот авион со двајца потешки случаи утринава во 4.30 часот ги префрли и во моментов сега пациентите, коишто се наоѓаат во Република Македонија, се згрижени. Не очекуваме да имаме влошување на нивната состојба, од центрите каде што ги пративме нашите пациенти добиваме повратни информации дека сега засега бројката на пациентите останува иста, дека немаме починат пациент – рече Мерџановски.
СЗО ја поздравила одлуката за трансфер на критичните пациенти
Одлуката на конзилиумот за трансфер на критичните пациенти била поздравена од СЗО и од координаторот на механизмот на цивилна заштита од ЕУ. Медицинскиот тим од недела сè уште работи на спасување на македонските граѓани.
– Да ве известам дека денеска имавме координативен состанок на којшто присуствуваа директорот на Светската здравствена организација за овој регион, а дојден беше и координаторот од механизмот за цивилна заштита од Брисел. Тие на самиот брифинг, што го правевме со министерот за здравство, го донесоа заклучокот дека конзилиумот што се решил да ги трансферира пациентите, во соработка со сите системи кои ги имаме и со насока на Владата на Република Македонија, е одличен, нѐ поздравија и ни кажаа дека толку брзо трансферирање на толку голем број на пациенти досега немале како мисија бидејќи стануваше збор за многу авиони што носеа по двајца пациенти, најмногу 7 пациенти. Исто така, би сакал да кажам дека медицинскиот тим за кој од недела до денеска, за нас, е уште еден ден, сè уште работи и се надевам дека во оваа мисија на спасување на нашите сограѓани ќе успееме – рече д-р Мерџановски.
Тој им се заблагодари на тимовите – кои дошле набругу по несреќата од Израел, Белгија, Србија од Обединетото Кралство – за поддршката, а рече и дека добиваат насоки, како и тоа дека македонските тимови не добиле негативна оценка, за што јавноста беше информирана преку медиумите.