🎥 ЛАВ, РИС, ГРИФОН ИЛИ КОЗА, КОЈ Е НАЈДОБРИОТ СИМБОЛ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ГРБ? Експертот Јоновски ги расчистува дилемите на јавноста

Грбот треба да се промени, но треба да се најде подобро решение. Доколку решението е полошо, подобро е грбот воопшто да не се менува, потенцира претседателот на Македонското грбословно друштво и еден од водечките експерти за хералдика во Македонија, д-р Јован Јоновски.

1,220

Кои се можните решенија за промена на државниот грб на Македонија? Која е симболиката на лавот и на сонцето и како тие се поврзани со македонската историја и култура? Зошто рисот би бил несоодветен избор за грбовен симбол, а зошто козата би можела да претставува решение?

На овие прашања одговара д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво и еден од водечките експерти за хералдика во Македонија, кој беше гостин во поткастот на Плусинфо.






Д-р Јоновски зборува за тема која е актуелна овој период – дебатата за промена на македонскиот државен грб. Како претседател на Македонското грбословно друштво, тој го објаснува значењето на државниот грб, а се осврнува и на разликите меѓу социјалистичките и традиционалните симболи. Д-р Јоновски посочува дека толкувањето на симболите е релативно.

– Ние ги составуваме грбовите од универзални симболи. Дали е сонце, лав, орел, што и да е… Чувството, што го добиваме, е индивидуално или групно. За пример да ја земеме петокраката. Нам не потсетува на црвена петокрака, на социјализмот. И Американците ја имаат истата ѕвезда петокрака, но нив не ги потсетува на социјализмот во ниеден случај – потенцира д-р Јоновски.

Претседателот на Македонското грбословно друштво истакнува дека многу од симболите, традиционални за оваа земја, се резултат на средновековното толкување на македонската историја во античкиот период. Во тој контекст, тој нуди интересно објаснување за потеклото на симболот на лавот, нагласувајќи притоа дека и козата е симбол, длабоко вкоренет во историјата и традицијата на овие простори.

Тој посочува дека „не треба да се измислува топла вода“, објаснувајќи дека веќе има доволно симболи кои се поврзани со Македонија. Најголемиот дел симболични претстави се со лав, вели д-р Јоновски, но не се само со лав.

– Следен е грифонот. Грифонот е артефакт, го има и во други грбови, не измислуваме нешто што не сме го виделе. Потоа ги имаме грбовите со 3 круни, со 3 ѕвона, имаме грб со коза. Ние можеме да извадиме нешто од тие грбови. Идејата е дека „Ајга“ значи коза – додава хералдот Јоновски, говорејќи за името на првата престолнина и еден од позначајните градови во времето на Македонското Кралство, Ајга.

Тој појаснува дека козата можеби не е поврзана со Ајга, туку дека тоа е европското средновековно сфаќање за симболиката, поврзана со Македонија како историски регион.

Д-р Јоновски приложува и свое мислење за промената на македонскиот грб, додавајќи дека ја поддржува промената на македонскиот грб ако се најде подобро решение.

– Јас би го сменил грбот ако добиеме нешто подобро. Смена само за смена, а да добиеме полошо решение, не сум за тоа – заклучува д-р Јоновски.

Во продолжение, последете го целото видео од поткастот.

Поврзани содржини