СДСМ се разбира во надворешна политика колку Венко Филипче во воена музика
Рамките на идниот мировен договор за Украина веќе се договорени. ЕУ и Америка нема да војуваат едни против други. Трамп најверојатно нема да умре за три месеци. Нема да умре ни ВМРО. Харис Џиновиќ нема наскоро да одржи концерт ви Дубаи. Во Мајами е како во Мајами. Што друго да кажам, за Венко Филипче малку подобро да ги навие „компасот“?
По повлекувањето на големите македонски лидери Киро Глигоров и Бранко Црвенковски од политиката, СДСМ нема политичари кои на научно, интелектуално и интуитивно ниво ги разбираат надворешната политика и глобалните трендови на светската политичка сцена.
За Зоран Заев знаеме дека беше полиглот, нели, но тој политиката генерално, а посебно надворешната, ја разбираше како вештина со која сервилниот муртински итрец се борел за тезга и на пазариштата во Горни Милановац и Белград, на пример. Неговиот карактер е неговиот дискурс и со тоа е кажано се.
Околу Заев секогаш имаше еден буљук аналитичари (некои и сериозни), многу суфлери и еден високо обожаван филозоф копролит од Орешани, фосилизиран измет исфрлен уште во славните времиња на таа партија. Но, едно е да се продава „памет“ и да се глуми „калиф наместо калифот“, а сосема друго да се води политика.
Последниот настап на новинарот и аналитичар Сашо Ордановски на Канал 5 – чија слобода да го каже она што го кажа секако не смее да се оспори – јасно покажува дека поранешната власт на СДСМ и на ДУИ била „мудро“ советувана македонското стратешко партнерство со САД да го разбере и да го практикува како отворено навивање за Џозеф Бајден и за неговата наследничка Камала Харис, но и како уште поотворена, неумерена и на моменти зачинета со говор на омраза, жестока критика на новиот претседател Доналд Трамп.
Ќе повторам уште еднаш – вакво навивање и фаќање страна во политиката на независна Македонија немало никогаш!
И што вика „компасот“ на Венко Филипче?
Како и да е, изгледа дека тоа е „компасот“ што новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, инаку маша на нашиот шеик од задграничниот комитет на социјалдемократите во Дубаи, го смета за клучна алатка со која треба да се води нашата надворешна политика, а на премиерот Христијан Мицкоски, ете, баш таа му недостасувала.
Тоа, наводно, го покажало и последното гласање за резолуциите за Украина во ОН. Од тоа, СДСМ заклучува дека „македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети“. Се разбира, она што ги нервира Филипче и буљукот суфлери е фактот што владата на Мицкоски прифатила да биде коспонзор на американската резолуција, а потоа гласала воздржано. Нема ни помисла, се разбира, дека имало некои други причини за тоа, или дека можеби станува збор и за договорен тактички потег, а не за импровизација.
Но, многу поважно е да се каже дека „компасот“ на СДСМ, за она што се случува на глобалната политичка сцена, покажува дека Македонија ги губела позициите во Европската унија, поддржувајќи ја политиката на Трамп. Оваа теза се темели на сознанието на „генијалците“ од Бихаќка дека САД и Европа влегуваат во меѓусебна војна, во која Европа, предводена од Германецот Мерц и од Французот Макрон, нормално, ќе ја победат Трампова Америка. И Европа пак ќе биде голема, а Америка – нема.
Ви велам … СДСМ се разбира во надворешна политика колку Филипче во воена музика.
Или, колку што Сашо Ордановски се разбира во глобалните комуникации и медиуми, предвидувајќи ја пропаста на интернетот уште пред петнаесеттина години.
Или, колку што копролитот од Орешани се разбира од погребалниот бизнис, поради својата пуста и неостварена желба да ги погреба ВМРО, македонската историја, сегашната Македонија и сите Македонци кои не се идентификуваат со ентитетот што будалиот го нарекува „Нордот“.
СДСМ не знае дека Европа е во криза
Нејсе, да се вратиме на куса анализа на клучната хипотеза, која го обликува разбирањето на „генијалците“ од Бихаќка на она што се случува во светот во оваа значајна историска секвенца.
Пред се, СДСМ не знае дека западна Европа е во длабока економска криза, која е структурна, а не само криза предизвикана од недостиг на евтини енергенски и други ресурси. Најразвиените земји на ЕУ сериозно заостануваат зад САД, зад Кина и зад повеќе други земји во светот, во својот научен и технолошки развој. Тоа е и втората важна причина за нивното големо економско заостанување.
Првата причина, се разбира, се огромните издатоци за финансиската, економска и за воената поддршка на напорите на Бајденовата администрација да го постигне невозможното – војната во Украина да ја оконча со исполнување на „планот за победа“ на авантуристот Зеленски и со пораз на Путин.
Делумно поради инерција и делумно во страв од подемот на конзервативните идеи и политички формации, дел од европските лидери и бриселските бирократи уште извесно време ќе продолжат да заговараат масивна поддршка за Украина. Тоа е истата погубна тактика со која Бајденовата пропаганда успеваше да ги продолжи војната и страдањата на украинскиот народ, секогаш кога на хоризонтот ќе се појавеа некакви, макар и нереални мировни иницијативи.
Само СДСМ не сфатил каков ќе биде договорот за мир во Украина
Оној што се разбира во воена музика, Филипче имено, треба малку повнимателно да следи што се случува деновиве и многу повеќе да чита, наместо да се ложи на анализите на нашите локални „нострадамуси“ и на поетичните изблици на копролитот од Орешани. Бидејќи, ако чита, можеби ќе научи некои важни работи.
