ПОСЛЕ 7 ОВЦИ, ПРОНАЈДЕНО УШТЕ ЕДНО МРТВО ЖИВОТНО? Хаос во Зоолошката градина, угина редок вид на мајмун
Дали е пронајден мртов мајмун од расата патас? Дали телото веднаш беше земено од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство и Ветеринарниот факултет за обдукција? Зошто се молчи за смртта на овие животни и зошто јавноста е држена во мрак?, прашува Кирков.
По угинатите седум берберски овци, советникот во Град Скопје, Стефан Кирков, открива дека уште едно животно е пронајдено мртво во сомнителни околности во скопската Зоолошка градина. Според него, ова претставува уште еден доказ за катастрофалната состојба во установата, а надлежните молчат за скандалот.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Стефан Кирков, кој е и кинолог, активист и сопственик на одгледувачница за француски булдог, ги повика МВР и Јавното обвинителство веднаш да влезат во Зоолошката градина и да постапат според законот.
– Скопската Зоолошка градина веќе три години е место каде што умираат животни во сомнителни околности. Оваа установа стана куќа на стравот, а досега никој не понесе одговорност. За време на директорувањето на Зоран Попов, кадар на Данела Арсовска, угинаа повеќе од 40 животни. Се случија големи инциденти, но од Попов не видовме ниту збор, а камоли одговорност – изјави Кирков.
Според сознанијата на ВМРО-ДПМНЕ, при последниот вонреден инспекциски надзор било пронајдено уште едно угинато животно, за кое постои сомнеж дека било обидувано да се скрие од јавноста и инспекторите.
– Оттука прашуваме: Дали е пронајден мртов мајмун од расата патас? Дали телото веднаш беше земено од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство и Ветеринарниот факултет за обдукција? Зошто се молчи за смртта на овие животни и зошто јавноста е држена во мрак? – прашува Кирков.
Не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и Градската организација на Либерално-демократската партија (ЛДП) бара итна одговорност за катастрофалната состојба во скопската Зоолошка градина. Од партијата директно ја обвинуваат градоначалничката Данела Арсовска и раководството на установата за, како што велат, сериозните пропусти што доведоа до масовни угинувања на животни.
– За време на неполниот мандат на Арсовска, сведоци бевме на шокантни настани во Зоолошката градина: коњи беа колени за храна, крв течеше на Илинденска, угинаа жирафи, слоницата, Царскиот орел, лавот Жика, а подоцна и ретките и заштитени Пржевалски коњи. Имавме епидемија на птичји грип, а сега дознаваме дека минатата недела угинал уште еден редок вид животно! – изјави претседателот на Градската организација на ЛДП, Филип Јакимовски.
ЛДП веќе подолго време бара одговорност од Арсовска и нејзините кадри, а сега иницираат и дискусија за враќање на можноста за разрешување на градоначалници. Според нив, актуелниот законски модел ги заштитува градоначалниците, спречувајќи нивно сменување без избори, што остава простор за несменливост и неказнивост.
До овој момент, ниту градоначалничката Данела Арсовска, ниту директорот на Зоолошката градина, Зоран Попов, не излегоа со реакција во врска со скандалот. Попов, кој беше поставен на функцијата в.д. директор на 18 јануари пред две години, досега не даде никакво јавно објаснување за катастрофалната состојба во градината.
Ова не е првпат да се соочуваме со криза во скопската Зоолошка градина. Минатиот октомври, градината беше затворена цели три недели поради појава на птичји грип. Во тој период беа усмртени повеќе од 30 птици, а активистите за заштита на животните најавија кривични пријави против директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, инспекторите и лицата што спроведоа евтаназија со оружје.
Скандалите во Зоолошката не стивнуваат, а јавноста сè погласно бара одговорност!
Редакцијата на Плусинфо се обиде да побара одговор за овие обвинувања, но засега нема официјална реакција од Зоолошката градина.