УРСУЛА ВОВЕДУВА „МЕНТАЛИТЕТ НА ИТНОСТ“ Членките на ЕУ ќе ги зголемат буџетите за одбрана

Ова ќе им овозможи на членките значително да ги зголемат буџетите за одбрана - изјави Фон дер Лајен на Минхенската безбедносна конференција.

691

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ мора да развие „менталитет на итност“ кога станува збор за безбедноста и најави олеснување на строгите правила за задолжување за да им се овозможи на европските држави да ги зголемат инвестициите во одбраната.

– Ова ќе им овозможи на членките значително да ги зголемат буџетите за одбрана – изјави Фон дер Лајен на Минхенската безбедносна конференција.






Според постојните правила, буџетскиот дефицит на земјите од ЕУ не смее да надмине 3 отсто од БДП, а јавниот долг не смее да надмине 60 проценти од БДП.

– Мораме да го усвоиме истиот менталитет на итност што го имавме при набавката на вакцини за коронавирусот – истакна шефицата на ЕК.

Таа нагласи дека во моментов европските земји трошат околу 2 отсто од БДП на одбраната, а лани вкупните издатоци се зголемени од 200 на 320 милијарди евра.

– Но, ќе мора значително да ги зголемиме овие инвестиции. Растот од 2% на 3% би значел стотици милијарди евра дополнителни вложувања – рече Фон дер Лајен, додавајќи дека дел од финансирањето може да дојде од заедничките фондови, вклучувајќи ја и Европската инвестициска банка, која засега не смее да кредитира воени проекти.

Говорејќи за Украина, Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ, која досега ѝ помогнала на земјата со 130 милијарди евра, може да обезбеди траен мир заедно со американскиот претседател Доналд Трамп.

– Претседателот Володимир Зеленски е подготвен да работи на мир кој ќе ја почитува жртвата на неговата земја и на неговите сонародници. (Рускиот претседател Владимир) Путин мора да покаже дека нема интерес да го продолжува војувањето и дека се откажал од амбициите за уништување на Украина. Неуспехот на Украина би значел и ослабување на Европа и на САД – заклучи шефицата на Еврокомисијата.

Мицотакис го поддржува предлогот

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку платформата Икс го поздрави предлогот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за активирање на клаузулата за ослободување, односно трошоците за одбраната да се исклучат од фискалните цели, јави дописничката на МИА од Атина.

„Грција долго време се залагаше за изземање на одбранбените инвестиции од фискалните ограничувања. Го поздравуваме предлогот на претседателката фон дер Лајен да ја активира клаузулата за ослободување, овозможувајќи им на земјите-членки на ЕУ да ги зајакнат своите одбранбени способности. Клучен чекор за нашата колективна безбедност“, напиша Мицотакис на Икс.

Грчкиот премиер пред десет дена во неговата колумна за „Фајненшл Тајмс“ пишуваше за потребата Европа да ги зголеми трошоците за својата одбрана, посочувајќи дека воените трошоци треба да бидат изземени од финансиските правила на ЕУ и паралелно предложи формирање нов европски инструмент, во висина од најмалку 100 милијарди евра евра, за финансирање на потребите за колективната одбрана. 

Поврзани содржини