МАКСТИЛ ЌЕ БАРА ДА МУ СЕ ВРАТАТ ПАРИТЕ ОД СОЛИДАРНИОТ ДАНОК Се откажува од исплата на затезната камата

Макстил не е засегнат од царините на САД бидејќи стапката ја плаќа и сега, но е загрижен доколку Европската Унија воведе контрацарина која ќе важи за сите земји надвор од Унијата.

775

Компаниите кои беа засегнати со плаќање на солидарниот данок очекуваат уште годинава да ги повратат парите, но се отворени да разговараат со Владата за начинот на кој ќе им бидат вратени.

Димитар Цветковски, генерален директор на компанијата Макстил која беше засегната со овој данок вели дека нема да бараат камата на уплатениот данок, но парите ќе ги бараат по стапување на сила на одлуката на Уставниот суд.






– Ќе си ги бараме парите од солидарниот данок. Процесот ќе го почнеме и нема да чекаме 5 години за да ни се вратат парите зашто е потребно тоа за буџетирање и за трошење. Подготвени сме со Владата и со Министерството за финансии да разговараме за за да најдеме точен модалитет за враќање на парите за динамиката на исплата. Нема да бараме камата, бидејќи сме фирма од оваа држава, не помина долго време од уплатата на данокот и не сакаме дополнително да го оптовариме буџетот на државата со парите од каматата од 4,3% – рече Цветковски на прес-конференција  на Советот на странски инвеститори на стопанската комора.

Тој ја поздрави одлуката на Уставниот суд и одлуката на Владата да не се меша во работењето на судот.

Владата сè уште не излегла со план како ќе ги враќа парите од солидарниот данок на компаниите кои беа засегнати со овој данок. Околу 200 компании кои во 2022 година остварија вкупен приход повисок од 10 милиони евра во 2023 година го платија овој данок. Стапката на солидарниот данок изнесуваше 30%.

Цветковски рече дека Макстил не е засегнат од царините на САД бидејќи стапката ја плаќа и сега, но е загрижен доколку Европската Унија воведе контрацарина која ќе важи за сите земји надвор од Унијата.

– И сега ги плаќаме тие тарифни стапки од 2018 година наваму, но разлика за нас ќе има ако Европската Унија воведе царини кои ќе важат покрај за САД и за сите трети земји, односно за сите кои не се во ЕУ, бидејќи 60 до 70% од нашиот извоз се реализира во Европската Унија – рече Цветковски.

Поврзани содржини