ПУТИН МУ ИСПРАТИ НА ТРАМП ЛИСТА СО БАРАЊА ЗА МИР ВО УКРАИНА Американски преговарач оди во Москва
Не се знае што точно има на списокот со барања испратени од Москва, ниту дали Русија е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред Америка да ги прифати нејзините услови.
Руските власти испратиле до САД список со барања за договор што ќе ја заврши војната и ќе овозможи обновува на односите Москва – Вашингтон.
Британската агенција Ројтерс која ја објави информацијата, не прецизира што точно има на списокот со барања испратени од Москва, ниту дали Русија е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред Америка да ги прифати нејзините услови.
Изворите на Ројтерс ги опишаа овие услови како општи и слични на барањата што Москва претходно ги постави кон Украина, САД и НАТО.
Претходни услови вклучуваа барање Украина да не стане членка на НАТО, договор со кој ќе се забрани распоредување на странски трупи во Украина и меѓународно признавање на тврдењето на рускиот претседател Владимир Путин дека полуостровот Крим и четирите украински региони и припаѓаат на Русија.
Се потсетува дека во последниве години Русија исто така побара од САД и НАТО да ги решат, како што ги нарече, „основните причини“ што доведоа до војната, вклучувајќи го и проширувањето на Алијансата кон исток.
Американскиот претседател Доналд Трамп чека одговор од Путин за тоа дали Русија ќе се согласи на 30-дневен прекин на огнот што украинскиот претседател Володимир Зеленски пред два дена рече дека ќе го прифати како прв чекор кон мировните преговори.
Трамп претходно изјави дека неговиот преговарач „во моментов“ оди во Русија на разговори за можен прекин на огнот со Украина, откако Киев се согласи на 30-дневен прекин на огнот.
– Одлуката сега е на Русија. Сепак, имаме добри односи со двете страни. Ќе видиме…Луѓето сега одат во Русија. И се надевам дека можеме да добиеме прекин на огнот од Русија – рече Трамп за време на средбата со ирскиот премиер.
Американскиот претседател не прецизираше кога повторно ќе разговара со Путин, но додаде дека се надева дека ќе се согласи на прекин на огнот.