На пример, можеби ќе сфати дека рамките на идниот мировен договор за Украина веќе се договорени. САД ќе останат стратешки присутни во Украина, а гаранција за тоа ќе биде нивниот договор со Киев за минералите, кој веќе не е спорен (Зеленски патува во Вашингтон да го потпише). Русија ќе добие територија и гаранција дека Украина нема да стане членка на НАТО. Но, Украина може да стане членка на Европската унија и Зеленски ќе биде среќен. Трамп нема ништо против тоа ЕУ итно да ја прими во членство земјата за чие уништување и Унијата е делумно виновна, да ѝ обезбеди безбедносни гаранции во форма на воено присуство на европски мировници (за тоа, сепак, ќе мора и Русија да се праша) и најважно од се, да го преземе најголемиот, а ако инсистира и целиот товар на обновата на Украина. Таа работа, според последните проценки, ќе чини над 500 милијарди евра, а како што тоа обично бидува, на крајот сумата ќе достигне најмалку 1 трилион евра. Ако има крај …
Можеби Трамп е ваков или онаков, но тој нема намера да ја спречи ЕУ и натаму самата себеси да се исцрпува со поддршка на Украина, се разбира, под услов војната да заврши. Ако европските лидери сакаат да бидат главни во процесот на обновата на земјата, ако сметаат дека имаат моќ, капацитети и знаење тоа да го направат самите, зошто Трамп, откако ќе си го стокми својот пазар со Зеленски, би ги обесхрабрувал?
Впрочем, средбата на Трамп со Макрон во Вашингтон покажа дека нивните разлики за тоа како треба да се брка оваа работа со Украина се далеку од непремостливи. Напротив. Макрон не е глупав и многу добро знае дека во фаза кога преговорите на Трамп со Путин и со Зеленски за окончување на војната се напреднати до фаза во која клучните принципи се речиси договорени, Европа не може и не смее да го блокира ветувачкиот мировен процес. Во тој контекст, прашањето на резолуциите во ОН, на кое се пали лидерот кој се разбира во воена музика, е прашање на „уметнички впечаток“. И тоа Мицкоски го сфати одлично, многу подобро од српскиот претседател Вучиќ, кој призна дека згрешил.
Европа воена суперсила како Заевата патека за Формула 1
Втората крупна хипотеза на која се темелат проценките на „генијалците“ од Бихаќка на глобалните трендови во светската политика е дека многу скоро ќе гледаме брзо економско зајакнување на земјите на ЕУ, нивно експресно вооружување и создавање на една идна европска армија под единствена команда (тука би се вклучиле и Британците, нели), која ќе може да им конкурира на американската, на руската и на кинеската. Тоа брзо ќе било, како што Заев изгради патека за Формула 1 …
Ова размислување од типот „радуј се такво на пијано онакво“ веројатно е пригодно за некоја журка во Дубаи, или за гостување во „Само интервју“ на Канал 5, но со него да се води политика на партија која претендира еден ден да се врати на власт – тоа е глупо ко ноќ. Но еве, за љубов на Филипче, дури и да ја прифатиме претпоставката дека земјите членки на Европската унија, иако прилично разединети за најважните стратешки прашања, уште утре изутрина ќе се обединат и ќе почнат да се развиваат како голема, светска суперсила. Ако биде така, за тоа ќе ѝ бидат потребни најмалку десет години. И тоа, внимавајте, десет години во кои Трамп ќе им го чува грбот на Европејците од Путинова Русија.
Зеленски, кој можеби и не е толку „зелен“ како што изгледа, во еден чуден луциден интервал, на своите поддржувачи од ЕУ јасно им кажа што ќе се случи ако Трамп одлучи да ги повлече американските трупи од Европа и ако ги затвори американските бази – неколку членки на ЕУ, поранешни членки на Варшавскиот договор, по пат на внатрешни политички превирања, ќе го сменат курсот и ќе ѝ се придружат на Русија. Путин би можел да ги освои без испукан куршум!
Европа нема да војува со Америка, Бихаќка ќе остане разочарана
Да, апсолутно се согласувам дека Европската унија неизбежно ќе мора да го изгради својот идентитет на вистинска унија, во која политиките ќе се градат на реална основа и ефикасно. ЕУ сега е една бирократизирана и неефикасна организација, со секташки пристап во одлучување и со декларативно залагање за проширување, кое не се базира на демократски вредности и фер принципи, туку на обесхрабрувачки процедури, кои и самите не се почитуваат кога на сила стапува политиката на вето. Таква ЕУ и такво НАТО, без темелно да се реформираат, не само што не можат да прераснат во суперсила, туку тешко ќе опстанат во сегашниот облик. Не би се осмелил да предвидам дека ќе пропаднат, но ќе боледуваат.
Ете, другарки и другарчиња, тоа е она што сега се случува на глобалната политичка сцена. За жал на СДСМ, како и на нивните советници, суфлери и на уникатниот копролит од Орешани, Европа нема да војува со Америка. Ниту Трамп ќе војува со Европа. Треба да се очекува сите сили да вложат разумно напори да се поврати глобалната рамнотежа на планетата, што ја растури политиката на Бајденовата администрација.
Тоа нема да биде лесно ни едноставно, бидејќи новата рамнотежа никогаш веќе нема да биде како старата, онаа од ерата на Студената војна. Тоа што некои луѓе во СДСМ и околу СДСМ, во своите анализи се уште се стасани само до Јалта и до мозочниот удар на Рузвелт, тоа е сериозен проблем на оној што се разбира во воена музика, а сака да дели лекции за надворешна политика.
И ако нема намера да се усериози, да не речам да се скурдепса, тогаш сепак ќе е најдобро да се држи до журките во Дубаи и до Харис Џиновиќ. Или до излети во Мајами, на пример. Во секој случај, некаде каде што ќе биде свој на своето, каде што може да биде во елемент.