СЕ ОЧЕКУВААТ ТЕНЗИИ ВО СУДНИЦАТА Манев ќе се соочи со Палчо откако сведочеше дека тој пукал во Вања и во Панче
На последното рочиште Манев откри непознати моменти од страшното злосторство врз детето Вања - дека ја грабнале по грешка, наместо некоја 40-годишна ќерка на бизнисмен, што живее во зградата, како и дека на кобниот 27 ноември 2023 година им бил трет, а не втор обид за грабнување на таа жена од влезот во зградата во која живееше и Вања.
Скопјанецот Љупчо Палевски Палчо, првообвинет за грабнувањата и за убиствата на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Велес на денешното рочиште во Кривичниот суд ќе го испрашува второобвинетиот за злосторствата, велешанецот Велибор Манев.
Се очекува дека рочиштето ќе биде тензично, со оглед дека Манев на минатото рочиште призна сè и директно го посочи Палевски како убиец на двете жртви, а Палчо за време на целото судење негира дека е вмешан и тврди дека полицијата и Обвинителството политички го местат.
На претходното рочиште првообвинетиот Палевски беше седнат во последните редови во судницата, најдалеку од пултот за сведочење, за да не може да му дофрла на Манев додека го дава исказот. И на тоа рочиште се очекуваше соочување на двајцата обвинети, но исказот на Манев траеше долго, по што го испрашуваа и двете обвинителки, па немаше време за прашањата од останатите обвинети.
Палевски по екстрадицијата од Турција, минатото лето, од притвор успеа да пушти неколку обраќања до јавноста во кои тврдеше дека убиецот на Панче и на Вања е Велибор Манев, а дека тој воопшто не знаел што планираат останатите тројца обвинети, односно Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Тврдеше и дека е жртва на политички прогон.
Минатата среда Палевски за време на исказот на Манев беше ладен и смирен. Не дофрлуваше, туку запишуваше на хартија и се дошепнуваше со своите адвокати. И Манев беше смирен и зборуваше јасно и разговетно, без многу емоции.
Тој откри нови, непознати моменти од страшното злосторство врз детето Вања.
Рече дека Вања ја грабнале по грешка, а требало да грабнат жена на околу 40-годишна возраст, ќерка на некој бизнисмен, што живее во зградата. Откри и дека на кобниот 27 ноември 2023 година им бил трет, а не втор обид за грабнување на таа жена од влезот.
Додека раскажуваше како со Видевски ја врзале Вања и ја ставиле во вреќа, без да ѝ го видат лицето во темниот влез, таткото на девојчето Александар Ѓорчевски, кој е петтообвинет за помагање во грабнувањето, почна да се тресе од раскажаните детали, по што го изнесоа од судницата.
Најтешките моменти од сведочењето на Манев беа кога раскажа како го замолил Палчо да не го убива девојчето, затоа што ја грабнале по грешка, а таа не им ги видела маскираните лица, но тој го замолчел.
– Тој повторно почна да кажува да прекинам, дека ништо не разбирам, дека сè е таман, сè е чисто, нема што да се бере гајле. Дека првичната сума што ни ја понудил нема да може да се земе. дека ќе биде помала. Ние замолчевме. Се свртив да гледам кон лозјето, да видам во која од таму направените соби да се внесе девојчето. Додека гледав, Палевски пријде на детето со пиштол, со перниче во рака, му го испука куршумот преку перниче. Јас бев надвор од себе. Палевски се врати во пикапот, извади копач, мотика и ашов. Нови, неупотребувани. Ги фрли кон нас и ни нареди да ископаме дупка, за да се закопа детето. Копавме во таа смрзната земја. Тој ја фати од кај главата, ми рече ти земи ја, па јас и Влатко ја фативме кај нозете и заедно со Палевски ја спуштивме во дупката. Палевски ја извлече вреќата за спиење и ја фрли во цитроенот, со зборовите „и ова ќе гори“ – сведочеше Манев.
Тој раскажа дека не очекувал дека ќе има убиства, само грабнувања и дека Палевски му ветил 150.000 евра. По убиството на Панче не се откажал од грабнувањето на жената, затоа што Палевски му се заканил дека ќе го убие и него и неговата фамилија.
Според Манев, на Палчо пред 2 и пол години му дошла идеја некого да грабнат, за да земат откуп, и со парите да се финансираат и себеси и партијата Десна, на која Палевски беше претседател. Планот им бил да направат голема дупка во земјата, земуница и во неа да го чуваат неколку дена грабнатото лице.
Манев ја направил таа земуница во 2022 година во месноста Рудник, цела година пред убиствата на Панче и на Вања. Палчо им велел дека им треба некое старо возило, или возило на некој пензионер, со кое ќе го извршат грабнувањето на жената од Дебар Маало, за која им зборувал. Така на Велибор му текнало дека Панче Жежовски му должи пари и предложил да го земат неговиот „цитроен“. Тој тврди дека не знаел дека ќе се случи убиство. Си мислел, односно, Палчо му велел дека ќе го грабнат Панче и ќе го однесат во дупката. Потоа со колата на Панче ќе ја грабнат жената, ќе ја стават во дупката, а Панче ќе го извадат, ќе му ја вратат колата и ќе го пуштат да си оди.
Тој раскажа како по насоки на Палевски го грабнале Панче на 22 ноември 2023 година од неговата куќа во Велес, го ставиле во церада па во гепек и се одвезле кон дупката.
– Го извадивме Панче, тргнавме да го спуштаме по скалите кон дупката. Беше на самиот отвор. Кешишев остана 300 метри подоле, да чека. Јас се наведнав да го одврзувам, а Палевски влета наеднаш и му испука куршум во слепоочницата на Панче. Јас останав, како да кажам, едноставно без зборови. Срипав од местото, излегов од шумичката која беше обраснала врз самата земуница, бев пред колабирање, се тресев од тоа што го видов. Во меѓувреме го видов и Боре како излегува од самото место, а Палевски го видов како го превртува Панче во дупката сосе церадата. Палчо дојде до мене, јас го прашав зошто ова, не требаше вака, тој ми рече, вака е почисто, нема што да се секираш. Јас му реков дека не сакам вака да продолжам, оти за вакво нешто не сум ни помислил. Тогаш ме подбутна со раката и ми рече, да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија – сведочеше второобвинетиот Манев.
Значајно од сведочењето на Манев е и тоа што тој рече дека не го познава таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и дека тој не е вмешан во грабнувањето на девојчето. Во истрагата посочил дека таткото е вмешан, но, како што сведочеше пред Судот, тоа го сторил под силно тепање и тортура од полицијата.