СО КОЛКУ ПАРИ РАСПОЛАГААТ НЕБАНКАРСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ? Дури 65,5% од парите се на пензиските фондови

Овие финансиски институции кои се вбројуваат во останатите финансиски друштва (ОФИ) учествуваат со 21,2% во средствата на финансиските институции.

787

Вo четвртиот квартал на 2024 година фондовите осигурителните друштва, друштвата за управување со инвестициските фондови, финансиските друштва и друштвата даватели на финансиски лизинг располагале со 255.271 милиони денари, што претставува квартален раст од 12.464 милиона денари, покажуваат кварталните податоци на Народна банка.

Небанкарските финансиски институции кои се вбројуваат во останатите финансиски друштва (ОФИ) учествуваат со 21,2% во средствата на финансиските институции.






Во рамки на структурата на ОФИ, најголемо учество од 65,5% во вкупните средства на овие институции имаат пензиските фондови, по што следуваат осигурителните друштва со учество од 14,6%.

Најголемиот дел од парите овие институции ги вложуваат во должнички и сопственички хартии од вредност (учество од 51,9% и 26,3%, соодветно), додека на страната на обврските, најголем дел се однесува на техничките резерви на осигурувањето и на капиталните сметки (учество од 53,1% и 37,8%, соодветно).

Анализирано по инструменти, на страната на средствата, растот на квартална и на годишна основа пред сѐ е одраз на зголемените вложувања во должнички и сопственички хартии од вредност, а во помал обем и од валутите и депозитите и побарувањата врз основа на кредити.

На страната на обврските, промената кај двете основи во најголем дел се должи на зголемените капитални сметки и техничките резерви на осигурувањето.

Во четвриот квартал на 2024 година, кварталната и годишната стапка на раст на вкупните средства на пензиските фондови (задолжителни и доброволни) изнесуваат 5,1% и 20,5%, соодветно. Нагорната промена кај двете основи се должи на повисоките вложувања во должнички и сопственички хартии од вредност, при дополнителен позитивен придонес и на останатите побарувања, со исклучок на валутите и депозитите кај коишто е забележан пад на средствата.

На страната на обврските, кварталниот и годишниот раст во целост произлегуваат од зголемените капитални сметки и техничките резерви на осигурувањето.

Вкупните средства на осигурителните друштва, овој квартал, остварија квартален пад од 1,2%, како резултат на намалувањето на останатите побарувања и техничките резерви на осигурувањето, во услови на забележан раст кај останатите инструменти. Во споредба со четвртиот квартал минатата година, средствата на осигурителните друштва се зголемени за 8,2%.Тоа е резултат на повисоките инвестирања во должнички и сопственички хартии од вредност, со дополнителен позитивен придонес и на останатите компоненти.

На страната на обврските, кварталното намалување пред сè се должи на падот на останатите обврски и техничките резерви на осигурувањето, во услови на остварен раст кај капиталните сметки. Годишниот раст на обврските главно е резултат на зголемените технички резерви на осигурувањето, а во помал дел и на капиталните сметки.

Во четвртиот квартал на годината, вкупните средства на инвестициските фондови бележат квартален и годишен раст од 20,6% и 60,6%, соодветно, во најголем дел поради повисоките валути и депозити и вложувањата во сопственички и должнички хартии од вредност.

На страната на обврските, растот на квартално и на годишно ниво е одраз на зголемените капитални сметки.

Вкупните средства на финансиските друштва забележаа квартално и годишно зголемување од 2,7% и 12,7%, соодветно.

Најголемиот дел од средствата на овој потсектор се однесуваат на побарувањата врз основа на кредити, коишто на крајот на декември изнесуваат 10.623 милиони денари. Кварталната и годишната стапка на раст на кредитната активност на финансиските друштва изнесуваат 0,8% и 8,9%, соодветно. Дополнителен придонес кон растот на средствата кај двете основи имаат и останатите побарувања, а на квартална основа и вложувањата во должнички хартии од вредност.

На страната на обврските, промената на квартална основа во целост се должи на растот на капиталните сметки, додека годишната промена во поголем дел произлегува од зголемените капитални сметки и обврски врз основа на кредити, при помал дополнителен придонес и на останатите обврски.

Вкупните средства на друштвата даватели на финансиски лизинг, овој квартал, бележат квартален и годишен раст од 5,2% и 29,2%, соодветно.

Најголемиот дел од средствата на овој потсектор се побарувањата врз основа на кредитите, коишто достигнаа 10.315 милиони денари и се зголемија на квартално и на годишно ниво за 4,0% и 24,4%, соодветно.

На страната на обврските, кварталниот раст главно произлегува од повисоките обврски врз основа на кредити, а во помал обем и од зголемените капитални сметки, при забележано намалување кај останатите обврски. Годишниот раст е предводен од зголемените обврски врз основа на кредити, а позитивно влијание имаат и капиталните сметки и останатите обврски.

Во четвртиот квартал на 2024 година, вкупните средства на друштвата за управување со пензиските и инвестициските фондови се зголемени за 5,3% на квартална основа. Тоа е резултат на  растот на валутите и депозитите и должничките хартии од вредност, со дополнителен позитивен придонес и на останатите компоненти, во услови на мал пад кај побарувањата врз основа на кредити.

На годишна основа, средствата на овој потсектор бележат раст од 11,5% во најголем дел како резултат на растот на должничките хартии од вредност, валутите и депозитите и сопственичките хартии од вредност. На страната на обврските, растот кај двете основи целосно произлегува од повисоките капитални сметки и останатите обврски.

Во останатите финансиски институции (OFI) се вклучени: инвестициските фондови, пензиските фондови, осигурителните друштва, друштвата за управување со инвестициските фондови и друштвата за управување со пензиските фондови, финансиските друштва и друштвата даватели на финансиски лизинг.

Поврзани содржини